Виктор Каплан
Виктор Каплан (Мјурцушлаг, 27 ноември 1876 — 23 август 1934) бил австриски инженер и пронаоѓач на Каплановата турбина.
Животопис
[уреди | уреди извор]Каплан е роден на 27 ноември 1876 година во Мјурцушлаг, Австрија, во семејството на еден железнички работник. Завршил средно училиште во Виена во 1895 година, по што бил на Техничкиот универзитет во Виена, каде што студирал нискоградба и специјализирал за дизел мотори.
Од 1900 до 1901 година служел воена служба во Пула.
По работата во Виена и специјализацијата на мотори, Каплан се префрлил на Техничкиот универзитет во Брно за да врши истражување на Институтот за градежништво. Тој ги поминал следните три децении од својот живот во Брно, и сите негови изуми и истражувања се поврзани со неговиот професорски стаж таму. Станал редовен професор во 1909 година.
Во 1912 година ја објавил својата најистакната работа: Капланова турбина, турбина на вода која била посебно опремена за производство на електрична енергија од големите текови.
Од 1912 до 1913 година добил четири патенти за такви турбини.
Во 1913 година е именуван за шеф на Институтот за водени турбини.
Капланови турбини
[уреди | уреди извор]Првите Капланови турбини биле изградени во 1918 година во Австрија. После успехот на првата Капланова турбина, турбините почнале да се користат ширум светот, и до денас останале едни од најкористените видови на водени турбини. Во 1926 и 1934 година Каплан добил почесен докторат.
Починал од мозочен удар на 23 август 1934 година во Унтерах ам Атерсе, во Австрија.