Прејди на содржината

Буковиќ (планина)

Координати: 41°38′14″N 20°56′10″E / 41.63722° СГШ; 20.93611° ИГД / 41.63722; 20.93611
Од Википедија — слободната енциклопедија
Буковиќ
Буковик
Поглед на планинското било
Највисока точка
Надм. вис.1.528 м
Матичен врвТепе
Координати41°38′14″N 20°56′10″E / 41.63722° СГШ; 20.93611° ИГД / 41.63722; 20.93611
Величина
Површина79 км2
Друго имеБуковик
Географија
Буковиќ is located in Македонија
Буковиќ
Буковиќ
Местоположба на Буковиќ во Македонија
Буковиќ на карта

Карта

МестоМакедонија Македонија
РегионГорно Кичево, Западна Македонија
Матичен венецСува Гора

Буковиќ или Буковик — средновисока планина во областа Горно Кичево во западна Македонија.

Местоположба и одлики

[уреди | уреди извор]
Главното планинско било на Буковиќ со врвот Тепе

Сместена е меѓу Полошката Котлина на север, Кичевската Котлина на југ, планината Бистра на запад и масивот на Добра Вода односно Челоица на исток. Планината е мала по површина, со 79 км2, и понекогаш се смета за дел од масивот на Сува Гора.[1].

Во средишниот дел, Буковиќ има поголем број карстни суводолици и вртачи. Главното било се протега во правец северозапад-југоисток, во должина од околу 10 км. Највисок врв е Тепе, со 1.528 м, а други повисоки врвови се Буковиќ (1.518 м), Чингирли Рид (1.441 м) и Колари (1.425 м). Источниот дел на планината се смета за посебен дел, и се нарекува Корито.

Во орографските описи на книгата Материјали по изучувањето на Македонија од македонскиот револуционер Ѓорче Петров е даден поопширен опис за Буковиќ при што е запишано дека таму каде што Шар Планина свртува кон југозапад, започнува и ниската и гола планина Влаиница, којашто се протега на исток, а како нејзино продолжение е Буковик, висока планина којашто во југоисточен правец се спушта близу до Кичево[2]. Во југоисточниот крај на Влаиница, имено, таму каде што таа се среќава со северниот крај на Бистра (тоа е кај изворот на Зајашка Река), започнува Буковик, којшто свртува на југоисток и завршува на 1,5 часа над Кичево[3]. Буковик е на половина повисок од Влаиница. Билото му е остро. Низ неговата средина има преслап по којшто минува патот Гостивар - Кичево[3]. Северната падина на Буковик е доста налегната. Неговите падини од југ го оградуваат Гостиварското Поле и достигнуваат до самиот Гостивар. По средината таа падина е длабоко пресечена од реката Лакавица. Целата северна страна на Буковик е покриена со дрвја, најмногу букови, од коишто и го добил своето име[3]. Планината е населена со Арнаути, поради што е опасен и страшен за патување[3]. Јужната падина на Буковик од кај Кичевско е помалку налегната. Таа е сосема гола, каменеста и безводна[3]. Како што од северната страна Буковиќ има бодар, дури страшен изглед, од јужната страна од кај Кичевско тој има мрачен и непријатен изглед[3]. Тој служи како вододелница меѓу Вардар преку неговата притока Лакавица и Велика (Треска) преку нејзината притока Зајашка Река[3].

Геологија

[уреди | уреди извор]

Геолошки, подината на Буковиќ е составена од палеозојски шкрилци, а врз нив смермерени тријаски варовници со дебелина 200 до 300 м. Поради овие одлики, Буковиќ низ времето доживеал силно скарстување и денес ги има сите карстни облици, вклучувајќи шкрапи, вртачи, ували, карстни полиња, скрастени долови, пештери и пропасти.

Знаменитости

[уреди | уреди извор]

На планината се издвојуваат две природни знаменитости:

  • Запод — карстно поле
  • Убавица (Ѓоновица) — една од најдолгите и забележителните пештери во земјата, заштитена како споменик на природата[4]

Галерија

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Група автори (2016). „Буковиќ“. Студија за геодиверзитетот и геонаследството на Република Македонија и другите компоненти на природата (PDF). Скопје: Министерство за животна средина и просторно планирање. стр. 117-118. ISBN 978-9989-110-90-0.
  2. Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 18. ISBN 978-608-245-113-8.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 44. ISBN 978-608-245-113-8.
  4. Студија за геодиверзитетот, стр. 172