Владимир Ќосевски
Владимир Ќосевски (Охрид, 1 ноември 1921) — македонски архитект и урбанист.
Животопис
[уреди | уреди извор]Ќосевски е роден во Охрид на 1 ноември 1921 година. Дипломирал на Архитектонскиот факултет на Техничката висока школа во Белград во 1953 година, на тема Летно отворено кино во стариот дел на градот Охрид, кај професорот Станко Клиска.
По дипломирањето се вработил во проектантското претпријатие за Македонија „ Проектант“. Во 1954 година преминал на работа во Заводот за урбанизам и архитектура при Народниот одбор на охридската околија во Охрид, а потоа во Заводот за урбанизам и архитектура при Народниот одбор на Скопската околија во Скопје, каде што останал до 1963 година кога бил назначен на служба во Републичкиот секретаријат за урбанизам при Извршниот совет на Македонија. На ова работно место останал до 1970 година, кога бил назначен на служба во Републичкиот комитет за човекова средина при Извршниот совет во Скопје, каде што работел сѐ до исполнувањето на својот работен стаж во 1988 година.
Во 1956 година бил ангажиран како надворешен соработник на Катедраата по урбанизам на Архитектонскиот отсек при Техничкиот факултет во Скопје. Изработил урбанистички планови за повеќе станбени населби во Скопје, во Охрид и во Битола. Работел и на измените и дополнувањето на Урбанистичкиот план на Скопје во 1957 година.
Се занимавал и со публицистичка дејност. Негово позначајно дело еПроцеси на урбанизмот во СР Македонија 1948–1981 година, во издание на МАНУ, 1985 година. Учествувал со свои излагања на повеќе трибини, симпозиуми и научни советувања. Во 1972 година одржал реферат на тема Просторно планирање и урбанизам на селото на Бигорскиот научен собир.
Целокупната активност му била посветена на урбанизмот. Негови позначајни остварувања се:
- 1955- Реконструкција на Центарот на Скопје ( со арх. Љ. Пота, Р. Галиќ, Д. Пецовски и Ј. Зеќир);
- 1957- Урбанистичкиот план на станбено- административниот комплекс на ул. „ 11 октомври“;
- 1957- Урбанистичкиот план на бреговите на реката Вардар;
- 1957- Измените и дополнувањата на урбанистичкиот план на град Скопје;
- 1957- Реконструкција и санација на градската територија помеѓу бул. „ Партизански Одреди“, ул. „ Рузвелтова“ и бул. „Св. Климент Охридски“, Скопје;
- 1960- Урбанистичкиот план на населбата „ 13 октомври“;
- 1960- Урбанистичкиот план на „ Ѓуро Ѓаковиќ“ во Скопје;
- 1961- Просторното уредување на бул. „ Партизански Одреди“, Скопје;
- 1961- Урбанистичкиот план на населбата Горно Оризари во Битола;
- 1962- Студијата за просторниот коридор на брегот на Охридското Езеро;
- 1962- Урбанистичкиот план на населбата Маџир Маалo;
- 1963- Урбанистички план на спортскиот парк „ Острово“;
- 1967- Урбанистичкиот план на с. Богданци;
- 1972- Интегралната програма за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.
Награди
[уреди | уреди извор]За својот придонес на полето на урбанизмот и архитектурата добил повеќе дипломи, повелби и одликувања, од кои позначајни се:
- 1966- Повелба за извонредна заслуга на Сојузот на инженерите на Македонија;
- 1967- Златна значка за посебни заслуги за развојот на урбанистичката дејност од Урбанистичкиот сојуз на Југославија;
- 1969- Орден на трудот со златен венец за особени заслуги и успеси за иззградбата на земјата;
- 1986- Златна плакета за исклучителен придонес и унапредување на човековата животна средина.[1]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Константиновски, Георги (2001). Гредителите во Македонија XVIII- XX век. Скопје: Табернакул. стр. 218–219.