Балкански сојуз

Од Википедија — слободната енциклопедија
Пропаганден плакат на Балканскиот сојуз

Балкански сојуз — сојуз помеѓу Србија, Бугарија, Грција и Црна Гора насочен против Османлиското Царство[1]. Балканскиот сојуз е едната од страните која ја води Првата балканска војна. Судирот на сојузниците, по војната води до Втората балканска војна.

Создавање на сојузот[уреди | уреди извор]

Мотивите за создавање Балкански сојуз е поделбата на Османлиското наследство во Европа, а непосреден повод била Италијанско-турската војна во 1911 година, бидејќи Османлиското Царство била зафатена на друго место.

Преговорите за создавање на Балканскиот сојуз започнале есента 1911 година. Особено компликувани биле преговорите меѓу Србија и Бугарија, и тоа поради несогласувањата околу поделбата на Македонија. Под силен притисок на Русија двете страни биле принудени на разни отстапувања. За да започнат преговорите услов било Бугарија да се откаже од прелиминарниот Санстефански договор и на Србија да и го признае правото на дел од Македонија.

Според бугарската влада, потпишувањето на спогодбата било забрзано од следните причини: таа сметала дека Младотурците ќе го истребат бугарското население во Тракија и во Македонија; дека руско-турските преговори ќе овозможат користење на Босфорот и на Дарданелите на руската флота, со што ќе ја загуби Русија како заштитник на бугарските интереси во случај на војна со Турција, дека врз основа на спогодба меѓу Австроунгарија и Романија ќе се овозможи проширување на Романија на бугарска територија и дека Турција ќе отпочне превентивна војна против Бугарија. Сите овие стравови биле оправдани.

Српската влада имала сопствени причини да го забрза потпишувањето на спогодбата со Бугарија. По избувнувањето на Италијанско-турската војна, српската влада веднаш испратила доверлив допис во Петроград, во Лондон и во Париз, обрнувајќи и внимание на тројната Антанта на последиците што Италијанско-турската војна, веројатно, ќе ги предизвика на Балканот, напоменувајќи притоа дека најдобар начин за зачувување на интересите на балканските народи ќе биде создавањето сојуз меѓу балканските држави.

Грција не го очекувала решението на македонското прашање од Големите сили, меѓутоа во согласност со дотогашната поддршка на грчката политика, особено од Англија, очекувала да го оствари своето територијално проширување на територијата на Македонија. Поради тоа била солидарна со другите балкански држави за создавање балкански сојуз.

Црна Гора се солидаризирала со Србија, а своите територијални претензии ги насочувала кон Скадар и кон Албанија.

Големите сили и Балканскиот сојуз[уреди | уреди извор]

Во летото 1912 година, Големите сили преку дипломатија и други контакти се обидувале да ја спречат војната меѓу Балканските сојузници и Турција.[2] Европската дипломатија од двата блока со внимание ја следеле ситуацијата на Балканот, како и во самата Труција. Во историографијата постојат контроверзни тврдења по прашањето дали големите сили, освен Русија, знаеле за Српско-бугарскиот сојузен договор од 13 март 1912 година. Дури кога започнала општата мобилизација, големите сили почнале енергично да реагираат. Дотогаш изгледало дека европската дипломатија не е запознаена со Балканскиот четворен сојуз, или е недоволно информирана. Резервираноста на Англија и Франција, ги форсирала воинствените потези против Турција, на Бугарија, Србија и Грција.

Русија со сите сили настојувала да ги одоброволи Англија и Франција за поддршка на балканските сојузници, очекувајќи да добие хегемонија на Балканот. Италија била запознаена со српско-бугарскиот договор, и дури добила понуда од балканските сојузници и тие да ѝ се придружат во војната против Турција. Германската влада, пак, го сметала балканскиот сојуз под патронат на Русија за опасен, и дека може да се насочи колку против Турција, толку и против Австроунгарија.

Австроунгарската влада дознала за српско-бугарскиот договор во мај 1912 година, благодарение на романскиот крал Карол.[3] Меѓутоа, овој сојуз бил проследен со молчење. Сепак, австроунгарската дипломатија работела упорно на тоа да го ослаби сојузот, а по можност и да го разбие.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Wars of the World; First Balkan War 1912-1913“. OnWar.com. December 16, 2000. Посетено на 2009-08-14.
  2. Петар Стојанов: „Македонија во политиката на големите сили во времето на Балканските војни, 1912-1913“, Скопје, 1979, стр. 85
  3. Петар Стојанов: „Македонија во политиката на големите сили во времето на Балканските војни, 1912-1913“, Скопје, 1979, стр. 96

Надворешни врски[уреди | уреди извор]