Надежда Ќофкарова

Од Википедија — слободната енциклопедија
Надежда Ќофкарова
Родена 29 март 1934
Вилнус, Литванија
Националност Македонка
Позната специјалист по стоматолошка протетика со ортодонција
Занимање стоматолог и професор

Надежда Ќофкарова (29 март 1934, во Вилнус, Литванија) — македонска докторка - стоматолог и професор при Стоматолошкиот факултет во Скопје. Со звањето специјалист по стоматолошка протетика со ортодонција се здобила во 1970 година, а со звањето примариус во 1977 година.

Животопис[уреди | уреди извор]

Проф. д-р Надежда Ќофкарова е родена на 29 март 1934 г. во Вилнус, Р. Литванија. Средно образование завршила во Гимназијата “Јосип Броз Тито” во Скопје, во 1952 г. На Стоматолошкиот факултет во Белград (поранешна СФР Југославија) дипломирала во 1960 г. Со звањето специјалист по стоматолошка протетика со ортодонција се здобила во 1970 г., а со звањето примариус во 1977 г. Со одбрана на докторската дисертација под наслов “Морфолошки особености и промени на скелетот на орофацијалниот систем кај заболени од јувенилна и адолесцентна идиопатска сколиоза на рбетниот столб” на Стоматолошкиот факултет во Сараево, во 1981 г., се здобила со научниот степен доктор на стоматолошки науки од областа ортодонција. Првото вработување на проф. д-р Надежда Ќофкарова било во Домот за народно здравје “Идадија” во Скопје, во 1960 г., а потоа работела неколку години во Школската поликлиника при Домот за народно здравје во Прилеп.Во 1966 година се вработила на Стоматолошката клиника при Медицинскиот факултет во Скопје. Во 1975 г. била избрана за асистент на Катедрата за ортодонција при Стоматолошкиот факултет во Скопје, а во 1981 г. била избрана за доцент на истата Катедра. Во 1991 г. била избрана во звањето редовен професор. Во 1993 г. го напуштила Факултетот и отворила сопствена приватна специјалистичка ортодонтска ординација. Проф. д-р Надежда Ќофкарова неуморно трагала по нови сознанија низ најпознатите европски стоматолошки центри: во 1978 г. била на тримесечен стручен престој на Стоматолошкиот факултет “Салпетрие” во Париз, Франција, кај познатите професори Фроде и Буве; на Стоматолошкиот факултет во Белград, поранешна СФР Југославија, се запознала со работата на експертите на тогашната белградска ортодонтска школа – проф. Марковиќ и проф. Озеровиќ (1978, 1979, 1980); во 1989 г., престојувала пак во Франција, но сега во Тур, кај проф. Вердон и Нант и кај светски познатиот професор Делер; во 1990 г., во освојување нови ортодонтски техники, престојувала во Цирих, Швајцарија, во Детската хируршка болница, кај доц. Гноицки и проф. Перко. Особен професионален предизвик на проф. Ќофкарова бил ортодонтскиот дел во тимскиот пристап при згрижувањето на деца со вродени расцепи и проблемот на сколиозата од ортодонтски аспект. Публицистичкиот опус на професор Ќофкарова опфаќа 101 статија. Проф. д-р Надежда Ќофкарова била раководител на Одделението за претклиничка ортодонција при Клиниката за ортодонција на ООЗТ Стоматолошки клиники (1981-1993). Таа била учесник во изработката на научниот проект под наслов “Антропометриските параметри на краниумот како основа за стомато-протетичка реконструкција”, чии резултати се објавени во 1991 г. Професор Ќофкарова била член на првиот Совет на Стоматолошкиот факултет во Скопје, по неговото осамостојување (1979). Од 1989 г. е член на Клубот “Молин” од Франција. За нејзината дејност, освен повеќе благодарници, сертификати и признанија, во 1977 година, Македонското лекарско друштво и доделило плакета по повод Меѓународниот ден на здравјето 7 април.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Проф. д-р Ќофкарова Надежда – Стоматолошки факултет – Скопје“. Посетено на 2020-10-07.[мртва врска]