Прејди на содржината

Јован III (Шведска)

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Јован III од Шведска)
Сликата на кралот Јован на ѕидот на Стокхолмската палата.

Јован III (20 декември 1537 – 17 ноември 1592 година) бил крал на Шведска од 1569 година до неговата смрт. Тој бил син на шведскиот крал Густав I и неговата втора сопруга Маргарет Лејонхуфвуд. Тој исто така бил, сосема автономен, владетел на Финска, како војводата Јован од 1556 до 1563 година. Во 1581 година ја презел и титулата Голем кнез на Финска. Тој го добил шведскиот престол по бунтот против неговиот полубрат Ерик XIV. Тој е главно познат по неговите обиди да го затвори јазот меѓу новооснованата лутеранска црква во Шведска и католичката црква, како и по неговиот конфликт и убиството на неговиот брат.

Негова прва сопруга била Катерина Јагелон од полско-литванското владејачко семејство, а нивниот син Сигизмунд подоцна истовремено седел и на полско-литванскиот и на шведскиот престол.

Биографија

[уреди | уреди извор]
Грб на Јован како војвода од Финска, користен во неговите печати.[1]

Јован бил вториот син на Густав Васа (1523–60). Неговата мајка била Маргарет Лејонхуфвуд (1514–51), шведска благородничка. Густав го оставил својот син во Финска за да ја обезбеди шведската територија во источниот Балтик од руската закана. Јован бил испратен како емисар во Англија за да обезбеди венчање со кралицата Елизабета I со неговиот полубрат престолонаследникот Ерик (1559–60). Овој брак би им обезбедил шведски пристап до Западна Европа. Таа мисија не успеала, но додека бил во Англија, Јован можел да го набљудува повторното воведување на протестантизмот и Книгата за заедничка молитва (1559). Финскиот војвода имал литургиски и теолошки интереси.

Како војвода од Финска, тој се спротивставил на напорите на неговиот полубрат кралот Ерик XIV од 1560–1568 година да ги обезбеди пристаништата Ревал и источниот Балтик. Јован и неговата сопруга Катерина биле затворени во замокот Грипшолм во 1563 година. По неговото ослободување од затвор, веројатно поради лудилото на неговиот брат, Јован повторно се приклучил на противењето на благородниците,и се прогласил за крал. Негов важен сојузник бил неговиот вујко по мајка Стен Лејонхуфвуд, кој на смртната постела бил прогласен за гроф од Расеборг. Набргу по овие настани, Јован го егзекутирал најдоверливиот советник на неговиот брат, Јоран Персон, кого го сметал за одговорен за неговиот груб третман додека бил во затвор.

Јован понатаму иницирал мировни разговори со Данска-Норвешка и Лубек за конечен крај на северната седумгодишна војна, но ги отфрлил произлезените договори од Роскилде (1568), каде што неговите пратеници ги прифатиле далекусежните дански барања. По уште две години борби, оваа војна била завршена без многу шведски отстапки во Договорот од Штетин (1570). Во текот на следните години тој успешно се борел со Русија во Ливонската војна, склучена со Договорот од Плуса во 1583 година, војна што значела шведско повторно освојување на Нарва. Како целина, неговата надворешна политика била погодена од неговата поврзаност со Полска, во која неговиот син Сигизмунд III Васа бил поставен за крал во 1587 година.

Во домашната политика Јован покажал јасни католички симпатии, инспирирани од неговата полска сопруга, нешто што создало несогласувања со шведското свештенство и благородништво. Тој се обидел да побара помош од папството за ослободување на семејните средства на неговата сопруга, кои биле замрзнати во Неапол. Тој, исто така, им дозволил на исусовци тајно да работат во Кралскиот теолошки колеџ во Стокхолм. Меѓутоа, самиот Јован бил учен следбеник на посредничкиот теолог Џорџ Касандар. Тој барал помирување меѓу Рим и Витенберг врз основа на консензусот од првите пет века на христијанството. Јован го одобрил објавувањето на Лутеранскиот шведски црковен ред на архиепископот Лаурентиј Петри во 1571 година, но исто така ја натерал црквата да одобри додаток на црковниот ред во 1575 година, нов црковен поредок што означувало враќање на светоотечките извори.[2] Ова ја поставила основата за неговото објавување на шведско-латинската Црвена книга, со наслов Литургијата на Суканската католичка и православна црква,[3][4] која повторно вовела неколку католички обичаи а тоа резултирало со Литургиска борба, која не завршила дваесет години. Во 1575 година, тој ја дал својата дозвола за преостанатите католички манастири во Шведска да почнат повторно да примаат почетници. Одвреме-навреме, тој, исто така, бил во теолошки несогласувања со неговиот помлад брат, војводата Карл од Судерманија (подоцна Карл IX од Шведска), кој имал калвинистички симпатии и не ја промовирал Литургијата на кралот Јован во неговото војводство. Јован III бил голем покровител на уметноста и архитектурата. Тој го претворил средновековниот замок Калмар во ренесансна палата и често престојувал таму бидејќи бил поблиску до Полска.

Јован III како крал

[уреди | уреди извор]

Во јануари 1569 година, Јован бил признат за крал од истиот риксдаг со што го отстранил Ерик XIV од престолот. Но, ова признание не било без влијание од Јован; Војводата Карл добил потврда за неговото војводство без ограничувањата на неговата моќ што ги наметнувале членовите на Арбога. Моќта и правата на благородниците биле проширени, а нивните одговорности биле намалени.

Јован сè уште бил загрижен за неговата позиција како крал сè додека Ерик е жив. За време на затворањето на Ерик, биле направени три големи заговори за соборување на Јован: заговорот од 1569 година, заговорот Морнеј и заговорот од 1576 година.[5][6] Стравот од можното ослободување на затворениот крал го загрижувало до тој степен што во 1571 година им наредил на стражарите да го убијат заробениот крал доколку имаат сомневање дека има обид за да се ослободи. Можно е тој да бил убиен од стражарите и на тој начин да умрел Ерик во 1577 година.

Јован III тврдел дека ја ослободил Шведска од „тиранинот“ Ерик XIV, исто како што неговиот татко ја ослободил Шведска од „крвавиот“ Кристијан II. Јован бил насилен, гневен и многу сомнителен.

Семејство

[уреди | уреди извор]
Катерина Јагелон
Гунила Биелке

Јован се оженил со својата прва сопруга, Катерина Јагелон од Полска (1526–83), од Домот Јагело, во Вилнус на 4 октомври 1562 година. Во Шведска, таа е позната како Катерина Јагелон. Таа била сестра на полскиот крал Сигизмунд II Август. Нивните деца биле:

  • Изабела (1564–1566)
  • Сигизмунд (1566–1632), крал на Полска (1587–1632), крал на Шведска (1592–99) и голем војвода на Финска и Литванија
  • Ана (1568-1625)

Тој се оженил со својата втора сопруга, Гунила Биелке (1568–1592), на 21 февруари 1585 година; имале син:

Гробот на Јован III во катедралата во Упсала.
  • Јован (1589–1618), прво војвода од Финска, а потоа од 1608 војвода од Остроготија. Младиот војвода се оженил со својата прва братучетка Марија Елизабет (1596–1618), ќерка на Карл IX од Шведска (владеел 1599–1611)

Со својата љубовница Карин Хансдотер (1532–1596) имал најмалку четири вонбрачни деца:

  • Софија Гиленхилм (1556–1583), која се омажила за Понтус Де ла Гарди
  • Август Гиленхилм (1557-1560)
  • Јулиус Гиленхилм (1559-1581)
  • Лукреција Гиленхилм (1560-1585)

Јован се грижел за Карин и нивните деца дури и откако се оженил со Катерина Јагелон, во 1562 година. Тој нашол сопруга за Карин кој ќе се грижи за неа и за децата: во 1561 година, таа се омажила за благородникот Клас Андерсон, пријател и слуга на Јован. Имале ќерка по име Брита. Тој продолжил да ги поддржува Карин и неговите вонбрачни деца како крал, од 1568 година. Во 1572 година, Карин повторно се омажила, бидејќи нејзиниот прв сопруг бил погубен за предавство од Ерик XIV во 1563 година, со Ларс Хенриксон, кого Јован го облагородил во 1576 година да се грижи за Карин. Истата година, тој ја направил својата ќерка Софија дама во замокот, како слугинка на неговата сестра, принцезата Елизабета од Шведска. Во 1580 година, Јован ја оженил за Понтус де ла Гарди. Подоцна умрела раѓајќи го Џејкоб Де ла Гарди.

  1. „Vaakuna - Kansallisarkisto“. Europeana Heraldica. National Archives of Finland. Посетено на 26 May 2021.
  2. Roland Persson, Johan III och Nova Ordinantia (CWK Glerups 1973)
  3. Sigtrygg Serenius, Liturgia svecanae ecclesiae catholicae et orthodoxae conformis (Abo 1966)
  4. Frank C. Senn, Christian Worship--Catholic and Evangelical (Fortress 1997), pp. 421-45
  5. Karin Tegenborg Falkdalen (2010). Vasadöttrarna (2). Falun: Historiska Media. ISBN 978-91-85873-87-6
  6. Nordisk familjebok / Uggleupplagan. 7. Egyptologi - Feinschmecker. pp. 787–788

Користена Литература

[уреди | уреди извор]
  • Signum svenska kulturhistoria: Renässansen (2005).
  • Michael Roberts, The Early Vasas: A History of Sweden 1523-1611 (1968).
  • Sigtrygg Serenius, Liturgia svecanae ecclesiae catholicae et Orthodoxae conformis (1966).
  • Roland Persson, Johan III och Nova Ordinantia (1973).
  • Frank C. Senn, Christian Liturgy -- Catholic and Evangelical (1997), pp. 421–45.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]