Лилјана Мазова

Од Википедија — слободната енциклопедија
Лилјана Мазова
Родена 30 јули 1946
Скопје, СФРЈ СФР Југославија
Националност Македонка
Занимање театарска критичарка, новинарка, публицистка

Лилјана Мазова (30 јули 1946 во Скопје) — македонска театарска критичарка, новинарка и публицистка.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје на групата „Југословенска книжевност“.

Од 1970 година е новинар во културната рубрика на весникот „Нова Македонија“ во рубриката Културен живот и во прилогот за литература и култура ЛИК кој и го уредувала.[2]

Нејзините текстови се објавувани во монографии, каталози и зборници. Автор е на книгата „Ковчег со време“ и „Тој и Тие - театарски сложувалки“ (во двете книги го истражува и одново оценува, систематизира и сложува своето долгогодишно искуство, знаење и над сè љубов кон работата и кон најживата и највитална уметност – Театарот, отргнувајќи го од заборавот на времето битното и неистраженото во нашиот театар[2]) и е соавтор на „Тодор Николовски“. Таа е авторка на повеќе од девет илјади единици – рецензии за претстави, коментари и интервјуа со театарски творци, но и за творци од светот. Авторка е на патописи, учесничка е во разни дебатни ТВ емисии посветени на театарот и на културата воопшто, текстовите по повод јубилеи и изложби поместени ѝ се во разни каталози, а соработува и во повеќе театарски и театролошки едиции. Текстови ѝ се поместени во разни библиотеки, во монографии и каталози: во зборникот „Современа драма и театар во Македонија“; театролошки истражувања ѝ се публикувани и во повеќе зборници што ги издаваат Факултетот за драмски уметности во Скопје – Институтот за театрологија, и Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“; со обработени теми учествува во подготовката на разни монографии од областа на театарот како, на пример, монографијата за Ристо Шишков објавена во 2002; луксузна и високо вреднувана монографија за глумецот Илија Милчин во 2003, монографијата за Петре Прличко во 2004, приредувач е на Собраните дела на Иван Мазов (шест тома, 1982); соавтор е на книгата за глумецот Тодор Николовски; во изданието The world of Theatre на Меѓународниот театарски институт за 2004; дел е од тимот кој го подготви електронско издание – ЦД ромот Театарот на македонска почва за кој седуммина автори, меѓу кои е и Мазова, ја добија наградата Гоце Делчев за научно - истражувачка работа за 2002 година.[2]

Членувала во разни програмски комисии или фестивалски одбори: член и претседател и на Одборот на критиката на Стерииното позорје, член на Програмскиот одбор на Фестивалот на Мали и експериментални сцени во Сараево, во фестивалското жири и други оценувачки комисии, член на селекторските комисии за Стерииното позорје и за МЕСС, член и претседател на Комисијата за театарската програма на Фестивалот „Охридско лето“, селектор, член и претседател на оценувачката комисија на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, жири за наградата „Климент Охридски“, на „Св. Климент Охридски“ на „Нова Македонија“ и „Златната маска“ на „Вечер“ за најдобри претстави и најдобри глумечки остварувања на „Охридско лето“, во жиријата на критичарите на „Ослобоѓење“ и на „Дневник“, на жирито за „Златна плакета“ на „Нова Македонија“ за најдобра претстава на „Војдан Чернодрински“, водител е на разговори со театарските творци, на трибини, симпозиуми и на симпозиумски сесии.[2]

За својата посветеност и како признание за постигнатото, е добитник на наградата „Крсте Мисирков“ за едногодишно остварување (1980), на наградата „Мито Хаџивасилев – Јасмин“ за новинарство (1981), на годишна награда на „Нова Македонија“ (1988) и за долгогодишна работа на „Нова Македонија“ (1998), на наградата за наука „Гоце Делчев“ (2003).[2]

Активно соработува и со Институтот за театрологија при Факултетот за драмски уметности во Скопје, во подготовката на проекти од областа на театрологијата, на проекти/изданија во рамките на научно-издавачката дејност што се проекти на Македонската академија на науките и уметностите – Макропроектот „Историјата на културата на Македонија“ – Театарот на почвата на Македонија од антиката до денес.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Мазон“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 817. Text "series " ignored (help)
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 „Лилјана Мазова“. Архивирано од изворникот на 2009-02-11.