Антонио Лабриола

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Антонио Лабриола
Италијанска филозофија
Филозофија на XIX век
Цело име Антонио Лабриола
Роден 2 јули 1843(1843-07-02)
Касино, Папска држава
Починал 12 февруари 1904(1904-02-12) (на 60 год.)
Рим, Кралство Италија
Школа марксизам

Антонио Лабриола (итал. Antonio Labriola; 2 јули 1843 - 12 февруари 1904) — италијански марксистички теоретичар. Иако бил академски филозоф и никогаш активно не членувал во ниедна марксистичка партија, неговата мисла извршила големо влијание врз мноштво италијански политички теоретичари во раниот XX век. Меѓу нив спаѓа Бенедето Кроче, основач на Италијанската либерална партија и еден од водачите на Италијанската комунистичка партија, Антонио Грамши.

Биографија[уреди]

Лабриола е роден во Касино (тогаш во состав на Папската држава) како син на наставник. Во 1861 се запишал на Неаполскиот универзитет. Откако дипломирал, останал во Неапол, каде работел како школски наставник. Во текот на овој период, Лабриола пројавил интерес за филозофијата, историјата и етнографијата. Во почетокот на 1870-тите станал новинар, застапувајќи либерални и антиклерички погледи.

Во 1874 бил назначен за професор во Рим, каде го провел остатокот од животот во предавање, пишување и учество во расправи. Иако имал критичен став кон либерализмот уште од 1873, марксизмот го усвоил постепено, и не се произнел со социјалистички гледишта сè до 1889. Починал во Рим на 2 февруари 1904.[1]

Мисла[уреди]

Под големо влијание на Хегел и Хербарт, Лабриола имал поотворен и понеограничен теоретски став отколку ортодоксните теоретичари како Карл Кауцки. На марксизмот не гледал како на конечна и самоцелосна систематизација на историјата, туку само како еден збир на показатели за состојбите на човештвото.

Бидејќи марксизмот треба да ги земе предвид сложените општествени процеси и различните чинители во историјата, Лабриола смета дека показателите не смеат да бидат строго одредени. Според него, марксизмот треба да се сфати како „критична теорија“, т.е. дека не постојат вечни вистини, и дека самиот марксизам треба да биде подготвен да ги напушти сопствените идеи доколку така налага искуството. Ова негово толкување на марксизмот како „филозофија на праксата“ подоцна се провлекува и во Грамшиевите „Затворски тетратки“.

Наводи[уреди]

Надворешни врски[уреди]