Џозеф Стиглиц

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Џозеф Стиглиц

Џозеф Стиглиц (роден на 9 февруари 1943 година во Гари, Индијана) е американски економист и добитник на Нобелова награда за економија во 2001 година. Поранешен потпретседател и главен економист на Светската банка, тој е познат по своите критички погледи на глобализацијата и на меѓународните финансиски институции како Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. Стиглиц е можеби најпознатиот современ економист со умерени левичарски убедувања.

Академска кариера[уреди]

Џозеф Стиглиц од 1960 до 1963 година студира на Амхерст колеџот, а во четврта година се префрла на Масачусетскиот институт за технологија. Во 1967 година се стекнува со докторат на истата институција, а од 70-тите предава на Јеил, Станфорд, Оксфорд и Принстон. Денес Стиглиц е професор на Универзитетот Колумбија.

Во Клинтоновата администрација и Светската банка[уреди]

За време на Клинтоновата администрација, во периодот од 1995 до 1997 Стиглиц е претседател на Советот на економските советници на Претседателот, за потоа од 1997 до 2000 година да работи во Светската банка како виш потпретседател и главен економист.

Во времето кога веќе јасно почнуваат да се покажуваат негативните последици од политиката што ја спроведуваат ММФ и Светската банка кон неразвиените земји, Стиглиц почнува да станува сè покритичен кон таквата политика. Американската влада, а во прв ред секретарот за финансии Лоренс Самерс, реагираат до претседателот на Светската банка Џејмс Волфенсон да биде повлечен Стиглиц.

Во тој период, во април 2000 година, во една своја статија за „Њу рипаблик“, Стиглиц ќе напише:

„Ќе кажат дека ММФ е арогантен. Ќе кажат дека ММФ навистина и не ги слуша земјите во развој на кои треба да им помага. Ќе кажат дека ММФ е таинствен и дека не е подложен на демократска одговорност. Ќе кажат дека економските ‘лекови’ на ММФ често ги прават работите уште полоши – претворајќи ги застоите во рецесии, а рецесиите во депресии. И ќе имаат право. Јас бев главен економист на Светската банка од 1996 година до минатиот ноември, за време на најсериозната глобална економска криза во последниот половина век. Видов како одговори ММФ во тандем со Департментот за финансии на САД. И бев шокиран.“

Оваа статија беше објавена само една недела пред годишниот состанок на Светската банка и ММФ и предизвика силни реакции. Волфенсон, кој му даваше одредена заштита и поддршка на Стиглиц, под засилениот притисок од американската влада и грижејќи се за својот реизбор на чело на Светската банка, му дава отказ на Стиглиц.

Отворен критичар на глобализацијата[уреди]

Во јули 2000 година Стиглиц ја основа Иницијативата за дијалог на политики, чија цел е да им помогне на земјите во развој да ги истражуваат алтернативите за своите политики и да овозможи пошироко учество на граѓаните при донесувањето на економските одлуки.

Во 2002 година ја пишува својата книга „Глобализацијата и незадоволството од неа“, во која тврди дека ММФ ги става интересите на „својот најголем акционер“, САД, над интересите на посиромашните земји за кои е основан да им служи. При тоа, Стиглиц наведува причини зошто глобализацијата го предизвикува незадоволството кај нејзините противници, во прв ред при случувањата во Сиетл 1999 година и во Џенова во 2001 година. Оваа книга многу брзо стана бестселер и е преведена на повеќе од 30 светски јазици.

Продолжувајќи со својот критичен однос кон глобализацијата во 2003 година ја објавува „Бурните 90-ти“, во 2004 година - „Новата парадигма за монетарната економија“, а во 2005 година - „Праведна трговија за сите“. Наскоро се очекува неговата најнова книга - „Да се направи глоболизацијата да проработи“.

Поврзано[уреди]

Надворешни врски[уреди]