NAACP

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Логото на NAACP

NAACP, односно National Association for the Advancement of Colored People (во превод од англиски: Национално здружение за напредок на обоените луѓе) е една од најстарите и највлијателните радикални организации за граѓански права во САД. NAACP е формирана на 12 февруари, 1909 од разнолика група составена од В.Е.Б. Ди Боа (Афроамериканец), Ајда Велс-Барнет (Афроамериканка), Хенри Московиц (Евреин), Мери Вајт Овингтон (белка), Освалд Гарисон Вилард (белец со германско потекло), и Вилијам Инглиш Волинг (белец, син на поранешна робовладетелска фамилија), за да работи за правата на Афроамериканците. Името на оваа организација, задржана во согласност со традицијата, е една од последните примени на терминот "обоени луѓе". Групата е со седиште во Балтимор, Мериленд, но имаат голем број на регионални ограноци. Сѐ до денешен ден, целта на здружението е борбата против расизмот и дискриминацијата во сите домени на општествениот, економскиот и политичкиот живот.

NAACP всушност е продолжение на организацијата Движење Нијагара (Niagara Movement), формирано во 1905 од В.Е.Б. Ди Боа, главно составена од Афроамериканци. Затоа В.Е.Б. Ди Боа се смета за најзаслужен за формирањето на NAACP, a исто така бил и уредник на организацискиот гласник Криза (The Crisis).

По уличните нереди во Спрингфилд, 1908, родното место на Линколн, станало јасно дека постои потреба за силна и здружена организација која ќе се занимава со овие прашања. Здружението е формирано на 12 февруари 1909, на 100-годишнината од раѓањето на Абрахам Линколн. Иако основачите се состанале три месеца покасно тој се смета за датум на основање на организацијата. Тоа е поради благодарноста на основачите кои сакале да му се заблагодарат на Линколн за укинувањето на ропството. За разлика од Движењето Нијагара, NAACP уште од почетокот е формиран од активисти од сите раси, и притоа здружението се залагала за правата не само на Афроамериканците, туку и на Домородните Американци, Азијоамериканците, и Евреите. Иако терминот "обоени луѓе" е надминат, во историска конотација, не се смета за навредлив и дискриминациски бидејќи тој термин се користел за сите луѓе кои не биле белци.

Со организацијата управува надзорен одбор составен од 64 членови, а нивно чело е претседател. Првиот претседател на NAACP бил белец. За три години од постоењето на NAACP, таа веќе имала 6,000 членови и 50 ограноци. Една од првите значајни активности на здружението се масовните протести против прикажувањето на немиот филм Раѓањето на нацијата од режисерот Д.В. Грифит во кој се велича улогата на Кју Клукс Кланот.

NAACP играла важна улога во успехот на движењето за граѓански права во 50тите и 60тите години. Позната е нивната дејност пред судовите, под водството на адвокатите Чарлс Хамилтон Хјустон и Тургуд Маршал, кои успеале да издејствуваат важна одлука во случајот Браун против Одборот за образование (Brown v. Board of Education) пред Врховниот суд на САД во 1954, со која се прогласува расната сегрегација во образованието за илегална.

Во последно време, со американскиот претседател Џорџ В. Буш се заладени односите поради несоодветната реакција кон страдалниците на ураганот Катрина.