Федерални резерви на САД

Од Википедија — слободната енциклопедија
Федерални резерви на САД
Печат
Печат
Седиштето на федералните резерви (зградата Еccles)
Седиштето на федералните резерви (зградата Еccles)
СедиштеВашингтон Д.Ц.
ПретседателЏером Пауел
Централна банка наСАД
Валутадолар
USD (ISO 4217)
Каматна стапка0%-0.25%
Мрежно местоfederalreserve.gov

Федералниот резервен систем (англиски: The Federal Reserve System или Federal Reserve, неформално The Fed) претставува централна банка на САД.

Историја[уреди | уреди извор]

ФЕД бил основан во 1913 година преку усвојувањето на Законот за федерални резерви како одговор на претходните банкарски паники и кризи, од кои најголема била кризата од 1907 година. Со текот на времето, улогата и одговорностите на федералните резерви се проширувале, а нивната структура се развивала. Некои од најголемите фактори кои довеле до промени во системот на ФЕД биле настаните како Големата депресија.[1].

Организација на Федералниот резервен систем

Список на федерални резервни банки[уреди | уреди извор]

Области на Федералните резерви

ФЕД е организиран во повеќе области, кои се покриени од регионалните резервни банки. Притоа, секоја од нив има своја буква и број, кои служат за идентификација. Овие букви и бројки се користат на банкнотите кои ги издава ФЕД за да се идентификува од која банка е емитувана секоја банкнота.

Ферерална резервна банка Буква Број Филијали Мрежно место Претседател
Бостон А 1 --- https://www.bostonfed.org/ Сузан М. Колинс
Њујорк Б 2 Бафало (затворена од 31 Октомври, 2008г.), Њујорк https://www.newyorkfed.org/ Џон К. Вилијамс
Филаделфија В 3 --- https://www.philadelphiafed.org/ Патрик Т. Харкер
Кливленд Г 4 Синсинати, Охајо/ Питсбург, Пенсилванија https://www.clevelandfed.org/ Лорета Ј. Местер
Ричмонд Д 5 Балтимор, Мериленд/ Шарлот, Северна Каролина https://www.richmondfed.org/ Том Баркин
Атланта Ѓ 6 Бирмингем, Алабама/ Џексонвил, Форида/ Мајами, Флорида/ Нешвил, Тенеси/ Њу Орлеанс, Луизијана https://www.atlantafed.org/ Рафаел Бостиќ
Чикаго Е 7 Детроит, Мичиген/ Де Моин, Ајова https://www.chicagofed.org/ Чарлс Л. Иванс
Сент Луис Ж 8 Литл Рок, Арканзас/ Луисвил, Кентаки/ Мемфис, Тенеси https://www.stlouisfed.org/ Џејмс Б. Балард
Минеаполис З 9 Хелена, Монтана https://www.minneapolisfed.org/ Нил Кашкари
Канзас Сити Ѕ 10 Денвер, Колорадо/Оклахома Сити, Оклахома/ Омаха, Небраска https://www.kansascityfed.org/ Естер Л. Џорџ
Далас И 11 Ел Пасо, Тексас/ Хјустон, Тексас/ Сан Антонио, Тексас https://www.dallasfed.org/ Лори К. Логан
Сан Франциско Ј 12 Лос Анџелес, Калифонија/ Портланд, Орегон/ Солт Лејк Сити, Јута/ Сиетл, Вашингтон https://www.frbsf.org/ Мери Си. Дејли

Цели на Системот на федералните резерви[уреди | уреди извор]

Системот на федералните резерви бил создаден во 1913 година, откако по серија банкротства на банки, Конгресот заклучил дека САД имаат потреба од централна банка која ќе се грижи за чување на здравјето на националниот банкарски систем. Законот за федералните резерви од 1913 година го овластил Системот на федерални резерви да ја води монетарната политика во САД. Подоцна, во 1977 година, Конгресот воспоставил три главни цели на монетарната политика: максимална вработеност, стабилност на цените и умерени долгорочни каматни стапки.[2] Првите две цели се нарекуваат двоен мандат (dual mandate) на ФЕД и се сметаат за најважни во неговото делување.

Сепак, Федералните резерви во минатото никогаш не ги имале прецизно одредено овие цели. Конечно, по еден состанок одржан во јануари 2012 година, ФЕД издал соопштение во однос на долгорочните цели и стратегија на монетарната политика. Во соопштението било истакнато дека инфлацијата со стапка од 2% (изразена преку годишната промена на индексот на потрошувачките цени) во подолг рок е најконзистентна со законскиот мандат на ФЕД. Одредувањето на оваа цел за инфлацијата јасно помага да се стабилизираат долгорочните инфлациски очекувања, а со тоа и да се остварат целите за ценовна стабилност и умерени долгорочни каматни стапки.[3] Што се однесува до максималното ниво на вработеност, ФЕД смета дека, во голема мера, тоа е определено од немонетарни фактори кои влијаат на структурата и динамиката на пазарот на труд. Овие фактори може да се менуваат со текот на времето и не можат да бидат директно мерливи, па затоа ФЕД не одредува фиксна цел за максималната вработеност. Сепак, како последица на порастот на невработеноста во САД, под влијание на Глобалната финансиска криза, ФЕД направил отстапка во полза на невработеноста и за првпат, двете цели (инфлацијата и невработеноста) добиле рамноправен третман во монетарната политика на ФЕД. Така, ФЕД објавил дека олабавената монетарна политика ќе остане на сила сè додека не се намали невработеноста, т.е. дека ФЕД ќе продолжи секој месец да купува хартии од вредност во износ од 85 милијарди долари сè додека стапката на невработеност не падне под 6,5% или стапката на инфлација не надмине 2,5%.[4]

Инструменти на монетарната политика[уреди | уреди извор]

ФЕД ја води монетарната политика така што влијае врз каматната стапка на федерални фондови (federal funds rate), која ја претставува каматната стапка по која банките си позајмуваат на меѓубанкарскиот пазар на пари. Оваа каматна стапка се формира на меѓубанкарскиот пазар, но ФЕД влијае врз неа преку своите инструменти. Стапката на федерални фондови е краткорочната каматна стапка на кој ФЕД се фокусира директно и така влијае на долгорочните каматни стапки во економијата.

За таа цел, ФЕД користи три основни инструменти на монетарната политика:

Операции на отворен пазар[уреди | уреди извор]

Системот на федералните резерви сè уште го користи изразот “операции на отворен пазар” (open market operations) во неговото традиционално значење, т.е. овие операции се однесуваат на купување и продажба на хартии од вредност од страна на централната банка за да се влијае на каматната стапка на федералните фондови.

Во основа, ФЕД може да ги извршува операциите со купопродажба на какви и да било хартии од вредност. Сепак, во праксата, со најголем дел од финансиските инструменти не се тргува доволно често и во доволно голем обем за да бидат погодни за извршување на операциите на отворен пазар. За да бидат ефективни овие операции, ФЕД мора да биде во можност да купува или продава одредени хартии од вредност, и тоа, брзо и во обем кој е потребен за да ја одржува стапката на федералните фондови на таргетираното ниво. Пазарот за државните хартии од вредност (US Treasury securities) и хартиите од вредност кои се гарантирани од државата и нејзините агенции во потполност ги задоволуваат овие критериуми. Затоа, ФЕД ги употребува токму овие хартии од вредност за спроведување на операциите на отворениот пазар и тие заземаат најголем дел од билансот на состојбата на ФЕД.

Одлуката за видот на операциите на отворен пазар зависи од предвидувањата за тоа колку долго ќе трае дефицитот или суфицитот на пазарот на федералните фондови. Доколку проекциите покажат дека нерамнотежната состојба ќе се задржи подолго, тогаш ФЕД пристапува кон операции на конечно купување/продавање или привремени репо-трансакции со подолг рок на достасување. Сепак, краткорочните привремени трансакции се многу почести отколку конечните или долгорочните трансакции, бидејќи дневните флуктуации на финансискиот пазар можат да предизвикаат значајно нарушување на односите меѓу понудата и побарувачката, што може да изврши притисок на стапката на федералните фондови. Затоа, краткорочните хартии од вредност учествуваат со поголем процент во вкупното портфолио отколку долгорочните. Ова му овозможува на ФЕД поголема ликвидност и можност за подобра реакција на пазарот, кога тоа е потребно.

Конечни операции[уреди | уреди извор]

Доколку проекциите на ФЕД укажуваат на поголема и постојана нерамнотежа помеѓу понудата и побарувачката на федералните средства (на пример, во континуитет од еден месец или повеќе), тогаш се пристапува кон конечни операции (оutright оperations) на купување или продавање. Таквите трансакции трајно го намалуваат/ зголемуваат портфолиото на ФЕД. ФЕД извршува значително повеќе операции на конечно купување отколку на конечно продавање за да се задоволи зголемената побарувачка на пари.

Кога ФЕД одлучува да пристапи кон конечно купување на хартии од вредност, прво решава, колку треба да купи за да одговори на неусогласеноста помеѓу понудата и побарувачката. Потоа, ФЕД ја дели сумата на помали делови и извршува серија на купувања на различни сегменти на пазарот за да го минимизира влијанието врз пазарните цени. Но, ова не било така отсекогаш, бидејќи до 1995 година, ФЕД вршел купување или продавање на пазарот само неколкупати годишно, т.е. одреден период чекал побарувачката на средствата да биде доволно голема за да се изврши трансакција (3-4 милијарди долари).[5] На овој начин, по давањето на понудата од страна на дилерите на ФЕД, требало да се чека определено време да се прифатат понудите од заинтересираните страни, со што постоел ризик од промена на цените на пазарот во времето додека дилерите чекаат. Поради ова, во 1995 година ФЕД ја променил стратегијата и пристапил кон постепено купување (или продавање), што резултирало со поголема ефикасност и помали нарушувања на пазарот.

Привремени операции[уреди | уреди извор]

Една операција е привремена доколку во согласност со условите од договорот, по истекот на определен број денови, таа се отповика, а состојбата на субјектите кои го склучиле договорот се врати во позиција како пред склучувањето на договорот. ФЕД често извршува привремени операции (temporary operations) со цел уфрлување или повлекување ликвидност. Во овој случај, ФЕД купува или продава определена хартија од вредност од некој примарен дилер, со договор, на определена идна дата, тој да ја продаде или откупи. Најголем дел од повратните трансакции се со рок на достасување од еден ден (overnight), а долгорочните повратни трансакции се користат за исправка на нарушувањата за кои се очекува да траат подолг период.

Дисконтен прозорец[уреди | уреди извор]

Кредитирањето на ФЕД преку дисконтен прозорец (discount window) има две основни функции:

  • ги надополнува операциите на отворениот пазар во достигнувањето на таргетираната стапка на федералните фондови, со зголемување на понудата на средства, кога таа е помала од побарувачката;
  • претставува извор на ликвидност за поединечните депозитарни институции.

Иако обемот на позајмувањето преку системот на расположливи линии е релативно мал, тој игра важна улога во смалувањето на притисокот врз стапката на федералните фондови. Одобрувањето на овие кредити ја зголемува понудата на средства, а со тоа ја намалува можноста за зголемување на стапката на федералните фондови, која би имала таква тенденција доколку понудата не може да одговори на побарувачката. Исто така, кога нормалното функционирање на финансискиот пазар е нарушено, директното кредитирање на ФЕД може да служи како основен канал за понуда на средства на депозитарните институции.

Каматната стапка која претставува цена на позајмувањето од централната банка се нарекува дисконтна стапка. Во нормални околности, ФЕД им одобрува кредити на депозитарните институции преку примарна, секундарна и сезонска програма.

Примарни кредити[уреди | уреди извор]

Примарните кредити се одобруваат на стабилни банки, и тоа, на многу кратки периоди, вообичаено преку ноќ. Притоа, од банките не се бара да ги исцрпат сите можни извори на средства пред да се пријават за примарен кредит, но сепак оваа операција треба да се користи како повремен, а не регуларен извор на финансирање. Каматната стапка на примарните кредити вообичаено е за еден процентен бод над таргетот на стапката на федералните фондови, но таа може да варира во зависност од околностите.

Секундарни кредити[уреди | уреди извор]

Секундарните кредити се одобруваат на институции кои не се квалификувани за примарните кредити. Вообичаено, тие се одобруваат со многу краток рок на доспевање (преку ноќ), по каматна стапка која е повисока од онаа на примарните кредити.

Сезонски кредити[уреди | уреди извор]

Сезонските кредити се наменети да им помогнат на малите депозитарни институции во управувањето со значителните сезонски варијации на нивните кредити и депозити. Овие кредити се достапни за институциите кои можат јасно да докажат дека имаат вакви циклични движења на нивните активности. Вообичаено, овие институции се сместени на земјоделски или туристички подрачја. Каматната стапка на сезонските кредити е променлива и зависи од пазарните каматни стапки.

Задолжителната резерва[уреди | уреди извор]

Задолжителната резерва (reserve requirements) се однесува на износот на паричните средства што банките мора да ги чуваат како резерва кај ФЕД во однос на утврдениот износ на пасивата од билансот на состојбата. Овие резерви можат да бидат во форма на готовина или како депозит на сметката на банките кај ФЕД.

ФЕД може да ги прилагодува задолжителните резерви преку промена на стапката (коефициентот) на задолжителната резерва, на обврските на кои оваа стапка се применува, или на двете заедно. Промената во политиката на задолжителната резерва влијае врз пазарот на пари преку контрола на обемот на средствата кои банките можат да ги пласираат кај своите клиенти, како и самиот трошок на овие средства.

Зголемувањето на задолжителната резерва (преку зголемување на коефициентот или на обврските на кои тој коефициент се применува) предизвикува намалување на банкарските кредити и нивото на депозитите, што влијае на зголемување на каматните стапки. Ова, исто така, ги зголемува трошоците на банките, преку зголемување на износот на средствата кои не носат камата, а мора да се држат како резерва. Во обратен случај, намалувањето на задолжителната резерва им овозможува на банките експанзивна кредитна политика и намалување на каматните стапки.

Мерките на ФЕД за време на светската економска криза[уреди | уреди извор]

Кога се појавиле првите финансиски потреси, во август 2007 година, централните банки веднаш реагирале во насока на намалување на каматните стапки, а потоа и спроведување на голем обем на неконвенционални мерки. Првите одговори на ФЕД биле намалување на дисконтната стапка (primary credit rate) и на целната стапка на федерални средства (federal funds rate). Овие мерки вклучувале проширување на обемот на постојните инструменти на монетарната политика, особено времетраењето на операциите и намалување на стандардите за подобноста на колатералот (обезбедувањето) на банките.[6]

И покрај големината на овие одговори, финансиската криза се интензивирала во есента 2008 година, како последица на пропаста на банката “Леман брадерс” (Lehman Brothers). Овој настан предизвикал губење на ликвидноста и на довербата во рамките на меѓубанкарскиот систем. Банките станале поосетливи на ризикот и неподготвени да си позајмуваат меѓусебно. Оттука, примарна цел на монетарните власти било да го деблокираат меѓубанкарскиот пазар преку значително олеснување на пристапот до ликвидност. За да се постигне ова, тие интервенирале подиректно во подобрувањето на кредитните услови во конкретни пазарни сегменти. Овие мерки вклучувале дополнително намалување на каматните стапки и купување финансиски имоти, финансирани со парите на централната банка (т.н. “квантитативно олеснување”) со цел зголемување на достапноста на финансиските институции до парите на централната банка. Операциите на "квантитативното олеснување" се спроведувале така што ФЕД, по претходна најава, купувал од банките државни хартии од вредност или хартии од вредност кои биле гарантирани од институциите како што се "Фани Меј" или "Фреди Мек". Првата рунда на "квантитативното олеснување" била преземена веднаш по ескалацијата на кризата, во ноември 2008 година, кога ФЕД купил хартии од вредност во износ од 600 милијарди долари. Во текот на во 2009 година, ФЕД продолжил да купувa комерцијални записи, осигурани (asset-backed) хартии од вредност и други приватни финансиски имоти кои содржеле кредитен ризик, во вкупен износ од дури 1 000 милијарди долари. Првата фаза на "квантитативното олеснување" траела до март 2010 година, кога вкупното портфолио на ФЕД достигнало дури 2 000 милијарди долари.[7]

Исто така, ФЕД презел значителни ризици, преку одобрувањето заеми, обезбедени со колатерал кој во тоа време бил ризичен. Таков пример бил заемот од 30 милијарди долари, даден на банката "JPMorgan Chase" со цел да ја преземе пропадната инвестициска банка "Bear Sterns", во март, 2008 година. Овој заем бил даден со колатерал кој подразбирал помал износ на ликвидни средства на Bear Sterns, подразбирајќи дека ФЕД ќе ја надомести загубата ако вредноста на вкупните средства стане помала од нивната гарантна вредност. Во оваа фаза од кризата, ФЕД фактички го преземал кредитниот ризик, а дури подоцна акцентот се префрлил на одржување на економијата преку пониски каматни стапки.

Во втората фаза од кризата (20102012), главната загриженост во САД била поврзана со економскиот циклус, бидејќи економијата растела бавно, а пазарот на труд закрепнувал бавно, така што бил потребен интензивен стимул од монетарната политика. Во август 2010 година, ФЕД одлучил да изврши дополнително купување на финансиски имоти, преку операции на отворениот пазар, купувајќи краткорочни државни записи во висина од 30 милијарди долари. Оттука, на 27 август 2010 година, претседателот на ФЕД, Бен Бернанке, го најавил вториот бран на "квантитативно олеснување", кој започнал во ноември 2010 година и траел до јуни 2011 година. Во тие седум месеци, портфолиото на хартии од вредност, купени од страна на ФЕД се задржало на нивото од 2 000 милијарди долари, но ФЕД започнал со парите од наплатата на краткорочните обврзници да купува државни обврзници со рок на достасување од 10 години. Третата рунда на "квантитативно олеснување" започнала на 12 септември 2012 година, кога ФЕД објавил дека секој месец ќе купува хартии од вредност во износ од 85 милијарди долари сè додека невработеноста не падне под 6,5% или инфлацијата не надмине 2,5%. Истовремено, ФЕД објавил дека референтната каматна стапка ќе ја одржува на ниско ниво до 2015 година.[8]

Најголемата последица од ваквите неконвенционални мерки била зголемување на билансот на состојба на централните банки. Вкупната актива на ФЕД пораснала тројно во период од само пет години (2007-2012). Сето тоа започнало да буди сомневање во поглед на можните негативни последици од "квантитативното олеснување", во прв ред, во однос на порастот на инфлацијата и создавањето "меури" на пазарот на капитал. Оттука, на 22 мај 2013 година, Бернанке ја најавил можноста за постепено повлекување на програмата на "квантитативно олеснување", а веќе на 18 декември 2013 година бил направен и првиот конкретен чекор во таа насока, кога ФЕД објавил дека, почнувајќи од јануари 2014 година, ќе го намали месечниот износ на хартиите од вредност што ги купува, и тоа од 85 на 75 милијарди долари.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Sue C. Patrick, Reform of the Federal Reserve System in the Early 1930's: The Politics of Money and Banking, Garland, 1993.
  2. The Federal Reserve Act, Section 2a, 12 USC 225a as added by the Act of November 16, 1977.
  3. Federal Reserve[мртва врска]
  4. 4,0 4,1 "Монетарната политика во САД: Мали промени - големи последици", Економија и бизнис, година 16, број 186, декември 2013, стр. 27.
  5. Cheryl L. Edwards, Open Market Operations in the 1990s.
  6. „Federal Bank of St. Louis“. Архивирано од изворникот на 2013-11-05. Посетено на 2014-01-11.
  7. "Монетарната политика во САД: Мали промени - големи последици", Економија и бизнис, година 16, број 186, декември 2013, стр. 26.
  8. "Монетарната политика во САД: Мали промени - големи последици", Економија и бизнис, година 16, број 186, декември 2013, стр. 26-27.