Лео фон Кленце
Лео фон Кленце (герм. Leo von Klenze, поточно: Franz Karl Leopold von Klenze; 29 февруари 1784, Бухладен[1] близу Шладен - 26 јануари 1864, Минхен) бил германски неокласицистички архитект, сликар и писател. Како дворски архитект на баварскиот крал Лудвиг I, фон Кленце бил еден од најистакнатите дејци во архитектонската преродба и т.н. „новогрчки стил“.
Фон Кленце учел архитектура и јавно градежно стопанисување кај Фридрих Жили во Берлин, и чиракувал кај Шарл Персије и Пјер Франсоа Леонар Фонтен во Париз. Помеѓу 1808 и 1813 служел како дворски архитект на Жером Бонапарт, крал на Вестфалија. Подоцна се преселил во Баварија, па од 1816 почнал да работи како дворски архитект на баварскиот крал Лудвиг I. Лудвиг бил голем вљубеник во хеленизмот и оваа странст одиграла клучна улога во оформувањето на Кленцеовиот архитектонски стил. Кленце проектирал и извел голем број на класични зданија во Минхен, вклучувајќи ја Сала на славните (Ruhmeshalle) и кружниот храм. На Кенигсплац го изградил најпознатиот хеленистички архитектонски ансамбл на новото време. Меѓу најважните негови дела се вбројува и храмот на германските великани „Валхала“, кој го носи името на рајот во нордиската митоогија.
Со осамостојувањето на Грција, синот на Лудвиг I, Ото станал нејзин прв крал. Фон Кленце бил поканет во Атина за да конкурира со свои планови за преизградба на градот во старогрчки стил. Во 1838 добил нарачка од рускиот цар Николај I за зградата на Новиот Ермитаж, државен музеј на старини, уметнички слики, монети, медали, камеа, цртежи, гравури и книги од збирките на династијата Романови. Кленце веќе имал искуство во планирање и изведба музејски галерии во Минхен, вклучувајќи ја познатата „Глиптотека“ (музеј на антички скулптури) и Старата ликовна галерија (Alte Pinakothek), галерија на слики од збирката на династијата Вителсбаховци.
Фон Кленце не бил само архитект, туку и одличен сликар и цртач. Сликал и цртал претежно антички зданија, кои ги користел како урнеци за неговите градби. Со античката архитектура се запознал во патувањата низ Италија и Грција. Учестуваал и во ископувањето на антички градби во Атина и конкурирал со проекти за обнова на атинскиот акропол.
Кленце собирал и дела од современи германски сликари, вклучувајќи 58 дела со пејзажна и битова тематика. Во 1841 збирката му ја продал на кралот Лудвиг I, што потоа послужило како основа за Новата ликовна галерија (Neue Pinakothek).
Фон Кленце починал во 1864 и е погребан на Старите јужни гробишта (Alter Südfriedhof) во Минхен.
[уреди] Архитектонски дела
- Во Минхен:
- Глиптотека (1816–1830)
- Стара ликовна галерија (1826–1836)
- Минхенска резиденција - Кенигсбау, Фестзалбау и Дворската црква на Сите светци (1826–1842)
- Кружен храм во Англиската градина (1836)
- Портата „Пропилеја“ (1846–1862)
- Сала на славните (1850)
- Кружен храм во паркот на Нимфенбуг
- Улицата „Лудвигштрасе“.
- Балско здание во паркот на змаокот Вилхелмсхехе, (Касел) (1809–1810)
- Замокот Исманинг (1816), дом на Ежен де Боарне, посвоен син на Неполеон
- Храмот „Валхала“ кај Регенсбург (1816–1842)
- Новиот дворец во Пепенхајм (1819–1820)
- Нов Ермитаж во Санкт Петербург, Русија (1839–1852)
- Католичка црква Св. Дионисиј Аеропашки во Атина, Грција (1853–1865)
- Сала на ослободувањето во Келхајм (1863)
[уреди] Наводи
- ↑ Други имиња на местото се „Бокела“ и „Бокла“
- Friedrich Pecht (1882) (германски). „Klenze, Leo von“ - Allgemeine Deutsche Biographie (ADB). 16. Leipzig: Duncker & Humblot. стр. 162–166.
[уреди] Поврзано
| Заедничката Ризница има податотеки поврзани со: „Лео фон Кленце“ |