Прејди на содржината

Декамерон

Од Википедија — слободната енциклопедија
Decameron, 1492

Декамерон е збирка од 100 новели напишана од италијанскиот писател Џовани Бокачо, најверојатно започната во 1350 година, а завршена во 1353 година. Тоа е средновековно алегориско дело најпознато по љубовните приказни. „Декамерон“ има антиклерикален карактер, зашто сатирата е насочена кон лажната чистина на свештениците. Но, освен тоа, ова е дело што носи голема етичка порака, типично хуманистичка каде се велича сè што е човечко. Според Бокачо, луѓето се еднакви, само се разликуваат по својот карактер и интелигенција. Насловот на книгата е кованка од два грчки збора што значат „десет“ (δέκα дека) и „ден“ (ἡμέρα хемера)[1]. Се верува дека некои делови од приказните се поврзани со влијанието на Книгата на добра љубов. Многу значајни писатели како Џефри Чосер имаат извлечено инспирација за своите дела од Декамерон.

Декамерон

Композиција

[уреди | уреди извор]

„Декамерон“ претставува заокружена збирка раскази кое авторот го постигнал со воведниот дел, односно „Воведната новела“, каде Бокачо го прикажува својот концепт на збирката. Имено, за време на големата чума во Фиренца, група млади луѓе, седум жени и тројца мажи, се засолнуваат во една куќа, надвор од градот и за да не им биде здодевно за секој ден определуваат крал или кралица кој ќе кажува што да прават. Во текот на тие десет дена, сите десетмина, секој ден раскажуваат по еден расказ на определена тема (10 X 10 = 100). Затоа збирката содржи 100 новели. Според темите тие се поделени на:

  • 1 ден - нема одредена тема - кралица е Пампинеа;
  • 2 ден - неприлика со среќен крај - кралица е Филомена;
  • 3 ден - за двомислени луѓе - кралица е Немфиле;
  • 4 ден - за несреќната љубов - крал е Филострат;
  • 5 ден - за среќната љубов - кралица е Фијамета;
  • 6 ден - за оние кои биле итри и досетно се спасиле - кралица е Елиза;
  • 7 ден - за жените кои го изневериле мажот - крал е Дионес;
  • 8 ден - исмејувањата на мажите од жените и обратно - кралица е Лаурета;
  • 9 ден - слободна тема - кралица е Емелија;
  • 10 ден - за правилните постапки - крал е Помфил.

Во „Декамерон“ се прикажани многу настани, ликови и случки. Освен според деновите, како што ја направил поделбата самиот Бокачо, новелите тематски, може да ги поделиме во неколку групи: куси новели со остромни изреки; новелите каде се прикажани големите добродетелства; љубовно-еротски новели и новелите во кои Бокачо ги критикува ниските човекови нагони, а особено ги разобличува свештениците[2][3].

Новели со остроумни изреки

[уреди | уреди извор]

Во првата група новели од „Декамерон“, може да ги ставиме кусите новели со остромни изреки. Такви се, на пример, новелите: „Итрината на Кикибио“, „Франческа и огледалото“, „Форезе и Џото“, и др.

Итрината на Кикибио

[уреди | уреди извор]

Во расказот „Итрината на Кикибио“, главниот лик, слугата Кикибио итро се снаоѓа кога неговиот господар ја бара ногата од жеравот што бил приготвен за вечера, а кој претходно го изела жената на Кикибио. За да ја докаже својата невиност, утредента Кикибио и неговиот господар отишле да ги видат живите жерави и да се убедат дали имаат една или две нозе. И навистина, додека спиеле жеравите стоеле на една нога па така Кикибио го имал својот доказ. Но, тогаш, неговиот господар извикал „хо, хо“ и ги разбудил и растерал жеравите кои ја испружиле и другата нога. Збунетиот, и фатен во „небрано“ Кикибио, веднаш се снашол и рекол дека господарот синоќа не викнал „хо, хо“!, па затоа жеравот од трпезата не ја покажал својата друга нога[3].

Франческа и огледалото

[уреди | уреди извор]

Расказот „Франческа и огледалото“ е остра критика на каприциозните, самодопадливи луѓе, кои го презираат сиот свет, а всушност се многу плитки:

Некојси Фреско од Челатико имаше внука што на галено ја викаа Ческа. Макар што беше со убава става, сепак не беше со таква ангелска убавина што се наоѓа понекогаш. Но затоа пак се ценеше себеси толку многу, што ѝ влезе во крвта да куди и мажи и жени, и сè што ќе види, не обѕирајќи се на себеси. А беше така незгодна, досадна и каприциозна, како ниедна друга, и никогаш со ништо незадоволна. Освен тоа, беше така горда, што би било премногу дури и да му е ќерка на францускиот крал. Кога одеше по улица, толку се муртеше на сè, што само носот го креваше како да ѝ смрди секој што ќе го види или ќе го сретне. Сега, да не ги набројуваме сите нејзини срамни и незгодни навики, ќе ви кажеме еден настан за неа. Некој ден се врати во Фресковата куќа и преправајќи се и муртејќи се, седна покрај него. Фреско ја праша:
— Што си се вратила, Ческо, толку брзо, кога денеска е празник?
Таа му одговори напернато:
— Навистина си дојдов рано, зашто во овој град како да не биле ни мажите ни жените никогаш така досадни и несносни како денеска. Ниеден не помина по улица што да не ми е мрзок како лоша среќа. Верувам дека нема на светов жена на која да ѝ е подосадно да ги гледа овие одвратни луѓе одошто мене. Па за да не ги гледам, си дојдов рано дома.
Фреско, кому ни малку не му се бендисуваа лошите навики на внучката, забележа:
— Ќерко моја, ако ти е така мрско да гледаш непријатни луѓе, немој никогаш да се огледуваш во огледало, ако сакаш да живееш задоволно.
Но, таа празна тиква (а мислеше дека е мудра како Соломон), ги сфати вистинитите зборови на Фреско како што би ги разбрала овца, па му одговори дека ќе се гледа во огледало како другите. Така во својата глупост живееше и векот си го помина.

Форезе и Џото

[уреди | уреди извор]

Расказот „Форезе и Џото“ е типичен за оваа група раскази со остроумни изреки. Започнува поучно, хуманистички - изедначувајќи ги сите луѓе, без разлика на надворешниот изглед, образованието и струката; за да заврши со остроумна досетка во дијалогот на двајцата протагонисти:

Како што честопати најголемите добродетели се кријат во човек со скромен занает, исто така и под грда надворешност често се кријат чудесни душевни способности. За тоа се доказ двајца сограѓани. Едниот од нив се викаше господин Форезе од Работа и беше толку низок, со нескладна фигура, сплескано лице и тап нос, што ќе беше грд и за куќата Баронци, но беше толку вешт во законите што многу умни луѓе го сметаа за ризница на граѓанското право. Другиот, којшто се викаше Џото, беше исто така необично надарен, што немаше таков предмет во природата, мајката на сè што е создадено и двигателка на небесата и на световите, што тој да не можеше со перо или со молив или со четка да го нацрта, и тоа така вешто што не само да биде слично на природата, туку природата сама. И така многупати се случило да се измами човечкото око, да мисли дека е стварност тоа што го насликал тој. Бидејќи ѝ го вратил блесокот на уметноста, кој за многу години беше го закопала заблудата на тие што сликале повеќе да ги забават очите на незнајковците одошто да угодат на духот на мудреците, тој може со право да се вброи меѓу најсјајните ѕвезди на фирентинската слава; и тоа толку повеќе што со најголема скромност одбиваше да го викаат мајстор, макар што целиот живот им беше учител на другите. Тоа име што тој го отфрли, толку повеќе сјаеше во него, колку повеќе со копнеж го присвојуваа тие што знаеја помалку од него или беа негови ученици. Но, колку и да беше неговата уметност голема, тој самиот ни по лик ни по става не беше ни малку поубав од господин Форезе. Туку, да се вратиме на приказната. Господин Форезе и Џото имаа свои имоти во Муџело. Некој ден, во време кога судот не работи, господин Форезе беше отишол да си го види имотот. Враќајќи се на некое позајмено коњче, по пат го сретна Џота, којшто исто така од својот имот се враќаше во Фиренца. Ни неговиот коњ, ни спремата не му беа ништо подобри од тие на Форезе. Бидејќи беа стари, полека јаваа еден до друг, и така се случи, како што се случува често лете, да ги изненади по патот ненадеен дожд, па колку што можеа поскоро, се засолнаа во куќата на некој селанец, свој пријател и познат. По некое време, бидејќи изгледаше дека дождот нема да запре, тие, сакајќи уште дење да стигнат во Фиренца, посакаа од селанецот две стари гуни од груба аба и две шапки целите изабени од старост, зашто не најдоа ништо подобро и тргнаа на пат. Откако јаваа така некое време и добро накиснаа и се искалнија бидејќи коњитe ги испрскаа (тоа, да кажеме не го зголемува достинството на луѓето), времето се расчисти и тие по долго молчење фатија да разговараат. Господин Форезе, јавајќи и слушајќи го Џото, којшто беше извонреден раскажувач, почна да го загледува од глава до петици и гледајќи на него сè така безоблично и изветвено, а не гледајќи се себеси, почна да се смее зборувајќи:
— Џото, да наидеме случајно на некој туѓинец што не те видел никогаш, мислиш ли дека би поверувал дека ти си најдобриот сликар на светот, како што си навистина?
Џото му одговори спремно:
— Господине, мислам дека би поверувал, ако, гледајќи во вас, поверува дека ја знаете азбуката!
Кога го чу тоа, господин Форезе си ја сфати грешката и увиде дека Џото му врати мило за драго.

Новели за големите добродетелства

[уреди | уреди извор]

Во втората група раскази се оние каде се прикажани големите добродетелства, силните и издржливи луѓе, без разлика на сталежот на кој му припаѓаат. Такви се, на пример: „Маркизот од Салуцо“, „Приказна за соколот“ и др.

Маркизот од Салуцо

[уреди | уреди извор]

Во новелата „Маркизот од Салуцо“, издржливоста, покорноста и достоинството на сиромашната селанка Гризелда која ја зема за жена маркизот од Салуцо не може да се спореди со одликите на ниедна благородничка. Неговото изживување и искушување ја превршува секоја мерка (ѝ ги одзема децата, кои божем ги убива; по многу години ја брка од куќата велејќи ѝ дека ќе се жени за друга), но таа достоинствено истрпува сè. На крајот таа ја добива наградата - љубовта и почитувањето од својот маж и од сите луѓе.[3]

Приказна за соколот

[уреди | уреди извор]

Во „Приказната за соколот“ , љубовта и достоинството го креваат главниот лик до совршенство. Неговата жртва за љубовта доведува на крајот до остварување на таа љубов, токму поради неговите добродетелства.

Имено, тука се раскажува за Федериго, синот на Филипо Албериги којшто живеел во Фиренца и кој бил ценет младич во Тоскана. Љубовта на Федериго спрема Џована, дама од благороден род, го бодрела да се бори во турнири, витешки игри за да ја придобие нејзината љубов. Додека постојано се расфрлал со богатството што го поседувал, многу повеќе одошто печалил, Џована не му обрнувала внимание и тој осиромашил. Поради сиромаштијата во која се нашол, тој се преселил во Кампи, на негов имот каде што ловел птици со неговиот сокол, како единствен начин да ја поднесува својата сиромаштија. Во меѓувреме, мажот на Џована умира, оставајќи ја сама со нивниот син. Така, вдовицата Џована, за време на летото, заминала со сина си на некој имот близу до Федериговиот. Момчето се спријателило со Федериго, заинтересирано за птици и кучиња, му се восхитувал на соколот. Но, ненадејно момчето се разблело, а негова најголема желба била да го поседува Федериговиот сокол. Сакајќи да ја исполни желбата на синот, верувајќи дека состојбата ќе му се подобри, Џована со тешко срце заминала во посета кај Федериго. Благодарна на Федериговата љубов, таа со пријателката посакала да ручаат во неговата куќа. Сиот радосен, Федериго заборавил на својата немаштија. Не сакајќи да бара од други, а бидејќи немал со што да ја понуди, го заклал соколот и ѝ го приготвил. Попладнето, Џована на укажана прилика, културно го замолила Федериго да му го подари соколот на син ѝ, објаснувајќи му ја тешката ситуација. Федериго го облеало силна тага бидејќи не можел да ѝ го подари соколот, зашто го приредил за ручек за да може да ја угости. Ожалостена и загрижена, Џована се вратила дома кај болното синче. Подлегнато на болеста, младото момче починало, а Џована останала сама вдовица. Нејзините браќа ја терале да се премажи бидејќи била сè уште млада, убава и богата. Обвиена од тага, таа посакала или да остане вдовица или да го земе Федериго. Иако осиромашен, заради големата љубов и добрата душа на Федериго, браќата му ја дале за жена[3].

Љубовни новели

[уреди | уреди извор]

Голем дел од расказите во „Декамерон“ се со љубовна содржина. Во нив, љубовта е прикажана и како трагична, и среќна, и достоинствена, и, се разбира, телесна. Рушењето на бариерите во однос на класата на која ѝ припаѓале луѓето е многу присутна токму во овие новели. Селаните можат да бидат со благороден карактер и поради тоа да бидат еднакви со богатите. Таа граница која во средновековието била непробојна, кај Бокачо веќе речиси не постои. Според него, човекот е човек, без разлика на кој сталеж му припаѓа. Па затоа, во љубовните раскази често спојува парови од различна социјална средина, а нивната приказна понекогаш завршува трагично - за што Бокачо го осудува општеството, а понекогаш среќно.

Босилокот на Изабета

[уреди | уреди извор]

Една тажна приказна за голема и несреќна љубов е прикажана во расказот „Босилокот на Изабета“. Љубовта што ја чувствувала и остварила Изабета е многу овоземна, телесна и страстна. За жал, таа завршува трагично, поради моралните норми кои ги поставиле општеството и нејзините браќа. Како и да е, таа останува верна на единствената љубов во нејзиниот живот, без разлика што бил од друг сталеж.

Изабета имала тројца браќа кои по смртта на татко им наследиле трговски дуќани и како богати трговци живееле во Месина. Изабета била убава девојка, скромна и добро воспитана. Но, таа се вљубува во слугата, момчето што работело во дуќаните на браќата - Лоренцо. Тој ѝ ја возвратил љубовта, но се криеле од браќата зашто знаеле дека тие не би ја одобриле. Еден ден ги открил едниот од браќата, и тие мислејќи дека таквата врска би била срам за семејството, го убиле, а на луѓето им кажувале дека го испратиле во друг град по работа. Несреќната Изабета тагувала по момчето и безуспешно го исчекувала да ѝ се врати. Браќата не сакале да ѝ кажат ништо за него. Но, таа го сонила, а во сонот момчето ѝ кажало за убиството. Верувајќи во сонот Изабета без да им каже на браќата отишла до покажаното место и го пронашла трупот. Таа ја земала неговата глава и ја чувала во својата соба скриена во саксија за цвеќе и покриена со земја. Во неа таа посадила босилок и го негувала нежното растение со вода од ружи и со своите солзи. Поради долгата и внимателна грижа и мрсната земја од главата што се распаѓала внатре цвеќето станало бујно со чудесен мирис. Тажната Изабета постојано седела и плачела над цвеќето што го забележале и соседите и им кажале на браќата. Тие безмилосно ѝ го одземале на несреќната девојка цвеќето, иако таа ги молела да ѝ го вратат. Зачудени од упорнотото барање, браќата ја провериле земјата од цвеќето, ги виделе остатоците од главата и ја препознале косата на Лоренцо. Престрашени, тие ја закопале главата, заминале од Месина и се преселиле во Неапол, а девојката од преголема тага и плачење се разболела и умрела.

Славејчето

[уреди | уреди извор]

„Славејчето“ е расказ со забавна љубовна содржина и среќен крај. Во него е прикажана љубовта меѓу убавата Катерина, ќерката на Лицио ди Валбона и стројното момче Ричардо, од куќата на Манарди од Бретиноре. На почетокот и двајцата ја криеле својата љубов, но откако си ги искажале чувствата сакале да поминат една вечер заедно. Катерина требала да ги убеди своите родители да ја пуштат да преспие на балконот, а Ричардо да ѝ се придружи подоцна во ноќта. По еден безуспешен обид, користејќи ја горештината и желбата за слушање на песната на славејчето додека заспива како изговор, татко ѝ ѝ дозволил. Истата ноќ, откако родителите на Катерина заспале, Ричардо се искачил на балконот и заедно ја поминале ноќта. Меѓутоа, не успеале да се разбудат навреме за Ричардо да си замине, па татко ѝ утрото ги видел. Бидејќи не знаел што да прави, веднаш ја извикал жена си, Џакомина. Ѝ кажал да дојде и да види како на ќерка ѝ ѝ замилел славејот, па го фатила и го држи во рака. Госпоѓата сакала да му се развика на Ричардо, но господинот ја запрел ѝ ѝ кажал дека најдобро е да ги венчаат. Ричардо бил пристоен и богат, а Катерина го сакала. Кога се разбудиле, Лицио им кажал дека ќе мора да се венчаат поради направениот грев, но и бидејќи се вљубени еден во друг. Веднаш се венчале, а подоцна направиле и вистинска свадба, по што Ричардо долго со својата убава невеста на мир ловел славеи, и дење и ноќе.

Новели за ниските човекови нагони

[уреди | уреди извор]

Фра Чипола и светиот јаглен

[уреди | уреди извор]

Во четвртата група новели може да ги ставиме новелите во кои Бокачо ги критикува ниските човекови нагони, а особено ги разобличува свештениците. Тој им се потсмева на свештениците кои едно зборуваат, а друго прават, кои проповедаат воздржаност од физичка љубов, а самите се развратни. Ја опишува нивната алчност, нечесност, злоупотребата на религиозноста и суеверието на неукиот народ за своја полза. Таков е, на пример, фра Чипола кому Бокачо му ја разоткрива лажната светост и лицемерието[3]. Конкретно, во расказот е опишана една случка кога пријателите на Фра Чипола сакале да си поиграат со него и да видат како тој ќе се снајде во ситуацијата. На почетокот е опишан калуѓерот и неговите причини за доаѓање во малото гратче:

Макар што тоа беше мало гратче, некогаш во него живееја благородници и имотни граѓани. Бидејќи таму имаше добра жетва, редовно секоја година по еднаш идеше по некој калуѓер од редот на свети Антонио, да собира милостина што му ја даваа будалите. Тој калуѓер се викаше фра Чипола и во Черталдо го сакаа поради неговата набожност, а и поради неговото име (чипола на италијански значи кромид), зашто во тој град расте кромид познат низ цела Тоскана. Брат Чипола беше низок човек, црвенокос, со ведро и румено лице, и многу весел. Макар што прост, беше извонреден и итар говорник, па секој што не го познаваше, го сметаше не само за голем говорник, туку за некој Тулиј или можеби Квинтилијан. Освен тоа на сите во тој крај им беше кум и пријател или барем драг познат.
По својот обичај пристигна таму еднаш во месец август, па во некоја недела изутрина, кога сиот народ од околните села се собрал во жупната црква, во згоден час излезе пред нив и рече:
— Браќа и сестри, како што знаете, вие имате обичај секое лето да им испратите на сиромасите на нашиот господар свети Антонио, пченица и друго жито, кој повеќе кој помалку, според своите можности на набожност за да ви ги чува пречесниот свети Антонио воловите, магарињата, овците и прасињата. Притоа уште имавте обичај да платите малку нешто и во пари, што се плаќа секоја година, а тоа особено тие што се запишани во нашето братство. Мојот старешина, господин опатот, ме испрати да го приберам тоа. Затоа, со благослов божји, по девет часот, кога ќе заѕвонат ѕвончињата, елате вака пред црква, кајшто обично ќе ја слушате мојата проповед и ќе целивате крст. Освен тоа, (бидејќи знам дека сите го почитувате нашиот господар, свети Антонио) ќе ви покажам како особена милост една пресвета и чудесна реликвија што сум ја донел некогаш од света земја, отаде морето. А тоа ви е пердушка од крилото на арханѓелот Гаврил што му паднало во собата на пресвета Богородица кога бил во Назарет да ѝ каже за безгрешното зачетие.

Но, неговите пријатели му го сокриле пердувот и во ковчежето му ставиле јаглен, а вечерта на проповетта само чекале да видат како Фра Чипола ќе се извлече од ситуацијата:

Прво очита некои молитвички во слава и чест на архангел Гаврил и светите мошти, тогаш го отвори ковчежето и кога виде, тоа беше полно со јаглен. (...) Ни бојата на лицето не му се смени заради тоа, туку подигнувајќи ги погледот и рацете кон небото, гласно извика:
— О, боже, нека е вечна слава на твојата семоќност!
Потоа го затвори ковчежето и обрнувајќи му се на народот, продолжи:
— Браќа и сестри, треба да знаете дека мојот старешина, додека бев уште многу млад ме испрати во земјите откаде што изгрева сонцето со особена наредба дотогаш да барам Порчелански повластици, додека не ги најдам; тие макар што не вредат ништо, многу им се покорисни на други одошто нам. Затоа тргнав по патот на Венеција, минав преку Борга де Гречи, па отидов во Гарапското кралство и преку Балдака стигнав во Парионе, а оттаму, зажеднет мошне, по кратко време стигнав во Сардинија. Но зошто да ви ги спомнувам сите тие градови и земји што сум ги минал барајќи? Пребродувајќи го ракавот Сан Џорџо, пристигнав во Труфија и Буфија, земји многу населени со моќни народи. Оттука тргнав во земјата Лагарија каде што најдов многу наши калуѓери, а доста и од другите редови што ја избегнуваа немаштијата бога ради, малку се грижеа за туѓиот труд, се грижеа само за своја полза и по сите тие земји трошеа само нековани пари. Тогаш минав во земјата Абруци каде што и машко и женско со цокули се качуваа по планините, а прасињата ги облекуваат во цревата. Малку понатаму најдов народ што го носи лебот на ластегарки, а виното во вреќи. Оттаму стигнав до Црвливите планини каде што сите води течет надолу. Накратко, патував толку далеку што стигнав, мили мои, до Индија нечистата каде што видов, ви се колнам во облеката што ја носам, како летаат перја, кое навистина тешко ќе го поверува тој што не видел. А дека не ве лажам, сведок ми е Мазо дел Саџо кого таму го најдов како голем трговец; кршеше ореви и ги продаваше лушпите на мало. Бидејќи не можев да најдам тоа што барав, бидејќи натаму се патува по море, се вратив и на враќање до овие свети земји каде што лете продаваат студено јадење за четири пари, а топло за бадијала. Таму го најдов пречесниот отец Повели Неколниме, многупочитуван ерусалимски патријарх. Од почит кон облеката на нашиот господар свети Антонио, што секогаш ја носам, сакаше да ми ги покаже сите реликвии што ги имаше кај себе, а ги имаше толку што би ми требале неколку милји кога би сакал да ви ги набројам сите и уште би ми било малку. Прво ми го покажа прстот на светиот дух, зрав и цел, каков што некогаш бил, потоа парче од косата на серафимот што му се прикажал на свети Фрањо, потоа еден нокот од херувим, едно од ребрата на зборот што станал дело, и облеката на светата Вера Католичка, и неколку зрака од ѕвездата што им се покажала на тројцата мудреци од Исток; и канче со потта што го облеала Св. Михаила кога се борел со сатаната, и вилицата на смртта на свети Лазар и уште триста чуда и други светињи. А кога доброволно му дадов опис на брдото Монте Морело на народен јазик и препис од Капрецио што ги барал веќе доста долго, ме направи ортак на своите свети мошти, и од своја страна ми подари еден заб од светиот Крст и во канче малку од звукот на ѕвоното од Соломоновиот храм и перото на арханѓел Гаврил за кое веќе ви зборував, цокулата на свети Герардо Виламањски. Неа неодамна ја подарив на неговиот голем почитувач Герардо ди Бонси од Фиренца; и уште ми даде нешто јаглен на кој се печел блажениот маченик Св. Лаврентиј. Сите тие светињи ги донесов ваму со мене и побожно ги чував. Навистина, мојот старешина никогаш не ми дозволи да ги покажувам додека не се увери дека се вистински. И сега по некои чудеса што се случија по патријарховите писма се сведочи за нивната вистинитост, па ми дозволи да ги покажам слободно. И јас ги носам сакогаш со мене, плашејќи се да ги поверам некому. Вистина е дака перото на архангел Гаврил го носам во ковчеже да не се оштети, а во друго исто такво ковчеже јагленот на кој се печел свети Лаврентиј, па често се излажувам и го земам едното наместо другото. Ете, тоа ми се случило и овојпат, па мислејќи дека сум го зел тоа со перото, сум го зел тоа со јагленот. Но, не сметам дека е тоа заблуда, дури сум убеден дека е тоа волја божја, и дека сам господ ми го ставил в рака ковчежето со јагленот, зашто сега баш ми текна дека по два дни од денеска е празникот на свети лаврентиј, па сам господ сакал да запалм во вашите срца побожност кон него, покажувајќи ви го јагленот на кој се печел светецот. Не ми дал да го земам перото, како што си мислев, туку благословениот јаглен, угаснат од сокот на пресветото тело. Затоа, деца мои блажени, симнете ги капите и приближете се со скрушено срце ваму за да го видите. Но, најнапред сакам да знаете дека секого што ќе го допрам со овој јаглен во знак на крст, може да биде сигурен дека цела година нема да го допре оган, а да не го сети.
По оваа беседа му запеа химна на свети Лаврентиј, го отвори ковчежето и им го покажа јагленот. Глупавиот народ некое време го гледаше восхитено и побожно, а после нагрнаа како стадо кај Фра Чипола, давајќи му поголеми дарови од обично и молејќи го да ги допре со јагленот. Фра Чипола го зеде јагленот в рака и почна по нивните бели елеци и забани и по забратките на жените да шара толкави крстови колку само што можеше, уверувајќи ги дека подоцна во ковчежето ќе се направи толку јаглен колку што ќе се потроши, како што многупати се уверил во тоа. Така, на своја голема полза го прекрсти сиот народ и со својата досетливост ги насамари тие што, земајќи му го перото, мислеа да го осрамотат него. Младичите беа на проповедта и слушаа како зборуваше и како се извлече од стапицата, па од пуста смеа вилиците скоро им се разглобија. Откако се разотиде народот, дојдоа кај него и во смеа и шега му открија што сториле, а потоа му го вратија неговото перо што идната година му донесе не помала полза одошто дента јагленот.

Изданија на македонски јазик

[уреди | уреди извор]

Издание на „Македонска книга“ од 1974 година

[уреди | уреди извор]

Во 1974 година, издавачката куќа „Македонска книга“ ја објавила книгата „Декамерон“ во рамките на библиотеката „Атлас“, а во превод на Радмила Угринова - Скаловска. Книгата е отпечатена во Графичкиот завод „Гоце Делчев“ во мек повез и не е каталогизирана, ниту ја поседува меѓународната ознака ISBN. Книгата претставува скратено издание на „Декамерон“ и содржи 38 раскази: Пролог, Вовед, Сер Чапелето, Саладин и Малхиседек, Мартелино, Риналдо Д'Асти и вдовицата, Андреучо од Перуџа, Приказна за Бернабо и неговата жена, Коњушарот на кралот Аџилулфо, Џилета од Нербон, Босилокот на Изабета, Андруола и Габриото, Пјетро од Бокамаца и Ањолела, Славејчето, Џакомино од Павија, Теодоро и Виоланта, Приказна за соколот, Пекарот Чисти, Итрината на Кикибио, Фортезе и Џото, Франческа и огледалото, Гвидо Кавалканти, Фра Чипола и светиот јаглен, Џани Лотеринги и духот, Измамениот Тофано, Каландрио и сончецот, Шегата со маркезанскиот судија, Прасето на Каландрио, Вдовицата и учениот Риниери, Пак за Каландрио, Чеко Фортариго и Чеко Анџулери, Каландрино заљубен, Советот на Соломон, Вражањето на дон Џили, Митридан и Натан, Приказна за Саладин и Торело, Маркизот од Салуцио, и Поговор на авторот.[4]

Издание на „Мисла“ и „Македонска книга“ од 1988 година

[уреди | уреди извор]

Во 1988 година, „Мисла“ и „Македонска книга“ објавиле заедничко издание на „Декамерон“ во едицијата „Светска книжевност“, а во превод на Радмила Угринова - Скаловска. Книгата е каталогизирана во НУБ „Климент Охридски“, Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 86-15-00056-5. Таа е испечатена во мек повез, со обем од 22 сантиметри и има 300 страници. Ликовното уредување е дело на Коста Бојаџиевски и Кочо Фидановски, коректурата ја направила Соња Димковска, а книгата е отпечатена во печатницата „Просвета“ од Куманово.[5]
Книгата претставува скратено издание на „Декамерон“ и содржи 38 глави: Пролог, Вовед, Сер Чапелето, Саладин и Малхиседек, Мартелино, Риналдо Д'Асти и вдовицата, Андреучо од Перуџа, Приказна за Бернабо и неговата жена, Коњушарот на кралот Аџилулфо, Џилета од Нербон, Босилокот на Изабета, Андруола и Габриото, Пјетро од Бокамаца и Ањолела, Славејчето, Џакомино од Павија, Теодоро и Виоланта, Приказна за соколот, Пекарот Чисти, Итрината на Кикибио, Фортезе и Џото, Франческа и огледалото, Гвидо Кавалканти, Фра Чипола и светиот јаглен, Џани Лотеринги и духот, Измамениот Тофано, Каландрио и сончецот, Шегата со маркезанскиот судија, Прасето на Каландрио, Вдовицата и учениот Риниери, Пак за Каландрио, Чеко Фортариго и Чеко Анџулери, Каландрино заљубен, Советот на Соломон, Вражањето на дон Џили, Митридан и Натан, Приказна за Саладин и Торело, Маркизот од Салуцио, и Поговор на авторот.[5]

Декамерон како инспирација во уметноста и во популарната култура

[уреди | уреди извор]
  1. Грчкиот наслов треба да гласи δεκάμερον (τό), односно поправилно класично грчки: δεχήμερον
  2. Стојка Бојковска, Лилјана Минова - Ѓуркова, Димитар Пандев, Живко Цветковски, Невена Исакова, Бранко Пендовски; Македонски јазик и литература за II година за реформираното гимназиско образование; Просветно дело, 2009, Скопје
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 „Декамерон“ од Бокачо на Македонски јазик и литература за средните стручни училишта, од Билјана Богданоска
  4. Џовани Бокачо, Декамерон. Скопје: Македонска книга, 1974.
  5. 5,0 5,1 Џовани Бокачо, Декамерон. Скопје: Мисла и Македонска книга, 1988.
  6. Valerio Magreli, „Biografska beleška“, во: Pjer Paolo Pazolini, Put i nebo. Beograd: Mali vrt, 2016, стр. 92.