Нојшванштајн

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Нојшванштајн
Schloss Neuschwanstein

Нојшванштајн гледан од мостот Мариенбрике
Општи информации
Архитектонски стил неоромантизам
Град Хоеншвангау
Земја Баварија, Германија
Координати 47°33′27″ СГШ 10°45′00″ ИГД / 47.5575, 10.75
Изградбата започнала 5 септември 1869
Проектирање и изградба
Клиент Лудвиг II
Сопственик Баварија
Архитект Кристијан Јанк, Едуард Ридел, Георг Долман

Нојшванштајн (германски: Schloss Neuschwanstein, во превод „нова лебедова карпа“) — замок изграден во XIX век на стрмен рид близу Хоеншвангау и Фисен во југозападна Баварија во Германија. Негов нарачател бил кралот на Баварија Лудвиг II кој го користел како своевидно засолниште, обогатено со елементи кои му оддаваат почит на композиторот Рихард Вагнер, кој претставувал инспирација за кралот. Иако на јавноста не ѝ е дозволено да ја фотографира внатрешноста,[1] овој замок е најфотографираниот објект во Германија и една од најпопуларните туристички дестинации.[2]

Лудвиг не примал посетители во неговите замоци, но по неговата смрт во 1886 замокот бил отворен за јавноста (делумно за да можат да се отплатат долговите во кои влегол кралот при изградбата). Оттогаш до денес замокот го имаат посетено над 50 милиони луѓе.[3] Годишно Нојшванштајн добива 1,3 милиони посетители, со над 6.000 посетители дневно во текот на летото.[4] Нојшванштајн се среќава во неколку филмови, а меѓу другото послужил и како инспирација за замоците во забавните паркови Дизниленд на неколку локации во светот.

Денес дворецот е во сопственост на покраината Баварија, за разлика од блискиот замок Хоеншвангау, кој е во сопственост на поглаварот на семејството Вителсбаховци, моментално војводата Франц. Од 1990 г. наваму, баварската влада има потрошено преку 14,5 милиони евра за одржување на замокот, негово реновирање и посетителските услуги.[4]

Историја[уреди]

Фотохромна слика на предната фасада и околината, некаде во 1890-тите

Замислата за замокот потекнува од самиот Лудвиг II, кој ја изразува во неговото писмо до Рихард Вагнер, потпишано на 13 мај, 1868;

Имам намера да ги обновам рушевините на стариот замок кај Хоеншвангау блозу клисурата Полат во автентичен стил на замоците на старите германски витези... местото е најубаво што може да се најде, свето и непристапно, достоен храм за божетвениот пријател кој му донесе спасение и вистински благослов на светот.
Замокот во изградба, 1886

Каменот-темелник билк удрен на 5 септември 1869. Нојшванштајн е дизајн на Кристијан Јанк кој бил сценограф, а не архитект, што зборува за намерите на Лудвиг II и ја објаснува фантастичноста на неговиот проект. Архитектонските решенија, од големо значење за таков опасен терен, ги дал најпрвин минхенскиот дворски архитект Едуард Ридел, а подоцна и Георг Долман, зет на архитектот Лео фон Кленце.

Дворецот најрвин се нарекувал Нов Хоеншвангау сѐ до смртта на кралот, кога бил преименуван во Нојшванштајн - замокот на Лебедовиот Витез Лоенгрин, од Вагнеровата истоимена опера. По потекло, првобитниот замок се нарекувал Шванштајн, седиште на витезите од Швангау, чиј амблем бил лебедот.

Нојшванштајн бил речиси завршен, кога во 1886, Државната комисија на чело со Д-р. Бернхард фон Гуден го прогласила кралот за луд и веднаш го уапсила. Кралот не можел да се совземе и го прашал фон Гуден, „Како можете да ме прогласите за луд? Не ме ни прегледавте!“[5] Потоа кралот бил однесен во замокот Берг, но на 13 јуни, 1886 го нашле удавен во плитка вода во блиското езеро Штарнберг, заедно со фон Гуден, психијатарот кој го ставил под надзор. До денес не се знае како и зошто кралот и докторот завршиле мртви. Се претпоставува дека за симнувањето на Лудвиг од престолот е одговорно семејството Вителсбах кое повеќе не можело да ја толерира екстравагантноста на Лудвиг за која се расфрлал со приватни пари на династијата.

Архитектура[уреди]

Поглед на Нојшванштајн од блискииот гребен

Дворецот се состои од стражарница, пергола, витешки дом со квадратна кула, и утврден замок, со две кули на западниот крај. Целата композиција има мошне театрален ефект, како од надворешноста, така и во внатрешноста. Влијанието на кралот е насекаде очигледно, особено бидејќи бил силно заинтересиран и зел активно учество во дизајнот и украсувањето.

Во рамките на на утврувањето замокот содржи престолна одаја, одаите на Лудвиг, т.н. „Сала на пејачите“ и грото (пештера). Низ целиот замок е констуиран и украсен во духот на германските легенди за Лоенгрин, Лебедовиот Витез. Хеоншвангау, каде Лудвиг ја провел младоста, имал украси на тема оваа сага. Оваа тема била обработена и во оперите на Рихард Вагнер. Многу од собите се украсени со сцени од разни опери на Вагнер, меѓу кои се наоѓа и театар со постојана сценографија од едно од неговите дела. Многу од просториите стојат сѐ уште неукрасени, со тоа што пред смртта на кралот биле украсени само 14 простории.[6] При смртта на кралот, еден од поважните планирани елементи останал неизграден. Тоа бил масивниот донжон кој се планирал да стои во средината на горното предворје, но чија изградба била прекината од кралското семејство. Темелот за донжонот може да се види и денес во предворјето.

Слика на престолната одаја, поглед од престолот

Меѓу завршените соби е престолната одаја, со лустер од полудраги камења, сите дванаесет апостоли, насликани на ѕидот околу на престолот, но самиот престол никогаш не бил завршен. Позади пиедесталот стои насликан Исус Христос. Во спалната соба на кралот стои неговиот рачно изрезбан кревет, а на балдахинот се изделкани и изрезбани кулите од секоја катедрала во Баварија, таен тоалет (кој користи вода собрана од аквадукт) и мијалник во облик на лебед. Рачно изрезбаното дрво го има низ цела соба и е толку детално што биле потребни 10 години за да се изработи. Во замокот има и капела, соба направена да личи на пештера, комплетна кујна со топла и ладна вода и греени креденци, соби за послугата, работна соба, трпезарија и „Сала на пејачите“, сала за изведба на музички и драмски дела. Кралот ја изградил оваа сала за Вагнер, како место за пишување и изведба на драми. Иако кралот не доживеал да види изведба во неа, по неговата смрт па до денес салата се користи за таа намена.

И покрај средновековниот изглед, за изградбата на Нојшванштајн била неопходна современа технологија, и затоа замокот претставува големо технолошко и градежно достигнување. Во неа се вградени парни машини, струја, современа вентилација, водовод и парно греење.[7]

Денес е речиси заборавено дека Лудвиг II бил покровител на современото иноваторство и се заложил за електрификација на јавниот живот во Баварија. Неговите нови дворци биле првите објекти кои користеле струја (т.е. Венерино грото во Линдерхоф) и други современи средства. Со неговите проекти, Лудвиг одржувал во живот многу занаети, кои инаку би изумреле, со кои исто така овозможувал работа и приходи за многубрајни занаетчии, мајстори, градежници и уметници.

Наводи[уреди]

  1. „Neuschwanstein Castle: Tourist info“. http://www.neuschwanstein.com/englisch/tourist/index.htm. конс. 26 декември, 2008. 
  2. „Dummies::Neuschwanstein and Hohenschwangau: Castles in the Air“. „Adapted From: Germany For dummies 2nd Edition“. http://www.dummies.com/WileyCDA/DummiesArticle/id-3149.html. конс. 9 јуни, 2006. 
  3. „Information about Ludwig on the Neuschwanstein official website“. http://www.neuschwanstein.de/english/castle/ludwig/index.htm. конс. 26 јануари, 2008. 
  4. 4,0 4,1 „General information about Neuschwanstein on the official website“. http://www.neuschwanstein.de/english/castle/neuschwanstein.htm. конс. 27 декември 2007. 
  5. Sailer, Anton, Castles, Mystery, and Music, the Legend of Ludwig II, Munich, реиздание 1983: 136, ISBN 3-7654-1898-6
  6. Desing, Julius (1998). Bonny Schmid-Burleson (trans.). уред. „The Royal Castle of Neuschwanstein“. Lechbruck, Germany: Verlag Wilhelm Kienberger. 
  7. „Замокот Нојшванштајн - Еден од најубавите во светот“
  • Blunt, Wilfred, The Dream King - Ludwig II of Bavaria, Hamish Hamilton, London, 1970, ISBN 241-01899-4
  • Neuschwanstein Castle - the Official Guide, Bayerische Schlosseverwaltung.
  • Spangenberg, Marcus, (англиски превод: Katherine Vanovitch) "The Throne Room in Schloss Neuschwanstein. Ludwig II of Bavaria and his Vision of Divine Right, [Schnell & Steiner], Regensburg, 1999, ISBN 3-7954-1233-1

Надворешни врски[уреди]

Странски[уреди]

Македонски[уреди]