Едвард Бенеш

Од Википедија — слободната енциклопедија
Едвард Бенеш

Едвард Бенеш (чешки: Edvard Beneš; Кожлани, 28. мај 1884 г. — Сеизмово Усти, 3. септември 1948 г.) бил водач на Движењето за независност на Чехословачка, министер за надворешни работи и втор претседател на Чехословачка од 1935 до 1938 година, и повторно од 1940 до 1948 година, кога, по доаѓањето на комунистите на власт, поднел оставка.[1]

Детство и образование[уреди | уреди извор]

Едвард Бенеш е роден како најмлад син во селско семејство во малиот град Кожлани во Чешка, 60 км западно од Прага. Поголемиот дел од младоста ја поминал во местото Винохради во областа на Прага, каде што тој го посетувал средното училиште од 1896 до 1904 година, за кое време играл фудбал за клубот Славија од Прага. По завршувањето на средното училиште се запишал и дипломирал на Филозофскиот факултет на Карловиот универзитет во Прага, а потоа отишол во Париз, каде ги продолжил студиите на Сорбона и во Независниот факултетот за политички и општествени науки. Првиот степен го завршил во Дижон, каде докторирал право во 1908 година, а една година подоцна, откако ги положил строгите испити во Прага, се стекнал со диплома доктор по филозофија. Предавал три години на Прашката трговска академија, а во 1912 година станал професор по социологија на Карловиот универзитет.[1][2]

Истовремено во 1906 година во Париз се верил со неговата идна сопруга Хана и го сменил своето име од Едуард во Едвард.[3]

Политички живот[уреди | уреди извор]

За време на Првата светска војна, Бенеш бил еден од основачите на независна Чехословачка. Тој организирал тајно антиавстриско чехословачко движење за независност под името „Мафија“ (чешки: Maffie). Во септември 1915 година, отишол во егзил во Париз, каде со многу сложени дипломатски напори успеал да издејствува признавање од Франција и Велика Британија за Чехословачкото движење за независност. Во периодот од 1916 до 1918 година бил секретар на Националниот совет на Чехословачка во Париз и министер за внатрешни и надворешни работи во привремената влада на Чехословачка. Тој ја претставувал Чехословачка во преговорите, што довело до склопување на Версајскиот мировен договор.[1]

Со цел да и се спротивстави на ревизионистичката политика на Унгарија, Бенеш по распадот на Австроунгарската монархија склопил договори со Романија и Кралството СХС (1921 г.), што довело до формирање на сојузот Мала Антанта, на која подоцна и се приклучија и Франција (1924 г.), по што овој сојуз станал блок против Германија и, во помала мера, и против Советскиот Сојуз.[1]

Чехословачка[уреди | уреди извор]

Едвард Бенеш со неговата сопруга во 1934 година.
Споменик на Едвард Бенеш пред седиштето на чешкото Министерство за надворешни работи во Прага.

Од 1918 до 1935 година, Бенеш бил министер за надворешни работи на Чехословачка, и на ова место останал за време на 10 последователни влади, од кои, тој бил на чело на едната од нив од 1921 до 1922 година. Во годините од 1919 од 1926 година, и од 1929 до 1935 година, тој бил пратеник во Народното собрание, а во 1921 година, како професор, за кратко време се вратил на академскиот свет. Бенеш бил водач на Народната социјалистичка партија и најблизок соработник на Томаш Гарика Масарик - првиот претседател на Чехословачка. По оставката на Масарик на функцијата претседател во 1935 години, Бенеш бил избран на таа функција. Тој се противел на барањата на Нацистичка партија на Германија, која сметала дека Германија има право над Судетската област, која била населена со мнозинско германско население. Иако ја одобрувал суштинската автономија на Судетската област, Бенеш, сепак не можел да ја избегне кризата која довела до уништување на Чехословачка. Во октомври 1938 година, Судетската криза ја донела Европа на работ на војна, која била избегната со потпишување на Минхенскиот договор, односно со анексија и воена окупација на Судетската област од страна на Германија.[2]

Напуштен од своите сојузници, Бенеш капитулирал, дал оставка на местото претседател на државата и емигрирал во Франција. За време на Втората светска војна тој бил претседател на владата во егзил во Лондон. Повторно враќање на владата во родната земја било на 3 април 1945 година, а во Прага му бил приреден величествен пречек од одушевениот народ. Тоа била единствената влада од средна Европа која била во егзил и на која и било дозволено од победничките сили да се врати во татковината по војната.[2] Сепак, Бенеш веднаш сфатил дека Чехословачка треба да соработува тесно со Советскиот Сојуз и да биде „мост“ помеѓу комунистичкиот исток и западните демократии, и дека тоа бил начинот да се сочува стабилноста во Европа.[1]

Бенешовото здравје сериозно било нарушено по два мозочни удара во 1947 година. Комунистичкиот премиер на Чехословачка, Клемент Готвалд, ја искористил ситуацијата и побарал на 25 февруари 1948 година да комунистите ја добијат превласта во владата. Немајќи избор, Бенеш повторно капитулирал, но одбил да го потпише новиот устав. Поднел оставка на 7 јуни 1948 година. Истата година тој починал.[2]

Бенешови декрети[уреди | уреди извор]

Познати се Бенешовите декрети од 1945 година, документи со силата на закон, врз основа на кои биле протерани околу 2,5 милиони Судетски Германци и Унгарците од Чехословачка. Овие декрети и денес се камен на сопнување во односите меѓу Чешка и Словачка со Германија, Австрија и Унгарија, а Лихтенштајн поради овие декрети не ги признавал Чешка и Словачка како независни држави сè до 2009 година.

Дела[уреди | уреди извор]

Бенеш објавил книга на мемоари Спомени во 1947 година, и а посмртно му била објавена книга на неговите недовршени мемоари: Од Минхен до нова војна и новата победа, во 1954 година.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 www.fg.cz, 2015, FG Forrest, a s. „Edvard Benes“. Prague Castle (англиски). Посетено на 2019-04-18.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 „Edvard Beneš | president of Czechoslovakia“. Encyclopedia Britannica (англиски). Посетено на 2019-04-18.
  3. „Hana Benešová: Skutečná dáma, kterou zbožňovali“. iDNES.cz. 2008-01-28. Посетено на 2019-04-18.