Лилјана Мазова

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Лилјана Мазова
Родена 30 јули 1946
Скопје, СФРЈ СФР Југославија
Националност Македонка
Занимање театарска критичарка, новинарка, публицистка


Лилјана Мазова (30 јули 1946 во Скопје) — македонска театарска критичарка, новинарка и публицистка.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје на групата „Југословенска книжевност“.

Од 1970 година е новинар во културната рубрика на весникот „Нова Македонија“ во рубриката Културен живот и во прилогот за литература и култура ЛИК кој и го уредувала.[2]

Нејзините текстови се објавувани во монографии, каталози и зборници. Автор е на книгата „Ковчег со време“ и „Тој и Тие - театарски сложувалки“ (во двете книги го истражува и одново оценува, систематизира и сложува своето долгогодишно искуство, знаење и над сè љубов кон работата и кон најживата и највитална уметност – Театарот, отргнувајќи го од заборавот на времето битното и неистраженото во нашиот театар[2]) и е соавтор на „Тодор Николовски“. Таа е авторка на повеќе од девет илјади единици – рецензии за претстави, коментари и интервјуа со театарски творци, но и за творци од светот. Авторка е на патописи, учесничка е во разни дебатни ТВ емисии посветени на театарот и на културата воопшто, текстовите по повод јубилеи и изложби поместени ѝ се во разни каталози, а соработува и во повеќе театарски и театролошки едиции. Текстови ѝ се поместени во разни библиотеки, во монографии и каталози: во зборникот „Современа драма и театар во Македонија“; театролошки истражувања ѝ се публикувани и во повеќе зборници што ги издаваат Факултетот за драмски уметности во Скопје – Институтот за театрологија, и Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“; со обработени теми учествува во подготовката на разни монографии од областа на театарот како, на пример, монографијата за Ристо Шишков објавена во 2002; луксузна и високо вреднувана монографија за глумецот Илија Милчин во 2003, монографијата за Петре Прличко во 2004, приредувач е на Собраните дела на Иван Мазов (шест тома, 1982); соавтор е на книгата за глумецот Тодор Николовски; во изданието The world of Theatre на Интернационалниот театарски институт за 2004; дел е од тимот кој го подготви електронско издание – ЦД ромот Театарот на македонска почва за кој седуммина автори, меѓу кои е и Мазова, ја добија наградата Гоце Делчев за научно - истражувачка работа за 2002 година.[2]

Членувала во разни програмски комисии или фестивалски одбори: член и претседател и на Одборот на критиката на Стерииното позорје, член на Програмскиот одбор на Фестивалот на Мали и експериментални сцени во Сараево, во фестивалското жири и други оценувачки комисии, член на селекторските комисии за Стерииното позорје и за МЕСС, член и претседател на Комисијата за театарската програма на Фестивалот „Охридско лето“, селектор, член и претседател на оценувачката комисија на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, жири за наградата „Климент Охридски“, на „Св. Климент Охридски“ на „Нова Македонија“ и „Златната маска“ на „Вечер“ за најдобри претстави и најдобри актерски остварувања на „Охридско лето“, во жиријата на критичарите на „Ослобоѓење“ и на „Дневник“, на жирито за „Златна плакета“ на „Нова Македонија“ за најдобра претстава на „Војдан Чернодрински“, водител е на разговори со театарските творци, на трибини, симпозиуми и на симпозиумски сесии.[2]

За својата посветеност и како признание за постигнатото, е добитник на наградата „Крсте Мисирков“ за едногодишно остварување (1980), на наградата „Мито Хаџивасилев – Јасмин“ за новинарство (1981), на годишна награда на „Нова Македонија“ (1988) и за долгогодишна работа на „Нова Македонија“ (1998), на наградата за наука „Гоце Делчев“ (2003).[2]

Активно соработува и со Институтот за театрологија при Факултетот за драмски уметности во Скопје, во подготовката на проекти од областа на театрологијата, на проекти/изданија во рамките на научно-издавачката дејност што се проекти на Македонската академија на науките и уметностите – Макропроектот „Историјата на културата на Македонија“ – Театарот на почвата на Македонија од антиката до денес.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ристовски, Блаже, ed. (2009). "Мазон". Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. стр. 817. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 „Лилјана Мазова“.