Карл Кауцки

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Карл Кауцки

Карл Кауцки (16 октомври 185417 октомври 1938) е еден од најугледните марксистички теоретичари, особено во периодот помеѓу смртта на Фридрих Енгелс и Првата светска војна.

Живот[уреди]

Карл Кауцки е роден во Прага во уметничко еврејско семејство. Кога тој имаше седум години, неговото семејство се преселува во Виена. Во 1874 Кауцки се запишува на Универзитетот во Виена, каде што студира историја и филозофија. Следната година станува член на Социјалдемократската партија на Австрија.

Во 1880 година се приклучува кон група на германски социјалисти во Цирих, која е финансиски поддржани од Карл Хехберг и која криумчари социјалистичка литература во Германија, во која насила во тоа време е Законот против социјалистите. Под влијание на Едуард Бернштајн, секретарот на Хехберг, Кауцки станува марксист и во 1881 година ги посетува Маркс и Енгелс во Лондон.

Во 1883 година Кауцки го основа списанието „Ноје цајт“ („Ново време“) и е уредник на ова списание до септември 1917 година. Од 1885 до 1890 година тој живее во Лондон и станува близок соработник на Енгелс. Во 1891 година, заедно со Бернштајн и Август Бебел, ја пишува познатата Ерфуртска програма на Социјалдемократската партија на Германија.

По смртта на Енгелс во 1895 година, Кауцки се профилира како еден од највлијателните марксистички теоретичари. Кога Бернштајн излезе со критика на темелните марксистички поставки, Кауцки истапува против неговите ставови.

Во 1914 година, Кауцки, заедно со целата парламентарна фракција на социјалдемократите, гласа за воените кредити, односно за воено ангажирање на Германија во Првата светска војна. Сепак, во јуни 1915 година, откако стана јасно дека војната нема да заврши наскоро и дека е крајно брутална и скапа, тој потпишува апел заедно со Бернштајн и Хуго Хазе против анексионистичката политика на владата. Бидејќи раководството на Социјалдемократската партија продолжи да ја поддржува воената политика на владата, во 1917 година крилото на партијата кое е критички настроено кон војната се отцепува од партијата и ја формира Независната социјалдемократска партија на Германија. Меѓу социјалдемократите што ја напуштаат матичната партија е и Кауцки, кој станува дел од нејзиното десно крило.

По Октомвриската револуција во Русија и по недемократските потези на болшевичката влада насочени кон останатите социјалистички партии, Кауцки пишува критички дела против новата советска власт и станува еден од најострите критичари на комунизмот од редовите на социјалдемократите. Тоа е една од главните причини Владимир Илич Ленин радикално да го промени својот дотогаш позитивен став кон Кауцки и да го прогласи за ренегат.

По Ноемвриската револуција во Германија од 1918 година, Кауцки станува државен потсекретар за надворешни работи во краткотрајната коалициска влада помеѓу Социјалдемократската и Независната социјалдемократска партија.

По расцепот во Независната социјалдемократска партија во 1920 година, Кауцки заедно со малцинството од партијата се враќа во членство на Социјалдемократската партија. Од тоа време, неговата влијателност во социјалдемократските кругови постапно опаѓа.

Во 1924 година Кауцки се враќа во Виена, каде живее до 1938 година. Во време на аншлусот, бега во Чехословачка, а оттаму во Амстердам, каде што и умира истата година.

Творештво[уреди]

Позначајни дела на Карл Кауцки се:

  • „Економското учење на Карл Маркс“ (1887, ревидирано издание - 1903)
  • „Томас Мор и неговата утопија“ (1888)
  • „Класната борба“ (1892)
  • „За аграрното прашање“ (1899)
  • „Темелите на христијанството“ (1908)
  • „Пат до власта“ (1909)
  • „Диктатура на пролетаријатот“ (1918)
  • „Тероризам и комунизам“ (1919)
  • „Од демократија до државно ропство“ (1921)
  • „Грузија“ (1921)
  • „Пролетерската револуција и нејзината програма“ (1922)

Надворешни врски[уреди]