Адолф Рудницки

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Адолф Рудницки (полски: Adolf Rudnicki, 19 февруари 1912, Варшава - 14 ноември 1990, Варшава) – полски писател со еврејско потекло.

Биографија[уреди | уреди извор]

Рудницки се родил на 19 февруари 1912 година, во Варшава. Повлекувајќи се пред напредокот на германската војска, во 1939 година, Рудницки пристигнал во Лавов, каде се собрала една група полски писатели и активисти која работела до 1941 година, кога градот паднал под нацистичка власт. Периодот од 1941 до 1945 година, Рудницки го поминал во Варшава, криејќи се од нацистичкиот окупатор.[1]

Творештво[уреди | уреди извор]

Рудницки се појавил на книжевната сцена во 1932 година, со романотСтаорци“ којшто предизвикал големо внимание, следната година се појавил неговиот втор роман „Војници“ еден вид репортажа за животот на група војници кои немаат никаква желба да служат во армијата, додека во 1937 година го објавил романот „Несакана“. Во 1938 година се појавила книгата „Искуства“ чиј оригинален наслов бил „Војнички профили и ситници“, но никој не смеел да ја објави со тој наслов. Истата година се појавил и романот „Лето“ кој, исто така, е на границата на репортажата и со него се исцрпува предвоеното творештво на Рудницки.[2]

Почетокот на Втората светска војна, германската окупација на Полска и холокаустот го означуваат пресвртот во творештвото на Рудницки. Првото негово дело од тој период е расказот „Блиц“ од 1941 година, којшто првобитно бил насловен „Септември“. Расказот останал недовршен и дури подоцна Рудницки вметнал завршеток. Во тоа време, Рудницки напишал уште два расказа – „Јузефов“ и „Коњ“ и оттогаш како главни ликови во делата на Рудницки најчесто се јавуваат Евреите, со намера нивните страдања да ги спаси од заборавот. Циклусот на делата што ги создал во овој период, Рудницки самиот за себе ги нарекол „Период на печките“. Повоеното творештво на Рудницки го сочинуваат збирките раскази: „Шекспир“ (1948), „Бегство од Јасна Полјана“ (1949), „Живото и мртвото море“ (1953, второ и дополнето издание од 1955), „Сините листови“ (1956) и подолгиот расказ „Палечка“ (1956).[3]

Основната тема во делата на Рудницки е војната, особено историјата на варшавското гето. Обработувајќи ја оваа тема, тој ја истражувал патологијата на различните ликови кои се среќавале во таа историска епизода: од крволочните убијци преку луѓето кои мирно, ладнокрвно оделе во смртта и луѓето кои сметале дека не е грев да се биде предавник доколку со тоа се продолжи сопствениот живот за неколку денови или месеци до оние кои до последниот миг верувале во чудо. Притоа, во неговите дела гетото не е само декор, туку тоа е доживување, извор и утока на сè, зашто човекот во гетото е сосема различен од човекот во нормални околности. Втората тема во делата на Рудницки е улогата на уметникот во животот, особено положбата и ставот на еврејските писатели во Полска.[4]

Уште во 1938 година, познатиот полски критичар Карол Ижиковски го оценил Рудницки како свежи и оригинален писател, кој ги избегнува примерите, туку самостојно го бара и го наоѓа она што му треба, кој скита по книжевните патишта и патеки, вистинит и мек, писател кој ги сака фактите и кого го интересираат луѓето, нивните карактери и интимните односи меѓу нив.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Djorđe Živanović, „Adolf Rudnjicki“, во: Adolf Rudnjicki, Zlatni prozori. Beograd: Rad, 1961, стр. 122-124.
  2. Djorđe Živanović, „Adolf Rudnjicki“, во: Adolf Rudnjicki, Zlatni prozori. Beograd: Rad, 1961, стр. 121-122.
  3. Djorđe Živanović, „Adolf Rudnjicki“, во: Adolf Rudnjicki, Zlatni prozori. Beograd: Rad, 1961, стр. 121-124.
  4. Djorđe Živanović, „Adolf Rudnjicki“, во: Adolf Rudnjicki, Zlatni prozori. Beograd: Rad, 1961, стр. 125.
  5. Djorđe Živanović, „Adolf Rudnjicki“, во: Adolf Rudnjicki, Zlatni prozori. Beograd: Rad, 1961, стр. 121.