Бвити

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Бвити маска на народите Ндзеби или Санго од Габон, од 1800 до раните 1900 година, изработена од дрво, растителни влакна, памук - Музеј Фаулер - Универзитет во Калифорнија, Лос Анџелес

Бвити е духовна дисциплина на народите Пуну и Митсого во Габон (каде што е призната како една од трите официјални религии ) и на Фанг во Габон и Камерун. Современото бвити вклучува анимализам, обожавање на предците и христијанство во систем на синкретистичко верување. Оваа синкретична религија наречена бвити (заснована на поранешното тајно општество со истото име) се појавила на почетокот на 20 век, а подоцна играла улога во промовирање на солидарноста кај народот Фанг.[1]

Неотрадиционалните движења како бвити задржуваат елементи на домородно африканско верување и обред во рамките на христијанската литургија. Овие синкретички религиозни движења вклучиле важни аспекти на африканскиот религиозен израз, како што е практиката на тајност карактеристична за општествата „Санде“ во Западна Африка. Тие исто така ги усвоиле фундаменталните верувања на домородните религии, како што е интервенцијата на предците на духовите. Бвити во Габон ги спојува традиционалните култни предци со христијанска симболика и теологија и месијанско пророчко водство. Ваквите нови африкански цркви се обиделе да одржат чувство за заедница и континуитет, дури и при брзи и драматични општествени промени.[2]

Традиција[уреди | уреди извор]

Традицијата бвити не е само религија туку проучување на животот. Тоа е традиционален духовен пат на живеење преку директно искуство. Истата е усна традиција која датира стотици години, ако не и повеќе. Ова знаење се смета дека потекнува од пигмејските луѓе длабоко во Западна Африка.[3]

Сува кора од коренот на растението ибога

Ибога[уреди | уреди извор]

Нивниот духовен пат се врти околу светата употреба на коренот ибога (лат.Tabernanthe ibogа). Со векови, следбениците на традицијата ја користеле ибогата во церемониите на лекување и духовни ритуали за самооткривање, личен развој, физичко заздравување, поврзаност со природата, директна комуникација со духовите и предците и во знак на благодарност за дарот на животот.[3]

Оваа психоделична кора од коренот на растението ибога специјално се култивира заради религијата а ја користат за да се промовира радикален духовен раст, да се стабилизира структурата во заедницата и семејството, за да се исполнат верските барања и за да се решат патолошки проблеми. Коренот на кората се конзумира стотици години во бвити церемонијата за премин како и во ритуалите за иницијација а растението се користи и за лекување.

Дрвена маска од народот Фанг од јужен Камерун или Габон, Природноисториски музеј, Нирнберг - Нирнберг, Германија

Историја[уреди | уреди извор]

Бвити религијата е широко распространета во Габон, како во внатрешноста на џунглата од каде потекнува, така и во главниот град Либрвил. Во последните дваесет години ги преминала своите граници и стигнала до Камерун, Конго, Заир и Екваторска Гвинеја.[4]

Халуциногените својства на ибогата за прв пат ги откриле Пигмејците во внатрешноста на џунглата. Тие го пренесле своето знаење на соседните народи, Апинџи и Митсого, кои ги започнале првите ритуали. Подоцна, ова знаење било пренесено на Фанг, Ешира и други етнички групи низ целиот јужен Габон.

Долго време бвити се сметал за култ на предците, па дури и денес, зборот бвити се преведува како „мртов“ или „предок“, меѓутоа, како што се наведува кај Свидерски[5], точната етимологијата може да потекнува од името „Мбуити“ на група Пигмејци кои денес живеат во регион помеѓу Габон и Заир.[6] Првично, практиката на бвити вклучувала човечка жртва и ритуална антропофагија. Овој факт е запаметен во митот за откривањето на ибогата и за жртвата на првата жена што ја проголтала, Банџиоку. Сепак, наскоро, бвити се ослободило од ваквите сурови компоненти и ги заменило овие обреди со жртвување кокошки.[4]

Обвинувањата за криминално волшепство итн. дијаболни илузии произведени од ибогата отсекогаш биле дел од историјата на бвити. Потоа, прогонот извршен од мисионерите со одобрение на француската колонијална влада го почувствувале бвити заедници особено во текот на годините 1920 до 1940 година. И покрај палењето на храмовите, прогоните и убиствата на верските водачи, движењето продолжило да расте.

Денес, религијата е добро прифатена и се смета за популарно религиозно движење кое ги чува и гарантира племенските вредности кои се сметаат за основни за духот на новата република. Владини претставници, припадници на полицијата и армијата се иницијатори на бвити и редовно го напуштаат градот за да учествуваат во ноќните церемонии што се одвиваат во соседните села на џунгла.[4]

Митологија[уреди | уреди извор]

Бвити митологијата се состои првенствено од сложена тегонија и митологија која се занимава со потеклото на ибогата („Историја ал Мума“). И покрај доказите за нејзината примарна структура, митологијата подлежи на многу варијации, за што сведочат разликите меѓу сектите и различните етнички групи.

Бвити нема пишани текстови за ширење на нивните верувања, освен за некои „катехизми“ кои се тешки за читање, но може да се сметаат за срамежлив обид.

Приказната за мума[уреди | уреди извор]

Во теогонијата се спомнува бог, Назам Мебег, сличен на христијанскиот бог, сепак не толку лут и одмаздувачки (не постои пекол), но кој го означува бвити како монотеистичка религија. На почетокот, Назам создал јајце од кое родиле тројца, Ејне, Нине и Гиндон, кои повеќе или помалку одговараат на Светата Троица, Таткото, Синот и Светиот Дух. Последното е заменето со женска фигура, Гиндон, која се смета за мајка на црната раса. Во некои секти таа го зазема местото на Дева Марија.

„Приказната за мума“ е мит на откривањето на ибогата и потеклото на бвити и има неколку различни верзии не само кај народот Фанг, туку и меѓу Апинџи, Митсого и Ешира. Кај Фанг, митот оди на следниов начин.

Банџиоку, која обично потекнува од Пигмејците, го загубила сопругот додека берел плодови во шумата. Паднал од дрво и умрел. Неговото тело останало скриено во шумата, а Банџиоку, откако залудно го барала телото на нејзиниот сопруг, се вратила во селото и, како што е пропишано со племенско владеење, се омажила за неговиот брат. Еден ден отишла на риболов и направила мрежа за да го фаќа риби, но преку дупката на дното наместо риби, излегувале човечки коски. Тие биле коските на нејзиниот прв сопруг. Откако ги ставила коските на брегот на реката, едно животно поминало и ги однело. Банџиоку го следела животното сè додека не дошла во Какоангандагаве. Од внатрешноста на пештерата, гласовите на духовите на мртвите ја повикале: „Бандзиоку, сакаш ли да нè видиш?“,. . . „Да“, одговорила таа. Тогаш духовите ја хранеле со коренот на растението што растело во аголот на влезот на пештерата: тоа било игога. Откако ја изела игогата, Банџиоку можела да ги види и да разговара со духовите на мртвите, а меѓу нив бил и духот на нејзиниот прв сопруг. Пред да замине, духовите ја замолиле да им даде дарови (оанџо), таа им дала и се вратила во селото. Следниот ден, таа станала рано, собрала храна и се вратила во пештерата да остави дарови, продолжувајќи да го прави тоа неколку дена. Нејзиниот втор сопруг, мислејќи дека има љубовник, решил тајно да ја следи. Кога дошла до пештерата, духовите викале „Мума, мума“ (што укажува на присуство на неинициран) и ја прашале кого до донела со себе. Банџиоку мислела дека е сама, се свртела и го видела својот сопруг. Кога тој ја прашал со кого разговара; таа му го покажала растението ибога и му дала да јаде од коренот. Така, и мажот можел да се види и да комуницира со духовите, вклучително и со духот на неговиот мртов брат. Во тој момент, духовите побарале од човекот оканџо, задолжителната понуда и тој им го дал она малку што го имал. Духовите ја одбиле понудата и тој немал друг избор освен да ја понуди својата сопруга (тоа било она што духовите навистина го сакале). На овој начин Банџиоку била задавена и жртвувана. Човекот ја однел ибогата назад во селото и го изградил првиот бвити храм. Човечката жртва, спомената во секоја верзија, потекнува од културното опкружување во кое се појавило првото бвити и е поврзана со стариот култ на предците.

Литургија[уреди | уреди извор]

Графичка уметност што ја покажува хемиската структура на ибога алкалоид.

Употребата на растителни халуциногени за религиозни цели е многу стара. Длабоките измени во свеста предизвикана од употреба на халуциноген, служеле како основачки оски за верските системи и во развојот на воспоставените религии низ историјата на човештвото.[4]

Земањето ибога поттикнува визии кои можат да се засилат со темнина, амбиент и сугестија. Следејќи ги визиите, корисниците доживуваат интроспективен начин на размислување во кој тие честопати ги раскажуваат минатите искуства во животот. Тешкотија при спиењето, гадење и повраќање понекогаш траат во тек на денот по консумирањето.[7]

Ритуали[уреди | уреди извор]

Бвити церемониите ги води духовниот водач наречен н'ганга, кој е многу важен член на заедницата и има широко познавање на традиционалните лекувања и магии. Клучниот бвити обред е церемонијата на иницијација, кога младите мажи од Габон за прв пат земаат игога во машката колиба за да станат членови на духовната пракса. Постојат многу церемонии во различни периоди од годината за да им се оддаде почит на предците. Може да се одржат специјални церемонии за да се лекуваат болни лица или да се избркаат злобните духови.

За време на многу церемонии, се пали традиционален факел. Тапаните и традиционалната харфа нгомби се клучни за обредите. Н'ганга и другите учесници обично се облекуваат во црвен, црн и бел чаршаф. Може да носат здолништа од материјал рафија и мали школки или мониста. Кожи од животни, како што е крзното генет, често се носат. Коренот ибога може да се става во чај или почесто да се зема во форма на стружења. Церемонијата обично започнува во текот на ноќта и може да трае со денови бидејќи дозите на лекот што се користи во овие церемонии се особено долготрајни.

Лекување[уреди | уреди извор]

Преку јадење на растението, болното лице остварува контакт со имбвири, духови со човечка форма кои живеат во невидливиот свет, поделени во вода, земја или воздух, а оваа комуникација резултира или со лек, или барем важни информации за болеста и како да се излечи (на пример, кои растенија да се користат).[4] Покрај ибогата, Омбвири имаат важен додаток на зеленчук направен од голема група на растенија наречен екасо. Подготовката мора да ја внесе болниот човек во прецизен момент за време на ритуалот. Во митот за потеклото на Омбвири, што е нешто слично на Приказната на мума, духовите на мртвите ја сигнализираат првата жена што конзумира ибога, како и екасо, и со тоа ги контактира. Денес, во многу различни заедници Омбвири.

Бвити колиба во Мимонго, Габон

Секти и обреди[уреди | уреди извор]

Бвити заедници се „отворени“, односно нивните обреди не се тајна. Не постои соперништво меѓу различните секти и има поединци кои се иницирани во две или повеќе секти. Сектите се состојат од групи од 10 до 50 луѓе, обично живеат во истото село, каде бвити храмот е симболично сместен на една од најпристапните улици. Околу храмот се одгледуваат и почитуваат грмушки со ибога.[4]

Терминот „бвити“ често е погрешно претставен на запад. Ова веројатно се должи на недостаток на пренесените информации (сметајќи дека ова е усна традиција ), присвојување и модификација на обредите меѓу различното население и намерна дезинформација за да се чуваат тајните обреди. Пигмејците често се наведуваат како потекло на бвити, или барем на употребата на ибога во ритуелен контекст.[8]

Храмот[уреди | уреди извор]

Кога не се одржуваат службите, храмот се користи како место за социјално собирање, место за средби и разговори, простор што нуди заштита. Храмот исто така служи како центар за контрола, бидејќи од неговата внатрешност има визуелна контрола на селото. Тој е огромна колиба, со дрвени ѕидови и покрив, се состои од две главни простории, церемонијална просторија и „сакрахија“. Целата структура наликува на структурата на човечкото тело.

Признавање[уреди | уреди извор]

Бвити е една од официјалните религии на Габон и е под влијание на христијанството, вклучувајќи го и користењето на христијанскиот календар.[9]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Gabon | Culture, History, & People“. Encyclopedia Britannica (англиски). Посетено на 2020-08-17.
  2. „African religions - Mythology“. Encyclopedia Britannica (англиски). Посетено на 2020-08-17.
  3. 3,0 3,1 „The Bwiti Tradition“. Awaken Your Soul (англиски). Посетено на 2020-08-17.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 „The Bwiti Religion“. Ibogaine (англиски). Посетено на 2020-08-17.
  5. Świderski, Stanislaw (1988). „Le Mouvement Oecumenique Dans La Religion Bouiti Au Gabon“. Journal of Religion in Africa. 18 (2): 125–140. doi:10.1163/157006688x00478. ISSN 0022-4200.
  6. Menicocci, Marco (2010-12-31). Antrocom: Journal of Anthropology. Piscataway, NJ, USA: Gorgias Press. стр. 89–90. ISBN 978-1-4632-3398-3.
  7. Ibogaine Basics
  8. Bonhomme, Julien; De Ruyter, Magali; Moussavou, Guy-Max (2012). „Blurring the Lines. Ritual and Relationships between Babongo Pygmies and their Neighbours (Gabon)“. Anthropos. 107 (2): 387–406. doi:10.5771/0257-9774-2012-2-367. Посетено на 2019-03-11.
  9. The Babongo, BBC page for Bruce Parry's "Tribe" series.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Литература[уреди | уреди извор]

  • Raponda-Walker A. & Sillans R., 1962. Rites et croyances des peuples du Gabon. Paris, Présence Africaine, ed. 1983.
  • Swiderski S., 1980. “Essai d’interpretation structurale et psychoanalytique du mythe au Gabon.” in: Perennitas, Studi in onore di Angelo Brelich, Roma, Edizioni dell’Ateneo, pp. 52 1-539.
  • Pope H.G., 1969. “Tabernanthe iboga: an African Narcotic Plant of Social Importance.” Econ.Bot., vol. 23: 174-1 84.
  • Dashu, Max. „In the Pool of Night“. Seasonal Salon. Re-formed Congregation of the Goddess, International. Архивирано од изворникот на 2019-02-26. Посетено на 8 April 2013.
  • Goutarel, Robert; Gollnhofer, Otto; Sillans, Roger (1993). Translated from French by William J. Gladstone. „Pharmacodynamics and Therapeutic Applications of Iboga and Ibogaine“. Psychedelic Monographs and Essays. PM&E Publishing Group. 6: 70–111. ISSN 0892-371X. Архивирано од изворникот на 20 December 2012. Посетено на 8 April 2013.
  • Bwiti: An Ethnography of the Religious Imagination in Africa. By James W. Fernandez, Princeton University Press, 1982.