Данок на личен доход

Од Википедија — слободната енциклопедија

Данок на личниот доход е данок кој го плаќаат физичките лица на вкупниот доход што го оствариле во определен временски период. Тој спаѓа во групата на директни даноци.

Историја[уреди | уреди извор]

Иако даноците постојат одамна, данокот на доход се појавил многу подоцна, во 18 век, кога во 1798 година, со цел да собере пари за финансирање на војните со Наполеон, Вилијам Пит Помладиот наметнал данок на доход во Британија кој изнесувал 10 %, а се пресметувал на лицата со годишен доход поголем од 60 фунти.[1]

Одлики[уреди | уреди извор]

Данокот на личниот доход во Македонија[уреди | уреди извор]

Во Македонија, оданочувањето на доходот на физичките лица е утврден со Законот за данок на личен доход кој започнал да се применува на 1.1.2019 година при што во декември 2019 година била направена промена во законот. Даночни обврзници се сите резиденти на Македонија кои остваруваат доход во земјата и во странство, како и нерезидентите кои остваруваат доход на територијата на Македонија. Во даночни обврзници влегуваат и земјоделците, занаетчиите, трговците-поединци, лицата кои вршат услуги, лицата со слободно занимање и непријавените лица кои подлежат на оданочување. Доходот што подлежи на оданочување го сочинуваат следните категории приходи:[2][3]

  • доход од работа – плати и други дополнителни примања по основ на работен однос, пензии, примања на членови на органи на управување и надзор на трговските друштва, примања на функционери, пратеници, советници, професионални спортисти, надоместок на судии, поротници, вешти лица, стечајни управници, надоместок за време на боледување и отсуство од работа, надоместок за членовите од МАНУ, надоместоците за практична обука на ученици и практична настава на студенти согласно зададени услови со закон, плати остварени со работа во странство врз основа на работен однос заснован во земјата, пензиски надоместок од доброволно капитално финансирано осигурување, придонесите во доброволен пензиски фонд уплатени од правно лице или обврзник кој остварува доход од самостојна дејност, секој поединечно остварен доход врз основа на договор за повремено или привремено вршење услуги на правни и физички лица и надоместоци за практикантска работа согласно Законот за практиканство.
  • доход од самостојна дејност – доходот остварен од стопанска дејност, доходот од давање професионални и други интелектуални услуги, доходот од земјоделска дејност и доходот од други дејности чија крајна цел е остварување доход (трговец-поединец, земјоделци, занаетчии, адвокати, слободни уметници, новинари, спортисти, консултанти). Даночна основа е разликата меѓу вкупните приходи и расходи плус непризнаените расходи за даночни цели.
  • доход од авторски и сродни права – доход на физичко лице кое остварува надоместок, е наследник или носител на авторски и сродни права. При тоа основа за пресметување на данокот на доход е остварениот надоместок од кој се минусираат: 50% од надоместокот - за вајарски дела, таписерии, керамопластика, уметничка керамика и витраж; 40% од надоместокот - за уметничка фотографија, ѕидно сликарство и сликарство во простор во техниките: фреска, графика, мозаик, интарзија, емајл, интарзирани и емајлирани предмети, костимографија, модно креаторство и уметничка обработка на текстил (ткаен текстил, печатен текстил и слично), сликарски дела, графички дела, индустриско обликување со изработување модели и макети, ситна пластика, уметнички решенија за сценографија, музички и кинематографски дела и реставраторски и конзерваторски дела во областа на културата и уметноста; 30% од надоместокот - за научни, стручни и публицистички дела, изведување уметнички дела во областа на сериозната музика, балетот, операта и театарското и филмската глума, за рецитирање, снимање филмови и идејни скици за таписерија и идејни скици за костимографија; 20% од надоместокот - за преводи, предавања и слични интелектуални творби, изведување естрадни програми на забавна и народна музика како и за други авторски дела и предмети на сродни права.
  • доход од продажба на сопствени земјоделски производи – доход на физичко лице кое заработува од продажбата на сопствените земјоделски производи при што основа за пресметување е разликата помеѓу остварениот вкупен доход и нормираните трошоци во висина од 80%.
  • доход од права од индустриска сопственост - доход на физичко лице кое остварува надоместок кое е наследник или носител на права од индустриска сопственост. Основа за пресметување на данокот на доход од е надоместокот што се остварува минус износот на нормираните трошоци во висина од 10%, односно целиот износ на надоместокот доколку станува збор за наследник или носител на права од индустриска сопственост.
  • доход од закуп и подзакуп – доход од физичко лице кое врши закуп/подзакуп. Нормираните трошоци, односно процентот од сумата која на годишно ниво се одзема од вкупниот бруто приход пред пресметката на данокот, од 25% за ненаместени простории се намалуваат на 10 отсто, додека за наместени простории нормираните трошоци од 30%, се намалуваат на 15%.
  • доход од капитал – доход од физичко лице кое остварува доход од дивиденди и друг доход остварен со учество во добивката кај правните лица (даночна основа е износот на бруто-дивидендите), камати од заеми дадени на физички и правни лица, камати од хартии од вредност (даночна основа е износот на пресметаната камата), орочени депозити и друг доход од хартии од вредност или финансиски инструменти (даночна основа е а износот на бруто-доходот).
  • капитални добивки – доход на физичко лице кое остварува позитивна разлика помеѓу продажната и набавната цена при продажба или размена на недвижен имот, хартии од вредност, учество во капиталот, друг подвижен и нематеријален имот. Токму таа разлика претставува основа за оданочување. Доколку физичкото лице живее најмалку една година пред продажбата на имотот му се признаваат нормирани трошоци од 10% или стварни трошоци доколку успее да ги докаже.
  • добивки од игри на среќа – добивка на физичко лице кое го добива од игра на среќа. Даночна основа е износот на добиената добивка. Данок не се плаќа ако поединечната добивка е до 5 000 денари.
  • доход од осигурување – доход на физичко лице добиен од премија за осигурување на животот уплатена од правно лице или обврзник кој остварува доход од самостојна дејност; премија за неживотно осигурување уплатена од правно лице или обврзник кој остварува доход од самостојна дејност, освен премијата која е ослободена од оданочување и исплатена осигурена сума, освен надоместокот на штета. Даночна основа е износот на премијата, односно износот на осигурената сума.
  • друг доход – доходot кој го остваруваат физичките лица, а кои не се оданочени, или не се изземени од оданочување со овој закон (доходот остварен од продажба на корисен цврст отпад, од електронска трговија преку интернет, од маркетиншки интернет услуги). Даночна основа е бруто доходот, а доколку станува збор за доход од продажба на корисен цврст отпад се признаваат нормирани трошоци во износ од 50%.

Со законот од 2018 година биле предвидени прогресивни даночни стапки, и тоа: за даночната основа до 1.080.000 денари годишно даночната стапка е 10%, додека за доходот кој ја надминува оваа вредност даночната стапка изнесува 18%. Притоа, даночното намалување кај платите и пензиите, односно делот на кој не се плаќа данок, било зголемено на 8 000 денари. Доходот од права од индустриска сопственост, од закуп и подзакуп, од капитал, капитални добивки, добивките од игри на среќа, доходот од осигурување како и другиот доход влегуваат во доход од капитал и се оданочуваат со даночна стапка од 15%. Даночна основа за утврдување на данокот на личен доход е збирот на бруто-доходот во текот на календарската година (даночен период) намален за износот на: придонесите од задолжително социјално осигурување, даночното намалување и нормираните или стварните трошоци. Управата за јавни приходи ја изготвува годишната даночна пријава која најдоцна до 30 април наредната година ја доставува до даночниот обврзник. Обврзникот има рок до 31 мај да ја потврди или коригира пријавата, а во случај тоа да не со стори се смета дека доставената годишна пријава е потврдена. Доколку станува збор за даночен обврзник кој остварува доход од самостојна дејност (води деловни книги) тогаш тој мора најдоцна до 15 март наредната година да поднесе годишна пресметка за искажаниот финансиски резултат и даночен биланс. За непријавениот доход се пресметува данок со даночна стапка од 70%.[2][3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 137.
  2. 2,0 2,1 Службен весник на Република Македонија, бр. 241/2018.
  3. 3,0 3,1 Службен весник на Република Северна Македонија, бр. 275/2019.