Национален јазик

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Националниот јазик е јазикот што го говори една организирана група луѓе (народ, нација). Овој јазик е природен и се формирал долг временски период. Јазикот се јавува спонтано од потребата луѓето да ги разменат своите мисли и чувства. Секоја организирана заедница создава свои знаци и развива свој специфичен јазичен систем.

На пример, зборот „не“ во македонскиот јазик е негација, во грчкиот јазик е потврдна честица, а во албанскиот е заменка за 1.л.множина. Секоја од овие заедници постигнале различен договор што кај нив ќе значи зборот „не“. И гестовите во различни заедници може да бидат различни. За истиот збор (не) кај нас се одмавнува со главата (лево-десно), додека кај бугарскиот народ гестот за негација е со движење на главата горе-долу (како кај нас кога се потврдува).

Покрај природните (национални) јазици во светот се создавале и вештачки јазици. Обично тие се создавани од еден човек за полесна комуникација на луѓето од различни заедници. Најпознати вештачки јазици се: есперанто и интерлингва. Иако идеата за заеднички, општочовечки јазик е убава, сепак, во практиката таа не се оствари, туку англискиот јазик сè повеќе се наметнува со таква улога.

Националниот јазик е јазикот што го употребуваат сите припадници на една нација во својата држава, но и надвор од неа. Македонскиот јазик, освен во Македонија го говорат и Македонците во Егејска Македонија и Пиринска Македонија, во Австралија, Канада, САД и секаде каде што ги има.

Функции[уреди]

Националниот јазик функционира преку две пројави:

1. Нестандардната пројава на јазикот е природно средство за комуникација која ги опфаќа: дијалектите, социолектите, жаргоните и другите форми кои немаат општонароден карактер. Овие форми на општење се употребуваат неофицијално во секојдневниот живот. Тие се карактеризираат со незадолжителен изговор на гласовите, разновидни морфосинтаксички средства, богата фразеологија итн. Нестандардната пројава на јазикот може да се сретне и во усна и во писмена форма (многу поретко).

2. Стандардната пројава на јазикот е официјално средство за комуникација. Стандардниот јазик има точно определени правила за употреба (јазична норма). Јасно се дефинирани: изговорот на гласовите, граматичките правила и стандардизираната лексика. Се јавува во усна и писмена форма.

Во националниот јазик се содржани и нестандардните (дијалект, жаргон), како и стандардните (литературниот јазик) форми на комуникација.

Извори[уреди]

  • Македонски јазик и литература - прва година, реформирано гимназиско образование