Прејди на содржината

Андреја Андреевски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Андреја Андреевски
Роден 1924 година
Маврово
Починал 1945 година
Врпоље, Хрватска
Народност Македонец

Андреја Андреевски - Јандре (Маврово, Гостиварско, 1924 - Врпоље, Хрватска, 1945[1]) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ.[2]

Животопис

[уреди | уреди извор]

Основното училиште завршил во своето родно село, а потоа заминал на печалба во Белград. Во Белград работел како кафе-кувар во една кафеана се до 6 април 1941 година. По бомбардирањето на Белград, како и многу други мавровчани, речиси поголем дел од патот до Маврово го изминал пешки. По враќањето во селото, станал член на воспитна група, а потоа и член на СКОЈ. Во работата на младинската и СКОЈ-евската организација, бил мошне активен. Задачите што му се поставувале навреме и без приговор rи извршувал.[2]

Спомен плоча на загинатите мавровски партизани и цивилни лица, меѓу кои и Андреја Андреевски.

Никудин Симевски често пати му поставувал задача да пренесува оружје, храна и други материјали, да одржува врски во селото и меѓу Маврово и соседните села. Непосредно пред палењето на Маврово, односно во август 1944 година, Андреја заминал во партизанските единици. Потоа стапил во Првата бригада и заминал на Сремскиот фронт. Неговите преживеани соборци го запомниле како многу добар другар и борец, по природа мирен, дисциплиниран, готов секому да му помогне.[2]

  1. Синадиновски, Јаким; Груевски, Зоге (1976). Трите мавровски села. Скопје: Заедница на научните дејности. стр. 237.
  2. 2,0 2,1 2,2 Синадиновски, Јаким; Груевски, Зоге (1976). Трите мавровски села. Скопје: Заедница на научните дејности. стр. 253.