Википедија:Избрана статија/2007/30

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Ченто држи говор на главниот плоштад во ослободено Скопје, 1944 год.

Методија Андонов - Ченто (18 август 1902 - 24 јули 1957) е македонски национален борец, деец и политичар и прв претседател на Президиумот на АСНОМ. Учествувал во подготовките и организацијата на свикувањето на АСНОМ. На почетокот од мај 1944 година заедно со Емануел Чучков и Кирил Петрушев заминуваат за Вис на средба со Народниот комитет за ослободување на Југославија на чело со Јосип Броз Тито. Средбата се одржува на 24 јуни при што македонската делегација го поставува прашањето за обединување на Македонија по ослободувањето од окупацијата. По враќањето од Вис, се привршуваат подготовките за одржување на АСНОМ на 2 август, кога Ченто е избран за претседател на Президиумот на АСНОМ на ова највисоко државно тело на Демократска Федерална Македонија (подоцна НР Македонија).

Ченто се противи 15-от македонски корпус да оди на Сремскиот фронт, се залага за обединување и поголема самостојност на Македонија, се противи на враќање на имотот на избеганите српски колонисти и се залага за поголема финансиска независност и залагање за сопствен буџет на Македонија и на останатите југословенски републики. Комунистите пополека му ја одземаат реалната власт и поради несогласувањето со мерките што ги преземаат комунистите, Ченто на 14 март 1946 година поднесува оставка на функцијата претседател на Президиумот на Народното Собрание на Македонија.