Фридрих Акел

Од Википедија — слободната енциклопедија

Фридрих Карл Акел (5 септември [ст. ст. 24 август] 1871[1] во селото Кауби (сегашно Порнусе), парохијата Мулги – 3 јули 1941 година во Талин) бил естонски дипломат и политичар кој служел како државен старешина на Естонија во 1924 година.

Раните години[уреди | уреди извор]

Акел бил роден во селото Кауби (сегашно Порнусе) во парохијата Мулги. Тој одел во гимназијата Александар во Тарту, а студирал на катедрата за медицина на Универзитетот во Тарту во 1892-1897 година. По дипломирањето, работел како асистент на Универзитетската клиника во Тарту пред да се вработи како лекар во офталмолошката клиника Рајмерс во Рига во 1898 година. Следната година, тој започнал да работи како лекар во воената болница Ујаздов во Варшава. Во 1901 година ги продолжил студиите во Берлин, Прага и Лајпциг.

Откако накратко се вратил како лекар во офталмолошката клиника Рајмерс, Акел работел како приватен офталмолог во Талин помеѓу 1902 и 1912 година, со исклучок за 1904-1905 година, кога служел како воен лекар во руско-јапонската војна. Во 1907 година бил еден од основачите на Приватната клиника на естонските лекари, а во 1912 година основал своја очна клиника. Тој бил и член и претседател на општинскиот совет на Талин и почесен судија на мирот во Советот за мир Талин-Хапсалу.

Акел бил член на одборот на Севернобалтичкиот сојуз на лекари и на народното образовно друштво на Талин, претседател на спортското друштво „Калев“, градежното друштво на театарот „Естонија“ и на Естонското друштво „Естонија“ во Талин, бил и член и претседател на советот и член на Одборот на Талинското здружение за заеми и штедилници (подоцна Талинска кредитна банка), исто така и потпретседател на конститориумот на Естонската евангелистичка лутеранска црква во 1920–1922 година.

Политичка кариера[уреди | уреди извор]

Акел бил старешина на Естонија помеѓу март и декември 1924. За време на неговиот мандат како старешина на државата, Комунистичката партија на Естонија извршил неуспешен обид за државен удар на 1 декември; иако Акел избегал неповреден, министерот за транспорт Карл Карк бил убиен.

Исто така, бил министер за надворешни работи во 1923-1924, 1926-1927 и 1936-1938, и естонски пратеник во Шведска и Данска во 1928-1934 година и Германија и Холандија во 1934-1936 година. Во 1927-1932 година, бил претставник на Естонија во Меѓународниот олимписки комитет.[2]

Од 1926 до 1929 година, Акел бил член на III Риигикогу, претставувајќи ја Христијанската народна партија. Подоцна, бил член на естонското национално собрание (Рахвускогу) во 1937 година и на Ригинукогу (горниот дом на парламентот) во 1938-1940 година.

Апсење и егзекуција[уреди | уреди извор]

По советската инвазија и окупација на Естонија и другите балтички држави во јуни 1940 година, Акел бил затворен од НКВД во октомври 1940 година. Бил убиен со пукање во Талин на 3 јули 1941 година. Неговата сопруга, Адел Каролина Тенц, била депортирана во СССР во јуни 1941 година и починала таму во 1944 година.

Наводи и извори[уреди | уреди извор]

Наводи 
  1. „Friedrich Karl Akel“ (PDF) (Estonian). Government of Estonia. стр. 2. Посетено на 8 June 2013.CS1-одржување: непрепознаен јазик (link)
  2. „Karl Friedrich Akel“ (PDF). LA84 Foundation. Архивирано од изворникот (PDF) на 18 March 2012. Посетено на 29 September 2008.
Извори
Претходник
Константин Пец
Државен старешина на Естонија
1924
Наследник
Јури Јааксон
Претходник
Александар Хелат
Министер за надворешни работи
1923–1924
Наследник
Ото Страндман
Претходник
Антс Пиип
Министер за надворешни работи
1926–1927
Наследник
Александар Хелат
Претходник
Јулиус Сељамаа
Министер за надворешни работи
1936–1938
Наследник
Карл Селтер