Гу Кајџе

Од Википедија — слободната енциклопедија
Портрет на Гу Кајџе

Гу Кајџе (трад. 顧愷之, упр. 顾恺之, пинјин: Gù Kǎizhī) (~ 344-406) бил прочуен сликар од стара Кина. Професионално бил нарекуван „Чангканг“ (长康).[1] Роден е во Вусји, денешна покраина Џангсу, а започнал со сликарската дејност во 364 г. во Нанѓинг. Во 366 г. станал офицер (大司馬參軍), а подоцна бил унапреден во царски офицер (散騎常侍). Бил надарен и како поет и калиграф. Напишал три дела од областа на сликарската теорија: „За сликарството“ (畫論), „Вовед во славните слики од династиите Веј и Џин“ (魏晉勝流畫贊) и „Сликање на планината Јинтај“ (畫雲台山記). Во едно дело Гу Кајџе напишал: „Во сликите каде што се претставени личности, облеката и надворешниот изглед не биле така важни. Душата се гледала во очите, и затоа тие биле пресудни.“[1]

Денес делата на Гу Кајџе се познати преку ролните кои се копии на оригиналите. Голем дел од поважните дела се чуваат по разни музеи во странство.

„Укори на дворската подучувачка“ (女史箴圖)[уреди | уреди извор]

Оваа слика - веројатно копија од времето на династијата Танг - претставува ликовен приказ на девет политички сатири за царицата Џиа Нанфенг од писателот Џанг Хуа (~ 232-302). Од VIII век натаму многу колекционери и цареви оставале свои печати, стихотворби и забелешки. „Укорите на дворската подучувачка“ стоела во ризницата на царот сè до Боксерското востание во 1900 г., кога била ограбена[1]. Денес делото е сместено во Британскиот музеј, но без првите три свени. Оригиналниот примерок е хоризонтална ролна во техника туш и боја на свила.

„Самовилата од реката Луо“ (洛神賦)[уреди | уреди извор]

„Самовилата од реката Луо“ - делото е сочувано во три примерока, копии од времето на династијата Сунг. Претставува ликовен приказ на песна од авторот Цао Џе (192-232). Еден примерок се чува во Дворскиот музеј во Пекинг, другиот стои во Фриеровата галерија во Вашингтон, а пак третиот е донесен во Манџурија од страна на последниот цар Пу Ји (1906-1967) за време на неговото марионетско владеење во Манџукуо под јапонска власт. Со капитулацијата на Јапонија во 1945 сликата сосем исчезнала. По десетина години била повратена од покраинскиот музеј во Љаонинг.

„Мудри и добронамерни жени“ (列女仁智圖)[уреди | уреди извор]

„Мудри и добронамерни жени“ - од ова дело денес имаме копија од времето на династијата Сунг. На него се прикажани жени од делото „Биографии на жени за пример“ (династија Хан). Петметарската ролна е поделена на 10 дела. На секој дел е прикажана група жени со краток опис.[2]

Галерија[уреди | уреди извор]

Белешки[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Цехај: стр. 1846.
  2. Xin и др. 1997, стр. 47

Наводи[уреди | уреди извор]

  • Xin, Yang; Chongzheng, Nie; Shaojun, Lang; Barnhard, Richard M (1997), Three thousand years of Chinese painting, New Haven, ISBN 9780300070132
  • „Цехај биен џи веј јуен хуј“ (辞海编辑委员会). Цехај (辞海). Шангај: Шангхај це шу чу бан ше(上海辞书出版社), 1979.

Литература[уреди | уреди извор]

  • McCausland, Shane; Британски, музеј (2003), Gu Kaizhi and the Admonitions scroll, British Museum Press

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]