Договор од Шимоносеки
Договор од Шимоносеки (јапонски: 下関条約, „Шимоносеки Јојаку“; традиционален кинески:馬關條約, поедноставен кинески: 马关条约, пинјин :Mǎguān Tiáoyuē) ― мировен договор потпишан помеѓу Јапонија и Кина со кој се ставило крај на Првата кинеско-јапонска војна. Договорот бил потпишан на 17 април 1895 година во Шимоносеки, Јапонија. Овој договор го заменил Кинеско-јапонскиот договор за пријателство и трговија од 1871 година.[1] [2]
Услови од договорот
[уреди | уреди извор]
Со овој договор завршила Првата кинеско-јапонска војна (1894-1895 година) со јасна победа за Јапонија.
Според одредбите од овој договор, Кина ја признала „целосната независност и автономија“ на Чосон (Кралство Кореја) и формално се откажала од територијалните претензии кон таа држава.[3]
Кина на Јапонија ѝ ги отстапила Пескадорските Острови, Формоза (Тајван) и источниот дел од заливот на Полуостровот Љаодунг (Далиан) заедно со сите утврдувања, арсенали и државен имот.
Кина на Јапонија ѝ платила воена отштета од 200 милиони купинг таели, во рок од седум години.
Кина за јапонската трговија отворила многу пристаништа и реки, и на Јапонија ѝ доделила ист трговски статус каков што добиле некои западни сили по Првата и Втората опиумска војна.
Последици
[уреди | уреди извор]Само шест дена по потпишувањето на договорот, условите кои Јапонија ѝ ги наметнала на Кина ја предизвикале т.н. Тројна интервенција од Русија, Франција и Германија. Тие барале од Јапонија да го повлече барањето за Полуостровот Љаодунг, поради тоа што биле загрижени дека Лушун, кој тогаш Западњаците го нарекувале Порт Артур, ќе падне под јапонска контрола.
Под закана од војна од три западни држави, во ноември 1895 година, Јапонија (која сè уште не се сметала за регионална сила) ја вратила контролата врз територијата на Полуостровот Љаодунг и за возврат добила од Кина за 30 милиони таели повисоки воени репарации. Во тоа време, европските држави не биле загрижени за другите услови од Договорот од Шимоносеки. Ова се покажало како грешка, бидејќи Јапонија во 1905 година веќе целосно ја окупирала Кореја со што се проширила во сферата на влијание на Русија, а за време на Првата светска војна го зазела германското пристаниште во Шандунг. [4]
Во Тајван, во 1895 година прокинески ориентирани месни благородници ја прогласиле Република Формоза, но не успеале да добијат меѓународно признание.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Ikle, Frank W. (1967). „The Triple Intervention. Japan's Lesson in the Diplomacy of Imperialism“. Monumenta Nipponica. 22 (1/2): 122–130. doi:10.2307/2383226. JSTOR 2383226.
- ↑ Jansen, Marius B. (1975) Japan and China: From War to Peace, 1894-1972. Rand McNally College Publishing Company. pp 17-29, 66-77. ISBN 9780528666001
- ↑ Договор од Шимоносеки — Енциклопедија Британика (англиски)
- ↑ Zachmann, Urs Matthias (2006). „Imperialism in a Nutshell: Conflict and the "Concert of Powers" in the Tripartite Intervention, 1895“. Japanstudien. 17: 57–82. doi:10.1080/09386491.2006.11826924.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Текст на договорот
- Договори од династијата Ќинг сочувани од Министерството за надворешни работи на Република Кина (Тајван) Архивирано на 4 август 2015 г. Aрхивирано
|