Википедија:Избрана статија/2019/12
Клуж-Напока (романски: Cluj-Napoca, унгарски: Kolozsvár) — втор најнаселен град во Романија, по престолнината Букурешт, и седиште на истоимениот округ кој се наоѓа во северозападниот дел на земјата. Географски, градот е приближно еднакво оддалечен од Букурешт (324 км), Будимпешта (351 км) и Белград (322 км). Клуж-Напока се наоѓа по долината на реката Сомешул и се смета за неофицијална престолнина на историската провинција Трансилванија. Од 1790 до 1848 и во периодот 1861-1867 година, градот бил престолнина на Големото Кнежевство Трансилванија.
Според податоците од 2011 година, во градот живеат 324.576 жители, што претставува мало зголемување од бројката забележана во пописот од 2002 година. Градското подрачје на Клуж-Напока борои 411.379 жители, додека заедно со околината, населението надминува 420.000 жители. Според проценката од 2007 година, направена окружниот регистар на населението, градот бил домаќин на околу 20.000 студенти годишно во текот од 2004-2007. Во централното подрачј на Клуж-Напока се наоѓа црквата Свети Михаил, изградена во XIV век, а посветена на Архангел Михаил, кој е заштитник на градот. Границата на општината има површина од 179,52 км2.
Клуж-Напока доживеал голем пад во текот на 1990-тите години поради политиките на градоначалникот во тоа време, но денес градот е еден од најважните академски, културни, индустриски и трговски центри во Романија. Меѓу другите институции, градот е домаќин на најголемиот универзитет во Романија, „Бабеш Болјаи“, со неговата позната ботаничка градина, на неколку национално признати културни институции, како и на најголемата романска комерцијална банка. Во 2015 година, Клуж-Напока бил избран за Европска престолнина на младите. (Дознајте повеќе...)