Враќањето на Филип Латинович
„Враќањето на Филип Латинович“ (хрватски: Povratak Filipa Latinovicza) — роман на хрватскиот писател Мирослав Крлежа.
Содржина
[уреди | уреди извор]По 23 години, сликарот Филип Латинович (чие вистинско име е Сигисмунд Казимир) се враќа во родното место. Најпрвин го посетува својот дом од каде во младоста го избркала мајка му откако тој украл пари, а потоа ја минал ноќта во бордел. Исто така, ја посетува трафиката која во минатото му припаѓала на мајка му Регина — жена со полско потекло (чие вистинско име било Казимјера), а потоа шета низ градот. Веќе цела година, Филип се наоѓа во мрачно расположение, уморен е од животот и нема инспирација за сликање. Додека шета низ градот нему му се враќаат спомените од животот: неговиот татко умрел кога тој бил на двегодишна возраст така што не се сеќава на него, но не е сигурен кој е неговиот вистински татко. Филип изнајмува кочија и заминува во селото Костањевец, каде живее мајка му. Додека минува крај некогашниот бордел, тој се сеќава на една случка од детството, кога првпат влегол во борделот, меѓутоа побегнал откако проститутката му раскажувала за мајка му. За време на престојот во Костањевец, еден ден избувнува пожар кај соседите, а Филип влегува во шталата и го спасува бикот, што го прославило неговото име во околината. По средбата со мајка му, тој е изненаден од неа, зашто таа била многу изменета: додека во минатото била строга, тивка и воздржана, сега таа уживала во храната, излетите и во животните удобности. Таа го измачува со барањето да го наслика нејзиниот портрет за подоцна да се откаже од идејата, незадоволна од начинот на кој е прикажана на сликата. Инаку, таа одржува врска со некогашниот жупан Силвие Липах, потомок на благородничко семејство, кој живее во спомените на Австроунгарската монархија. На Филип му се непријатни сите луѓе со кои се дружи мајка му, а единствено се дружи со Ксенија Радајева, двапати разведена жена, одговорна за стечајот на две банки. Таа живее со поранешниот адвокат Владимир Балочански, кому му го уништила животот и кој завршил в затвор, а кого подоцна го прифатила да живее со неа. Филип има необични односи со Ксенија со која се гледа секојдневно, но во неколку прилики е сведок на нејзиното развратно однесување. По некое време, во селото пристига Кирјалес, дамнешен познаник (веројатно и љубовник) на Ксенија. Тој предизвикува несигурност и страв кај Филип, кој чувствува голема одбивност кон него, но нема сила да му се спротивстави во текот на честите дебати. Еден ден, селаните го наоѓаат мртвото тело на Кирјалес, кој извршил самоубиство, фрлајќи се под возот. По тој настан, Ксенија бара пари од Филип, зашто има намера веднаш да отпатува во Хамбург, а Балочански го моли Филип да ја убеди Ксенија да остане во селото. Меѓу Филип и мајка му доаѓа до тешка кавга поради неговиот однос со Ксенија при што тој ја обвинува мајка си за неморалниот живот во минатото, а таа му кажува дека неговиот биолошки татко е Липах. За време на нивната расправа, во собата на Филип влегува Балочански, растроен и облеан во крв, кој му соопштува дека Ксенија нема да отпатува, а потоа бега од куќата. Филип трча по него, но Балочански исчезнува во ноќта, а Филип оди во куќата на Ксенија која лежи мртва на постелата.[1]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Miroslav Krleža, Povratak Filipa Latinovicza. Sarajevo: Svjetlost, 1966.