Никудин Симевски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Никудин Симевски
Роден 1926 година
Маврово
Починал 3 септември, 1944 година
Кичево
Загинал во борба со балистите
Народност Македонец

Никудин Симевски - Куде (Маврово, Гостиварско, 1926 - Кичево, 3 септември 1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Основното училиште завршил во селото. Бидејќи бил извонредно бистро дете и одличен ученик неговите родители се обиделе да му овозможат да го продолжи школувањето, па го запишале во граѓанската школа во Гостивар. Таму завршил два класа, а бидејќи и покрај желбата, родителите не можеле да му го обезбедат натамошното школување, тој бил принуден да го прекине школувањето и да замине на печалба во Белград.[1]

Во Белград се вработил како чирак во трговски дуќан. Бргу се запознал со горчливиот печалбарски живот, како и со сите неправди на тогашното калиталистичко општество. Тоа било решавачкото да се определи за наnреднато работничко движење. Иако доста млад, со голем интерес и желба следел се што се случувало во животот и борбата на работничката класа. Настојувал да дојде до некоја книга или весник со револуционерна содржина и со голема љубов ги читал. Набргу се приклучил кон напредните синдикални и младински друштва и организации. Бидејќи често пати се враќал мошне доцна заради извршување на некои задачи, доаѓал во судир со татко си и со стрико си кои исто така биле на печалба во Белград. На овој начин почнал да се оформува идниот револуционер, кој сите свои способности ќе ги изрази најевидентно подоцна во своето родно село Маврово. Од многу плашливо дете, (по описот од неговата мајка), станал бестрашен скоевец и член на КПЈ.[1]

Втора светска војна[уреди | уреди извор]

Биста на Никудин Симевски

Спомен плоча на загинатите мавровски партизани и цивилни лица, меѓу кои е и Боге Велјановски.

Во Маврово се врати веднаш по бомбардирањето на Белград (6 април 1941 година). Бидејќи во Белград одржувал врски со некои веќе организирани мавровчани, не му било тешко веднаш да се вклучи во народноослободителното движење во селото. Тој меѓу првите младинци од неговата возраст бил примен за член на СКОЈ, а по кусо време и за член на КПЈ. Во Маврово развил мошне интензивна и разновидна дејност. Покрај другото, тој интензивно работел на опфаќање младинци, потоа на прибирање оружје, муниција, храна и други материјали, на одржување курирски врски и слично. Посебно се истакнувала неговата неуморност и брзина во одржувањето на врските со Беличица, Галичник, Дебар, Никифорово, Леуново, Гостивар и други места.[1]

Спомен плоча на загинатите мавровски партизани и цивилни лица, меѓу кои е и Никудин Симевски.

Од неговите соборци и пријатели е запамтен како храбар и пожртвуван борец за Партијата и НОБ. За него не постоел проблем или задача што не можела да се реши, односно да се изврши. Па, така на 30 август 1942 година ја прифатил одлуката на партиската организација и станал борец на Првиот мавровски партизански одред. Во одредот останал се до зимата 1942 година, кога поради отежнатите услови, партиската организација одлучила борците привремено да се засолнат. Кратко време престојувал на територијата под бугарска окупација откаде повторно се вратил во селото и продолжил со активна револуционерна дејност. Тој повторно го крстосувал како курир низ Мавровско-галичкиот предел. Во летото 1943 година дефинитивно заминал во партизани и таму останал се до смртrа. Храбро загинал како комесар во борбите за ослободување на Кичево, на 3 септември 1944 година.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Синадиновски, Јаким; Груевски, Зоге (1976). Трите мавровски села. Скопје: Заедница на научните дејности. стр. 249–250.