Пијавици

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Пијавици
Пијавица на камен
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Прстенести црви
Класа: Појасни црви
Поткласа: Пијавици
Ламарк, 1818
Редови

Arhynchobdellida или Rhynchobdellida
Постои расправа околу тоа дали Hirudinea треба да е класа или поткласа во типот Annelida.

Пијавиците (науч. Hirudinea) се поткласа што содржи околу 500 прстенести црви обично познати како пијавици. Пијавиците се познати по тоа што цицаат крв, како и по нивниот свиен начин на движење. Освен примитивната Acanthobdella peledina, пијавиците немаат хети. Во повеќето случаи тие поседуваат две пијавки, и тоа една на предниот крај (глава) која ги опфаќа сегментите од 1 до 4, и друга на задниот крај (опашка) која ги опфаќа сегментите од 25 до 33. Како и малкучетинестите црви од кои се мисли дека еволуирале, пијавиците се наоѓаат во слатководни, морски и копнени екосистеми.

Физички карактеристики[уреди]

Пијавиците поседуваат појасче (clitellum) кое секретира кокони или обвивки на јајце клетките. Овие животни се симултани хермафродити. Имаат тело кое се состои од 34 сегменти (сомити), но немаат хети. Иако не се сите сангвиворни (крвопијни), повеќето пијавици имаат специјални адаптации за хранење со крв. Главна адаптација е мускулната каудална пијавка составена од последните седум сомити од сегментираното тело. Оваа пијавка е критична за прикачување и за останување на домаќинот. Кај поголемите и поактивни видови таа служи како пливачки апарат. Шесте сомити на предниот крај на телото се исто така модифицирани во вентрална пијавка која го обиколува мускулниот фаринкс. Негативниот притисок кој се создава со предната пијавка помага при цицањето на крвта. Сангвиворните пијавици обично се опремени со големо и разгрането црево (цека, caeca), што им дозволува да бидат значително издолжени при хранењето. Некои пијавици конзумираат крв и до шест пати повеќе од нивната телесна тежина. Овие примитивни карактеристики кај рецентните пијавици укажуваат на тоа дека ги поседувал и нивниот предок.

Дистрибуција[уреди]

Пијавиците можат да се најдат во слатководните и копнените локации на сите континенти, освен на Антарктикот. Морските пијавици се наоѓаат во сите океани. Претставниците од главните фамилии на пијавици можат да се најдат насекаде, со исклучок на некои видови од фамилијата Haemadipsidae. За овие видови се мисли дека потекнуваат од времето на доцното гондванско отцепување, по одделувањето на Африка и Јужна Америка од остатокот на првобитниот суперконтинент пред околу 180-140 милиони години. Некои помали фамилии, вклучувајќи ги Americobdellidae и Cylicobdellidae можат да се најдат само во Јужна Америка. Повеќето океански пијавици по сѐ изгледа дека преферираат умерени или арктички води, а само неколку видови специфични за елазмобранхиите се наоѓаат во тропските морски системи.

Однесување[уреди]

Повеќето пијавици можат да пливаат со координирање на деполаризацијата на невроните долж нивното вентрално нервно стебло, што ги предизвикува лонгитудиналните мускули да го движат брановидно телото на пијавицата. Задната пијавка служи за придвижување на телото со одбивање од подлогата. Пијавиците се движат до цврсти супстрати со наизменично прикачување на антериорната и постериорната пијавка помеѓу периоди кога телото се издолжува. Кога се одмараат, пијавиците лежат под објекти во поплитките делови, обично делумно надвор од водата. Овие животни имаат неколку предни очни дамки и се способни да детектираат движење од контрастот на светлина и сенка.

Исхрана[уреди]

Сангвиворните пијавици се способни да се исхрануваат со крв поради неколку биоактивни хемикалии во нивната плунка, како што е хирудинот. Други антикоагуланти во пијавиците се инхибитори на ензимот протеаза.