Ѓорѓи Чупона

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Ѓорѓи Чупона (Маловиште, Битолско, 1930 - Скопје, 16 декември 2009) бил македонски математичар, универзитетски професор и академик на МАНУ,[1] еден од втемелувачите на Институтот за Информатика при ПМФ во Скопје.[2]

Биографија[уреди | уреди извор]

Академик д-р Ѓорѓи Чупона е роден во битолското село Маловиште, во 1930 г. Основно и средно образование оформил во Битола, а дипломирал во 1953 г. на Филозофскиот факултет во Скопје, група за математика. Докторирал во 1959 г. на Природно-математичкиот факултет во Скопје, на тема “Прилог кон теоријата на алгебарските структури”, под менторство на проф. д-р Владимир Девиде. Во текот на 1964 г. престојувал на специјализација на Универзитетот во Манчестер, Велика Британија.

За дописен член на МАНУ е избран на 14 мај 1979 година, а за редовен член на 21 ноември 1983 година. По дипломирањето работел како професор по математика во средно училиште до неговиот избор, во февруари 1955 г., за асистент по математика на Филозофскиот факултет во Скопје. Во 1961 г. бил избран за доцент на Техничкиот (подоцна Електро-машинскиот) факултет во Скопје. За вонреден професор бил избран во 1967 г., кога се вратил на ПМФ во Скопје, каде што во 1972 г. бил унапреден во редовен професор за областа алгебра. Од 1985 г. до пензионирањето во 1994 г., бил член на новоформираниот Институт за информатика на ПМФ.

Научен интерес на д-р Ѓорѓи Чупона претставува алгебрата, посебно делот од универзалната алгебра што ги третира n-арните, векторско-вредносните и други на нив слични структури. Во македонската математика тој е основоположник на алгебрата, како и на дисциплините тесно поврзани со неа, од сите нејзини аспекти. Тој е првиот македонски математичар кој објавил научни трудови од областа на алгебрата, под негово раководство се издигнаа сите наши кадри од оваа област. Прв автор е на универзитетски учебници од оваа дисциплина. Соработката остварена со редица математичари од поранешните југословенски простори, како и големиот број печатени заеднички трудови, го истакнаа како еден од водечките алгебристи во СФР Југославија. Во 1980 г. во Скопје ја организирал првата Алгебарска конференција во Југославија, од која подоцна произлегоа познатите југословенски алгебарски конференции што се одржуваа во сите позначајни математички центри. Според достигнатите научни резултати, посебно во областа на n-арните алгебарски структури, тој успеа да ја направи македонската алгебра препознатлива и во светски рамки.

Професор Чупона има објавено околу 100 научни трудови во домашни и во меѓународни списанија, зборници на трудови, книги. Учествувал на меѓународните математички конгреси во Москва 1966 г., и во Ница, 1970 г., како и на многу конференции и научни собири ширум СФРЈ. Во текот на последните три децении бил раководител на голем број научни проекти, финансирани од СИЗ за научни дејности и од МАНУ. Во рамките на тие проекти редовно организирал семинари, кои одиграа значајна улога во афирмирањето и во научното издигнување на голем број соработници. Некои од семинарите беа одржани како еднонеделни научни собири во други места од Републикава со учество на математичари од повеќе универзитетски центри надвор од Македонија. Улогата што ја одиграа учебниците Предавања по алгебра I, Предавања по алгебра II и Алгебарски структури и реалниброеви, како и Предавања по виша математикаI, II, III и Виша математика I, II, III, IV, наменети за студнетите од техничките факултети, чиј автор, односно коавтор е тој, одиграа незаменлива улога во издигањето на алгебарската и, пошироко, математичката култура во нашата средина.

Голем е неговиот ангажман и во развојот на компјутерските науки кај нас, посебно оној нивен дел што е тесно поврзан со математиката. Во периодот 1969-1973 г. беше директор на Математичкиот институт со нумерички центар при Универзитетот во Скопје, од кој произлегоа повеќе кадри кои сега работат на полето на информатиката. Бил иницијатор на математичките школи за млади математичари, а во еден мандатен период и претседател на Друштвото на математичарите на Македонија. Има добиено повеќе признанија и награди за покажаните резултати: плакета на Универзитетот "Кирил и Методиј", наградата 11 Октомври во 1966 г. и други. Одликуван е со Орден заслуги за народ со сребрен венец и со Орден на трудот со златен венец. Починал на 16 декември 2009 во Скопје, каде што е и погребан.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Letopis na Makedonskata akademija na naukite i umetnostite. Makedonska akademija na naukite i umetnostite. 2002. 
  2. „Институт за информатика“ (македонски). ПМФ - Скопје. конс. 2012-05-31.