Хераклит

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Хераклит
Хеленска
античка философија
Цело име Ηρακλειτος
Роден 554 п.н.е.
Ефес, Мала Азија
Починал 480 п.н.е.
Школа Предсократовци - Предсократовска философија
Главни интереси Политика, Метафизика, Етика...
Значајни идеи Логос (λόγος)

Хераклит (грчки: Ηρακλειτος) бил антички, пред Сократовски философ од Ефес , познат е и како Мрачниот, некои го нарекуват и философ на движењето и промената.

Биографија[уреди]

Хераклит е роден во Ефес, тогаш еден од најголемите и најразвиени градови во Мала Азија. Неговото семејство потекнувало од Андрокл, законскиот син на кралот Кодар, основоположникот на Ефес. Хераклит како првороден син, според наследното право требало да биде наредниот владетел, но тој се откажал од кралската власт во полза на брата си. Се споменува дека Хераклит бил ученик на Ксенофан, што е малку веројатно со оглед на остриот тон на Хераклит спрема него во фрагментот бр.40. Хераклит решил да живее аскетски живот во самотија, но пред да се повлече учествувал во јавниот општествено-политички живот во Ефес. Но кога жителите на Ефес го протерале неговиот пријарел Хермодор, тој ги намразил луѓето и си заминал во планините. Потоа ги одбивал Ефешаните да им напише закони, а го одбил и кралот Дариј кога тој го поканил да му биде политички советник.


Историските извори (првенствено Диоген Лаертски) го прикажуваат како меланхолик (го преставуваат како личност која рони солзи). Хераклит ја мразел толпата поради нејзината простотија, а од друга страна ја критикувал и хеленската традиција, верувања и обичаии, а особено демократијата [1] [2]. Уште како дете бил необичен, како момче говорел дека не знае ништо, во зрелоста велел дека се знае [3], а на крајот да истакне дека не бил ничиј ученик и дека се сам научил.

Хераклитовото дело[уреди]

За Природата[уреди]

Според античките хроничари, Хераклит го напишал списот ЗА ПРИРОДАТА кои е поделен на три расправи: За вселената, За политиката и За теологијата. Според други, Хераклит не пишувал туку своето учење го излагал усно, а делото кое денес му се припишува е само збирка на изреки кои се поврзуваат со неговото име. Меѓутоа фрагментот бр. 1 со својата должина и грижлива избалансираност упатува на пишан состав што можеби стоел на почетокот од делото, а пак и Аристотел говори за пишаното дело на Хераклит истакнувајќи еден проблем со интерпункцијата во него.Традицијата ни раскажува дека Хераклит своето дело го поклонил на божицата Артемида во нејзиниот храм во Ефес и таму се чувал сè додека античкиот пироман Херострат не го запалил храмот за да се прослави. Од огромниот пожар кои го зафатил храмот изгореле списите на Хераклитовото дело, но свештениците успеале да спасат мал број од списите, поточно околу 130-тина фрагменти.Овие зачувани фрагменти истраживачите ги групираат и нумерираат на повеќе различни начини. Така иследувачот на Хераклит, Конш ги групира Хераклитовите фрагменти според податливоста и информативноста на фрагментите. Српскиот хераклитолог М. Марковиќ ги групира фрагментите тематски, а најшироко прифатено групирање и нумерирање е она на гер. философ и филолог Херман Дилс кој ги групира според абецедниот редослед на имињата на авторите кај кои се запазени хераклитовите фрагменти.Од фрагментите на Хераклит се гледа дека тој пишувал во стегнат, тежок и антитетичен стил во кој треба да се открива скриената хармонија. Неговиот стил на пишување изобилува со профетика и хиератика која иницира афористичко, симболичко и метафорично стилско излагање. Пишувал како што прорекнувале во Делфи, ниту кажувал ниту не кажувал, туку само наговестувал. Често не ставал интерпункциски знаци со што ја зголемувал симболичноста и повеќе кратното значење на неговите изреки.Хераклитолозите сметаат дека Хераклит пишувал во архаичен литературен род, поточно со изреки како што пишувале седумте мудреци. Тој пишувал кратки пергантни стилски обликувани афоризми кои се нарекуваат дломе. Дломето е такво естетско дело кое изобилува со симетрија и паралелизам во деловите , како и со ритмичност на елементите во него кои се полни со игри со зборови, мерафори, алузии поточно поетичност во прозна форма. Меѓутоа неговите афоризми се најчесто нејасни, криптични, опскурни и слично, па затоа го заработил прекарот Темниот. Некои теоретичари на неговите дела тврдат дека Хераклит намерно пишувал на овој начин, иако поприфатлива е тезата дека едноставно за тоа што пишувал не може поинаку да се пишува.

Философија[уреди]

За движењето и менливоста[уреди]

Хераклит во центарот на своето учење го ставил движењето, за него суштината претавувала менувањето кое се случувало со законитости. Се што егзистира има зачеток и крај - настанува, постои и исчезнува, од небиднината во бидувањето и повторно во небиднина. Споре Хераклит, се се менува и се се појавува ново и одново, како што сонцето е ново секој ден. Се е подложно на минливоста, секој предмет, секое суштество и секој настан:

Во исти реки влегуваме и не влегуваме, сме и не сме

Односно, Хераклит не подучува дека во реките непрестајно дотечуваат други води, во мигот кога сме стапнле во реката, веќе протекле старите води и надоаѓаат новите. Односно, во животот се постојано се менува, движењето се случува без престан. Менувањето е незапирливо поради силите што меѓусебно се противставени и заемно се обусловуваат.

За спротивностите[уреди]

Хераклит учи дека насекаде има спротивности, тие постојат една врз основа на друга, спротивноста зависи од постоењето на она што нејзе и е спротивно:

Болеста здравјето го направи пријатно и добро, гладот - ситоста, а заморот - одморот

Противставените сили ја определуваат промената, Војната е општа, борбата е правда и се настанува низ борба и по нужност[4]. Поради спротивностите како и поради потребата за промена, ништо не трае вечно исто. Постаојано се води борба и се воспоставува единство на спротивностите. Новите својства се раѓаат од тоа што спротивното се обединува... од различните нешта произлегува најубавата хармонија... се настанува низ борбата. Овој дијалектички процес на Хераклит, се случува со борбата на спротивностите и со нивното единство, и затоа Хераклит истакнува дека :

Војната е татко на сите и крал на сите[5]

За огнот и хармонијата[уреди]

Според Хераклит, основата и симболот на промените е огнот, најверојатно е дека Хераклит бил под влијание на источните учења, првенствено на Заратустра и од таму го зел огнот како симбол. За Хераклит огнот е архе: Сите нешта еднакво се разменуваат за огнот и огнот за сите нешта. Огнот е прасупстанција од која настануваат сите нешта и во која се враќа. Тој е симбол на непрестајната преобразба - како согорување, трансформирање од едни својства во други. Огнот е битие. Односно станува збор за вечно жив оган кој со мера се пали и со мера се гасне. Тоа е пламен на настанувањето, основа на световите и причина за нивното исчезнување. Само огнот како битие е неугаслив. Светското движење е кружно: оган - воздух - вода - земја и обратно: земја - вода - воздух - оган. Се е детерминирано, нема случајности, се е нужно, се си има ред, кој е правилност според која појавите се случуваат законито, во природата нема хаос туку хармонија, односно Хераклит учи за вечното кружно движење. Според Хераклит, сеопштата законитост во космосот е Λογότυπα (логосот - ум, разум, закон, дух, смисла). Логосот суштествува вечно. Се настанува според логосот, тој управува со се. Во општата заемност и обусловеност на постоењето владее единство, хармонија на спротивни сили. Невидливата хармонија е посилна од видливата. Хармонијата преставува едногласност на сета природа во нејзината целост, различност и сеопфатност.

За сетилата и разумот[уреди]

Хераклит смета дека сетилното познание не е доволно добро. сетилата не се сигуренизвор на знаењето и вистината. Со разумот се открива вистината за нештата и за светот. Здобивајќи се со знаење и следејќи го разумот, облагодарувајќи си ја душта, човекот ќе биде мудар.

Многумина не ги разбираат нештата со кои се среќаваат ниту пак поучени ги спознаваат, туку само ги вообразуваат[6]

Хераклит и Милетќаните[уреди]

Хераклит се надоврзува на достигањата на Милетќаните. Тој е творец на грчката философска проза. Тој сметал дека овој свет е ист за сите, не го создал ниеден бог, туку секогаш бил и ќе биде вечно жив оган што по мера се пали и по мера се гаси. Тој го избрал огнот како праоснова на сî, бидејќи тоа е длабоко сообразно со неговото сфаќање за променливоста на огнениот принцип, неговото едностојно вивање, непрестајно преобликување, искрење, со оној длабок немир кој го прави непостојано неговото бидување. Според Хераклит настаните во светот се неповторливи, тој е независен од надземни и земни суштества. Тој е вечен, нема почеток ни крај, сетворечки и сеопфатен, според него сî се разменува за оган и огнот за се'. Хераклит смета дека праелементот на светот твори свет чии предмети и појави не се еднородни (хомогени), туку разнородни (хетерогени). Тој го раздвојува секое цело на неговите протиставени делови и ја согледува вистината дека на лице е поприште на едностојна, вечна борба од што произлегува онаа живост, зовриеност, оној несопирлив немир или, како што ќе рече Хераклит, војна. Тој вели дека војната е татко на сî нешто, на се' нешто крал. За Хераклит и душата е огнена само што тој оган е посув, додека пак, познанието оди од сетилноста, но мудроста доаѓа од умот. Умот треба да го промие, т.е. да го добере или истреби сетилниот материјал за да дојде до вистинско знаење. Хераклит е против суеверието, баењето и празноверието, како и против многубоштвото. Тој смета дека разумот е општ за сите и дека на сите луѓе им е дадено да се познаат себе си и да бидат разумни.

Смртта[уреди]

Според некои, откако се повлекол во планините тој започнал да се храни со билки и трева, па така се разболел од водена болест. Потоа се вратил во градот и ги запрашал лекарите дали можат од поплава да направат суша, но тие не го разбрале неговиот загадочен говор. Тој тогаш се закопал во пондилата надевајќи се дека водата од него ќе испари поради топлината на ѓубривото. Неговите пси, така извлкан не го препознале и го растргнале до смрт.

Влијанието на Хераклит[уреди]

Учењето на Хераклите било забележано уште во антиката, хеленскиот мислител Кратил истакнал дека: нитуеднаш не можеме да стапнеме во некоја река, затоа што веќе кога ќе помислиме на тоа, водата се изменила. Влијанието на Хераклите се чуствувало и во 19 век, Хегел и другите и другите дијалектичари го почитувале поради учењето за движењето низ спротивности, кај Ниче се забележува влијанието за вечно враќање на истото.

Извори[уреди]

  1. Хераклит, Витомир Митевски, Матица македонска, Скопје, 1997.
  2. Kahn, Charles (1979). The Art and Thought of Heraclitus: Fragments with Translation and Commentary. London: Cambridge University Press. pp. 1–23.
  3. Diogenes Laërtius, ix. 5
  4. Хераклит, фраг. 80
  5. Хераклит, фраг. 53
  6. За природата, фраг. 17

Останати извори[уреди]

  • Учебник по философија за четврта година по гимназиско образование.