Прејди на содржината

Црква „Рождество на Пресвета Богородица“ - Скопје

Од Википедија — слободната енциклопедија
Рождество на Пресвета Богородица

Поглед на црквата Рождество на Пресвета Богородица во Скопје

македонска православна црква
Епархија Скопска
Местоположба

Карта

Место Скопје
Општина Центар
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Пресвета Богородица
Изградба 1204, 1835, 2008 (возобновена)
Осветување 1 мај 1835, 31 јануари 2008
Ктитор Добромир Хрс, Трифун Костовски
Изгорена 1944 (од бугарската фашистичка окупаторска војска)
Архитектонски опис

Рождество на Пресвета Богородица (позната и како Света Богородица, Пресвета Богородица Трирачица) — македонски православен храм кој се наоѓа во центарот на градот Скопје. Црквата се наоѓа во познатото Пајко Маало на самиот кеј од левата страна на реката Вардар. Во минатото, во периодот од 1835 сè до спалувањето до бугарската фашистичка војска во 1944, црквата била соборен храм на градот Скопје и седиште на Скопската епархија (митрополија)[1]. Патрониот светец на црквата, Пресвета Богородица, е заштитничка на градот Скопје.

Историја

[уреди | уреди извор]
Црквата во почетокот на XX век

Најпрвин црквата „Света Богородица“ како соборен храм. и заштитник на градот Скопје била изградена во 1204 година од страна на македонскиот средновековен владетел Добромир Хрс[2] Изградбата била довршена во 1214 година од неговиот син Стрез (Срез). Оваа црква постоела до 1688 година,[2] кога била срушена од Турците.[3]

По долги години, на почетокот на XIX век, повторно започнала изградбата на црквата посветена на заштитничката на Скопје. Според скопскиот трговец Хаџи-Коста, неимарите и копаничарите започнале со работа уште во 1809 година, а по 10 години чекање на одобрението за изградба од страна на султанот во Цариград, црквата била свечено осветена на 1 мај 1835 година.[4] Според записите на Васил К’нчов, одобрението за градба стигнало во 1834 година.[5] Изградбата и иконостасот ја извршиле прочуените дебарски мајстори и копаничари, односно тајфите на Рензовци-Зографски во поголем и Фрчковски во помал дел.[6] Во периодот од 1848-1857 година, во оваа црква на повик на скопските граѓани, училиште на македонски народен јазик отворил и го водел македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот. Тој стекнува голема почит и популарност меѓу граѓаните, а во дворот на црквата ги одржува првите претстави и драмски обиди на учениците, напишани од него.

Кон крајот на Втората светска војна, во 1944 година, црквата со своите непроценливо богати исконостас и живопис, била запалена од страна на бугарската фашистичка окупаторска војска.[7] Комунистичката власт во тогашна СР Македонија во рамките на СФРЈ не започнала обнова на храмот, така што тој бил целосно срушен во скопскиот земјотрес од 1963 година.

Внатрешност на црквата
Воздушен поглед на црквата

Со стекнувањето на независноста на Македонија, повторно започнуваат иницијативите за обнова на црквата. На почетокот на 1995 година, група на главно постари граѓани (пензионери) на Скопје основаат и регистрираат здружение на граѓани за обнова на црквата, при што истата година успеваат да го обезбедат поседовниот лист и да издејствуваат изграбата на црквата да влезе во ДУП на Скопје.[8] Во следните неколку години тие успеаваат со самопридонес да изградат мал храм во близина на темелите на некогашната црква. Во 2004 година, познатиот скопскиот стопанственик и поранешен градоначалник Трифун Костовски активно се вклучил во обновата на црквата. Благодарение на неговото ангажирање и финансиските средства, изграбдата започнала во 2005, а завршила со осветувањето на црквата на празникот Св. Атанасиј, на 31 јануари 2008 година.[9] Црквата е обновена во истиот изглед и архитектура како што ја имала во минатото.

Во 2014 година бил обновен владичкиот престол во црквата, изработен од битолските копаничари Јане и Злате Крстевски до ателјето „Маке“, кои престолот го изработиле како верна копија на оригиналот, според фотографија на престолот од 1838 година. Новиот престол е изработен во длабока резба, од ореово дрво, со димензии 500 × 130 × 110 сантиметри. На престолот се наоѓаат украси како: магарешки трн, желади, винова лоза, сонце, двоглав орел, сирени и лавови, а на куполата се наоѓа позлатен крст. Престолот бил осветен на 21 септември 2014 година, на денот кога се празнува празникот Рождество на Пресвета Богородица (Мала Богородица). Инаку, оригиналниот престол бил дело на Петре Гарката, но изгорел во пожарот од 1944 година.[3]

  1. Јовчев Спасе. „Соборен храм Рождество на Пресвета Богородица во Скопје“, Скопје, 1997 г., стр. 13
  2. 2,0 2,1 Јовчев Спасе. „Соборен храм Рождество на Пресвета Богородица во Скопје“, Скопје, 1997 г., стр. 7
  3. 3,0 3,1 „Битолски копаничари направија грандиозен престол по примерот на Гарката“, Дневник, година XVIII, број 5601, понеделник, 27 октомври 2014, стр. 17.
  4. Јовчев Спасе. „Соборен храм Рождество на Пресвета Богородица во Скопје“, Скопје, 1997 г., стр. 17
  5. Исто
  6. Јовчев Спасе. „Соборен храм Рождество на Пресвета Богородица во Скопје“, Скопје, 1997 г., стр. 18
  7. Јовчев Спасе. „Соборен храм Рождество на Пресвета Богородица во Скопје“, Скопје, 1997 г., стр. 20
  8. Јовчев Спасе. „Соборен храм Рождество на Пресвета Богородица во Скопје“, Скопје, 1997 г., стр. 89-90.
  9. http://www.a1.com.mk/vesti/default.aspx?VestID=89175