Бел велосипед

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Бел велосипед во Градскиот парк во Скопје, поставен на 19 ноември 2015 година.

Бел велосипед (се сретнува и под имињата: велосипед-споменик, бел велосипед-споменик, дух-велосипед; англиски: Ghost bike) — велосипед кој е поставен како спомен-обележје покрај пат, на место каде некој велосипедист загинал или бил тешко повреден (најчесто од страна на моторно возило).[1][2] Покрај тоа што е споменик, служи и како потсетник на возачите на моторни возила кои минуваат покрај него дека и велосипедистите се рамноправен дел од сообраќајот и дека мора да внимаваат на нив и да им отстапуваат дел од патот, да ги пропуштаат на премин, да ги почитуваат, да им го заштитат животот. Истовремено, тие се потсетник и за властите да ги преиспитаат политиките во однос на планирањето на сообраќајот, акциите на полицијата итн.

Белите велосипеди-спомeници најчесто се расипани велосипеди, со прикачен натпис, заклучени на прикладен предмет во близина на местото на несреќата.

Историја[уреди | уреди извор]

Бел велосипед во Берлин, 2009 година: потполно исправен велосипед обоен во бело денес е вообичаен облик на спомен-обележје поставено покрај пат.
Бел велосипед во Чиле, со вообичаена мала куќичка како почит за жртвата во сообраќајна несреќа.

Според британскиот дневен весник „Гардијан“, првиот документиран бел велосипед бил поставен во Сент Луис, Мисури, САД, во 2003 година. Еден сведок на судар помеѓу кола и велосипедист поставил велосипед обоен во бело со испишана порака: „Велосипедист се судри тука.“[3]

Првичната идеја за бојадисување на велосипеди во бело според одредени извори датира уште во 1960-тите години во Амстердам како анархистички проект за јавен транспорт на две тркала: белите велосипеди биле бесплатни, се послужувале и ги оставале за друг да може да се послужи.[4]

Идејата за бел велосипед во САД најверојатно започнала со проект на уметникот Џо Слота од Сан Франциско, кој го започнал во април 2002 година. Ова било чисто уметнички потфат.[5] Слота бил заинтригиран од напуштени велосипеди кој ги наоѓал низ градот, заклучени но сите корисни делови извадени. Тој почнал да ги бојадисува бели, и да ги објавува фотографиите на својата интернет-страница ghostbike.net.[6] Како што идејата се здобила со различни намени, Џо Слота се соочил со дилема. За велосипедистите, Сан Франциско е еден од побезбедните градови во САД, но бели велосипеди-споменици почнале да никнуваат насекаде, менувајќи ја перцепцијата за неговиот проект.

Проектот за поставување на бели велосипеди-споменици започнал во Сент Луис во октомври 2003 година.[7] Откако бил сведок на тоа како возач на автомобил удрил велосипедист на велосипедска лента на булеварот „Холи Хилс“ во Сент Луис, Патрик ван дер Тујн поставил велосипед обоен во бело на местото на несреќата, со рачно обоен знак на кој пишувало: „Велосипедист бил удрен тука.“ Забележувајќи го влијанието кое ова го имало врз возачите на моторните возила, Патрик ван дер Тујн потоа побарал помош од пријатели да постават уште петнаесет „бели велосипеди-споменици“ на истакнати места во Сент Луис каде велосипедистите често биле удирани од страна на автомобили.[8] Користеле оштетени велосипеди, во некои случаи намерно оштетувани за да се постигне впечаток како да се судрени.[9]

Бел велосипед во Лондон, 2005 година: рамка од која се извадени делови, a тркалата се без гуми, за да ги одврати можните крадци

Слични проекти започнале во Питсбург во 2004 година,[10] Њујорк,[11] Сиетл во 2005 година,[12] Албакерки[13] и Торонто во 2006 година.[14] Во август 2005 година, скоро 40 бели велосипеди-споменици биле поставени низ Сиетл за да се привлече вниманието кон места на несреќи, за малку избегнати несреќи и лоши услови на патот.[12] Еден бел велосипед-споменик во градот Вашингтон, спомен за велосипедист кој загинал откако бил удрен од страна на камион за ѓубре во 2008 година, останал на местото на несреќата цела година. Кога бил отстранет од страна на службите на градската власт, пријатели на загинатиот поставиле други 22 бели велосипеди, по еден на секое улично светло.[15] Поставувањето на бели велосипеди-споменици во Лондон како посебен проект (London Ghostcycle) било активно во 2005 и 2006 година.[16] Слични проекти се правени во дузина градови во светот. Проект за велосипеди-споменици[17] неодамна започна во Дарам, Северна Каролина во спомен на двајца загинати велоиспедисти,[18] поборници и активисти за безбедност на велосипедистите.[19] Кон крајот на 2013 и почетокот на 2014 година, групацијата за поставување на бели велосипеди-споменици во Хјустон (Houston Ghost Bike Group) постави 47 бели велосипеди-споменици за да се зголеми свеста по особено голем број на велосипедски несреќи во кои биле вклучени автомобили во Хјустон, од кои многумина возачи на автомобили избегале од местото на настанот.

Македонија[уреди | уреди извор]

Во Македонија, првиот бел-велосипед споменик е поставен во Скопје, на булеварот „Илинден“, во близина на фонтата „Лотосов Цвет“ покрај Градскиот парк.[20] На ова место, животот го загуби тринаесетгодишниот Давид А. кој беше удрен од автомобил додека возел велосипед. Белиот велосипед-споменик е поставен од страна на повеќемина велосипедски активисти на 19 ноември 2015 година.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Harper, Tom White 'ghost bikes' pay tribute to dead riders in danger spots across Britain Daily Mail, 1 октомври 2008
  2. Сандерс, Џејкоб Квин. „Ghost Bikes: Rough memorials honor cyclists killed while riding“, 1 декември 2010 (посет. 1 декември 2010 г).
  3. Вокер, Питер. „Ghost bikes: memorials to road victims blamed for putting people off cycling“, „The Guardian“, 10 ноември 2011 (посет. 24 ноември 2011 г).
  4. Furness, Zack (2010). One Less Car: Bicycling and the Politics of Automobility. Philadelphia: Temple University Press. стр. 55–59. ISBN 978-1-59213-613-1. http://www.temple.edu/tempress/titles/1899_reg.html. 
  5. Тери Лоу. „Ghost Bikes“. Momentum Planet. Архивирано од изворникот на 12 јуни 2009. конс. 23 мај 2011. 
  6. „Jo Slota's website“. Ghostbike.net. конс. 25 април 2012. 
  7. Fagan, Mark Friends seek ghost bike memorial for hit-and-run victim Lawrence Journal-World 25 октомври 2009
  8. Roadside displays focus on plight of bicyclists, Greg Jonsson, St. Louis Post-Dispatch, 17 ноември 2003.
  9. Twarowski, Christopher. „Ghostly bikes commemorate fallen cyclists“. Jscms.jrn.columbia.edu. конс. 25 април 2012. 
  10. „Pittsburgh ghost bikes“. Pittsburgh.indymedia.org. конс. 25 април 2012. 
  11. „New York Ghost Bikes“. Ghostbikes.org. конс. 25 април 2012. 
  12. 12,0 12,1 'Ghost bikes' offer eerie reminder to share the road, Seattle Post-Intelligencer 3 август 2005.
  13. „Albuquerque ghost bikes“. Dukecityfix.com. конс. 25 април 2012. 
  14. Information Booth: Where did those ghostly white bikes come from?“, „National Post“, 26 септември 2011 (посет. 25 април 2012 г).
  15. Ешли Халси. „Their Love Cannot Be Unchained: After 'Ghost Bike' Removal, Cyclists' Memorial Effort Intensifies“, „The Washington Post“, 11 септември 2009 (посет. 11 септември 2009 г).
  16. „London Ghost Bikes“. Ghostbikes.org. 9 јануари 2012. конс. 25 април 2012. 
  17. http://www.newsobserver.com/2013/07/13/3027977/ghost-bike-memorial.html News & Observer Retrieved 14 јули 2013
  18. http://www.wral.com/pedestrian-killed-in-raleigh-crash/12406954/
  19. http://www.wral.com/bicyclist-killed-in-durham-hit-and-run/12639104/ 13 јули 2013
  20. „Бел велосипед во спомен на Давид (ФОТО)“. Вечер (македонски). Скопје: Вечер Прес. 20 ноември 2015. конс. 20 ноември 2015. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

  • Информации за поставени бели велосипеди-споменици во светот: Ghost Bikes
  • Ghost Bike — проект на Џо Слота