Нуклеарно оружје

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Изглед на современа нуклеарна бомба

Нуклеарно оружје е експлозивен уред кој ја добива својата огромна деструкциона сила од нуклеарна реакција на фисија или од комбинација на фисија и фузија. И при двете реакции се добива огромно количество на енергија од релативно мали количества на материја. За споредба модерно нуклеарно оружје тешко околу еден тон може да произведе експлозија што би ја произвеле милијарда килограми од најјакиот експлозив. Нуклеарните оружја спаѓаат во категоријата на оружјe за масовно уништување. Mногу луѓе се борат и се надеваат на тотално елиминирање и уништување на ваквите оружја.

Во воената историја досега само двапати биле употребени нуклеарни оружја, и двете од САД при крајот на Втората Светска Војна. Првото беше детонирано утрото на 6-ти август 1945-та година, кога САД фрлија нуклеарна бомба на база на ураниум наречена "Малото момче" во Јапонскиот град Хирошима. Втората бомба беше фрлена 2 дена подоцна, а овојпат тоа беше плутониумска бомба што предизвикува имплозија наречена „Дебелко“ во градот Нагасаки исто така во Јапонија. Овие два напади резултираа со 120,000 мртви од повредите од експлозијата и од радиоактивноста и уште голем дел на загинати од долготрајните ефекти од радијацијата. Потребата од користењето на овие бомби беше и останува контроверзно прашање.

Од Хирошима и Нагасаки, како тест или демонстрација нуклеарно оружје е употребено над две илјади пати. Единствените земји за кои со сигурност се знае дека детонирале нуклеарно оружје (хронолошки) се: САД, Русија, Велика Британија, Франција, Кина, Пакистан и Северна Кореја. Исто така се верува дека и Израел поседува нуклеарно оружје меѓутоа тие го негираат ова тврдење. За повеќе информации за поседувањето на нуклеарни оружја види ја Листата на држави со нуклеарно оружје.


Историја[уреди]

Облакот во форма на печурка од атомското бомбардирање на Нагасаки се крева 18 километри од местото каде што е фрлена

Првото нуклеарно оружје било создадено во САД од меѓународен тим, кој вклучувал голем дел на научници од Европа, посебно Германија, со помош на Велика Британија и Канада. Оружјето било создадено за време на Втората Светска Војна како дел од тајниот Менхетен Проект. Иако првенствено било создадено од страв дека и Фашистичка Германија ќе развие такво оружје, за првпат го употребиле на Јапонските градови Хирошима и Нагасаки. Првиот тест на нуклеарното оружје бил направен на 16-ти јули 1945-та година блиску до Аламогордо во Њу Мексико. Тогашниот Советски Сојуз разви и тестираше нуклеарно оружје во 1949-та година со информации добиени преку шпионажа на САД. Првенствено нуклеарното оружје било во вид на бомби кои биле исфрлувани од авион, меѓутоа со развојот на ракетите во 60-тите години нуклеарното оружје било вградувано во ваквите ракети што овозможува да биде погодена било која цел во светот. Со тоа отпочнала Студената Војна во која за малку фалело да биде повторно употребено вакво оружје.

Нуклеарното оружје денес стана симбол на воената моќ и моќта на државата, и нуклеарните тестови се употребуваат за испраќање на политички пораки и заплашувања. И други држави развија вакво оружје во текот на Студената Војна а тоа се Велика Британија, Франција и Кина. Овие пет држави се согласија да го запрат понатамошното ширење на другите земји со вакво оружје, а во тоа време уште четири други земји развија или стекнаа вакво оружје(Индија, Јужна Африка, Пакистан и Израел). На крајот од Студената Војна Русија го собра оружјето останато кај некои членки од поранешниот Советски Сојуз и потпишаа договор со САД за намалување на нуклеарниот арсенал. Нуклеарните игри продолжија и понатаму. Пакистан во 1998 година го тестираше своето прво нуклеарно оружје, а Северна Кореја тестираше во 2006-та. Во 2004-та година пакистанскиот нуклеарен херој (човекот заслужен Пакистан што има нуклеарно оружје) Абдул Кадир Хан призна дека ја продал формулата на Иран, Либија и Северна Кореја. Ова беше најголемиот нуклеарен скандал во последните децении. Во 2006-та Северна Кореја тврдеше дека извела подземен нуклеарен тест меѓутоа поради малата експлозија повеќето претпоставуваат дека не бил успешен. Посебно со Нападите на 11 Септември на САД тие се залагаат за нуклеарно разоружување посебно на помалите земји кои и неразмислено би употребиле вакво оружје.

Резервите со нуклеарно оружје на САД и Русија во последните децении

Досега имало четири големи лажни тревоги од кои последната во 1995-та година кои ќе завршеле со лансирање на нуклеарно оружје помеѓу САД и Русија. А плус се и нуклеарните кризи во времето на Студената Војна како Кубанската Ракетна Криза. Според податоците од 2006-та се проценува дека има над 27000 нуклеарни оружја во сопственост на најмалку осум земји, од кои 96% отпаѓаат на САД и Русија.

Нуклеарното оружје досега било главна тема на многу светски политички преговори и договори поради стравот на сите земји од ваквото оружје. А претставува и тема за илјадници филмови, книги, телевизиски претстави други културни продукции во кои се укажува на последиците од употребата на вакво оружје.


Видови нуклеарно оружје[уреди]

Атомска бомба метод на пиштол метод на имплозија.PNG

Постојат два основни видови на нуклеарно оружје. Првиот вид се оружја кои ја добиваат својата енергија преку нуклеарна фисија. Тие се наречени Атомски бомби, поради тоа што нивната енергија доаѓа од јадрото на атомот.

Во оружјето што се добива со фисија, количество на радиоактивен материјал (збогатен ураниум или плутониум) се спојува во една суперкритична маса - количина која е потребна да предизвика нуклеарна верижна реакција. Ова се изведува или со испукување на еден материјал во друг (методот на пиштол) или со компресирање на материјалот па активирање со експлозив (метод на имплозија). Методот со имплозија се смета за посовремен и најчесто се користи. Овој метод е возможен само доколку материјалот кој го компресираме е плутониум.

Најголем предизвик при создавањето на нуклеарното оружје е да поголемиот дел од горивото е уништено пред самото оружје да експлодира. Количеството на енергија ослободено од атомските бомби е приближно еднакво на 500 000(500 килотони) ТНТ експлозив.

Термонуклеарна бомба.PNG

Вториот вид на нуклеарно оружје е далеку поразорен, и својата енергија ја добива од процесот на нуклеарна фузија. Овој вид на оружја се наречени термонуклеарни бомби или хидрогенски (водородни) бомби. Бидејќи материјалот на овие бомби не може да достигне критично ниво без разлика на количеството кое ќе го употребиме и поради нивната можност да се постават на ракети овие бомби се далеку помоќни од атомските бомби. Само шест земји САД, Русија, Велика Британија, Кина, Франција и Индија имаат детонирано вакви бомби.

За активирањето на ваквите бомби се користи енергијата од Атомската бомба, за да го компресира и загрее материјалот. Кај Телер-Улам дизајнот кој има мулти-мегатонска разорна моќ се постигнува со поставување на атомска бомба во близина на материјалот за фузија (тритиум, деутериум или литиум деутерид). Кога атомската бомба ќе се детонира, со светлосна брзина се емитираат гама зраци и рентгенски зраци па го загреваат материјалот до термонуклеарна температура. Процесот на детонирање има две фази од при првата се активира Атомската бомба за во втората да се активира термонуклеарната бомба. Меѓутоа врз градбата на нуклеарното оружје може да се надоврзат повеќе фази во кои секоја фаза ја детонира наредната. Така најголемата детонирана термонуклеарна бомба е Советската Тсар бомба која ослободила енергија еднаква на 50 мегатони ТНТ експлозив. Повеќето термонуклеарни бомби се значајно послаби од оваа поради нивните димензии и тежина кои треба да одговараат на ракетите кои ги носат.

Има и други видови на нуклеарно оружје. На пример, забрзана атомска бомба е атомска бомба која ја зголемува својата моќ додавајќи и реакции на нуклеарна фузија но сепак не е термонуклеарна бомба. Некои бомби се направени за посебни цели. На пример неутронска бомба е термонуклеарно оружје што прави мала експлозија но ослободува голема радијација. Ваквата бомба е предвидена за што поголем број на жртви а помало оштетување на инфраструктурата. Доколку околу нуклеарното оружје поставиме материјали како злато или кобалт ќе создадеме солена бомба. Оваа бомба предизвикува огромно количество на радиоактивно загадување во воздухот.

Нуклеарна стратегија[уреди]

Изглед на еден проектил на САД кој содржи десет боеви глави кои можат да се упатат на десет различни локации, што ја многу ја отежнува одбраната од овие проектили

Нуклеарната стратегија е начин како да се одбегне нуклерното оружје во случај на војна или "разумно" да се употреби. Политиката за постојана внимателност од потенцијален напад со нуклеарно оружје е позната како нуклеарна готовност. Целта на готовноста е земјата да е во состојба брзо да реагира на потенцијалниот напад и ако е во можност да го спречи и во секој случај да возврати.

Различните начини на напад со нуклеарното оружје создаваат различни стратегии за одбрана од истото. Најбитна стратегија за земјата која напаѓа е оружјето да не биде откриено за да не може спротивната страна да го попречи неговото детонирање. За да се одржува оружјето скриено тоа се пренесува преку подморници или возови, па и понекогаш се закопува во земја. Други стратегии за одбрана се со создавање на ракетен штит кој ќе ги уништи ракетите со нуклеарно оружје уште во воздух, како и цивилна одбрана која ќе ги евакуира граѓаните во случај на опасност. Оружјето кое е наменето за загрозување на поголем број на луѓе е наречено стратегиско оружје. Додека оружјето наменето за битки во воени ситуации е наречено тактичко оружје.

Има многу критики во светот на идеата за нуклеарна стратегија со образложение дека нуклеарна војна помеѓу две држави ќе заврши со меѓусебно уништување. Оваа закана за национално ако не и глобално уништување придонесува за голем анти-нуклеарен активизам.

Исто така голем е стравот од опасноста, некое нуклеарно оружје да падне во рацете на поединечни терористи кои не би се двоумеле да го употребат, а и земјите кои ќе бидат нападнати ќе нема конкретна нација или земја од која треба да го очекуваат или да возвратат. Поради тој страв сигурносните мерки за овие оружја се на највисоко ниво.

Пренос на нуклеарното оружје[уреди]

Изглед на најстарите нуклеарни бомби кои се пренесуваат само со бомбардер поради нивната голема тежина

Под пренос на нуклеарното оружје се подразбира начинот на кој оружјето ќе помине од земјата која напаѓа до целта. Начинот на кој нуклеарното оружје ќе ја стигне целта е еден од најбитните фактори во нуклеарната стратегија и за пример САД од почетокот досега потрошиле 57% од вкупните пари за нуклеарната технологија за начините на достигнување на целта.

Историски првиот метод на пренесување на оружјето беше со фрлање на нуклеарни бомби од бомбардери. Овој е најпрвиот развиен метод и не ја ограничува големината и тежината на бомбата. Меѓутоа овој начин го ограничува дострелот на нападот, и остава доста време противничките војски да преземат контра акција. Овој метод сѐ уште се смета како примарен при пренесувањето на оружјето.

Попрактичен начин гледан од стратегиска точка се проектилите на кои се монтира нуклеарно оружје, кои можат да користат најразлични траектории при пренесувањето на оружјето. Додека проектилите со краток домет се наменети за помал но побрз напад, развиени се и интерконтинентални балистички ракети и балистички ракети лансирани од подморница. Овие нуклеарни оружја имаат ограничена тежина и големина поради нивната практична потреба да ги собере во проектилот.

Покрај овие два главни начини има и други начини за доставување на оружјето како во форма на нагазни мини, торпеда на подморници и друго.

Одредби, контрола и закони[уреди]

Меѓународната Агенција за Атомска Енергија е создадена во 1957-ма година со цел да го овозможи мирното развивање на нуклерната технологија и да ги заштити земјите потписнички на Договорот за Намалување на Нуклеарното Оружје

Поради огромната воена моќ која ја даваат нуклеарните оружја, политичката контрола е најважен проблем од неговото постоење. Во повеќето земји употребата на ова оружје може да се изведе само со согласност на најголемата државна власт.

Во доцните 1940-ти недостатокот од доверба ги спречуваше САД и Советскиот Сојуз од постигнување на договор за контрола на нуклеарното оружје, но веќе во 1960-тите години се превземени чекори да се ограничи нуклеарното вооружување на другите земји и ефектите за средината од нуклеарните тестови. Во 1963-та е постигнат Договор за делумна забрана за тестирање на нуклеарно оружје која ги ограничи нуклеарните проби само на подземно тестирање за да се спречи загадувањето од нуклеарниот отпад. Во 1968 година е постигнат Договор за намалување на нуклеарното оружје во која се потпишаа за нуклеарно ненапаѓање земјите кои не поседуваат нуклеарен арсенал.

Покрај овој договор постигнати се и поединечни договори помеѓу САД и Советскиот Сојуз за намалување на нуклеарното оружје. Исто така постигнати се помеќу некои сојузи од држави и континенти за забрана за нуклеарно вооружување.

Во 1996-та година Меѓународниот Суд на Правдата, највисокиот суд во Обединетите Нации, издаде забрана за користење на нуклеарно оружје.

Дополнително се преземаат и други акции за земјите кои сакаат да произведат нуклеарно оружје како економските санкции кон Индија и Пакистан во 1998 година. Во 2003-та година под обвинение дека развива нуклеарна програма Ирак беше нападнат од САД.

Нуклеарно разоружување[уреди]

Од појавата на нуклеарното оружје до денес четирите земји Белорусија, Казахстан, Јужна Африка и Украина комплетно ги уништиле или ги предале нуклеарните оружја и повеќе не поседуваат такви.

Употреба за други цели[уреди]

Покрај нивната употреба како оружја, нуклеарните експлозии биле тестирани за различни невоени потреби, и биле предложени за замена на експлозивот при правање на дупки но поради цената за чистење на нуклеарниот отпад и цената за здравјето на луѓето никогаш не биле употребени.

Со тестирањето на термонуклеарните бомби се создадоа нови синтетички елементи како ајнштаниум и фермиум. Во 2008 е најден нов начин за проверка на уметнички измами, бидејќи сите слики создадени после првата употреба на нуклеарното оружје содржат траги од Цезиум-137 и Стронциум-90, изотопи што не постоле пред 1945-та година.