Црвеноглаво свраче
Црвеноглаво свраче | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Птици |
Ред: | Врапчевидни |
Семејство: | Сврачиња |
Род: | Lanius |
Вид: | Црвеноглаво свраче |
Научен назив | |
Lanius senator Linnaeus, 1758 | |
Лето Зима[2] |
Црвеноглавото свраче (науч. Lanius senator) е член на семејството сврачиња (Laniidae). Се размножува низ јужна Европа, вклучувајќи ја и Македонија, Близок Исток и северозападна Африка, а зимно време се сели во тропска Африка.
Опис
[уреди | уреди извор]Мажјакот на црвеноглавото свраче, како што му кажува името, има црвеникавопортокалова круна до тилот, а другото перје му е црно, бело и сиво. Најкарактеристична е главата што под црвената круна е со црна маска врз очите и челото, а образите и грлото се бели. Клунот му е црносив. Крилјата му се црни со бела линија; грбот, над опашката е сив, а долните делови му се светли, кремавобели, со портокалова нијанса од страните.[3][4]. Кај расата L. s. badius која живее во западен Медитеран, недостасува белата линија на крилото. Женката е генерално слична со мажјакот, но побледа. Така, круната е често светлоцрвеникавокафеава, а поназад кафеавосива, маската на очите зазема помалку простор и има црвени дамки. Покрај тоа, на градите и од страните често (но не секогаш) има потемна избразедена шара. Понекогаш женките во нивниот изглед не се разликуваат од мажјаците. Младенчињата до првата зима се избразденошарени со нијанси на сиво и кафеаво. За разлика од возрасните кои се карактеристични, младенчињата може да се помешаат со сивото свраче. И кај двата вида горниот дел од телото е кафеав, но кај црвеноглавата боите се помалку заситени, а на врвот изгледа многу посветло, бидејќи има многу сиви линии. Маската е бледа и заматена, стомакот белосив со потемни многубројни линии.[3][5]
Мажјакот е долг околу 19 см и тежи 28-52 грама.[5].
Огласувањето на овие птици може да биде многу различно зашто тие често го имитираат пеењето на другите птици. Кога се вознемирени имаат серија силни и бучни извици, која може да се опише како крекс-крекс или скеер-скеер. Интензитетот на крикот зависи од степенот на возбуда. Пеењето му е прилично гласно и мелодично, измешано со кликнувања и чкрипења. Најчесто пее еден мажјак, а женката може да ја повтори неговата песна.[5].
Поведение
[уреди | уреди извор]Начинот на живот на црвеноглавото свраче е типичен како за сите сврачиња. Тоа е темпераментна и бучна птица, а карактеристично е што се перчи на некое подигнато место од каде го набљудува пленот. Кога е меѓу густите лисја тешко може да се види и покрај гласните звуци што ги испушта. Не формираат јата, а во сезоната на парење може да се види парот или семејството како група.
Живеалиштето на оваа птица се сувите и топли отворени предели, со трева и грмушки и по некое дрво. Живеат на суви карпести падини, во маслинови насади, рабови од шуми, покрај патишта и сл. од 100 до 1.000 метри надморска височина.
Исхрана
[уреди | уреди извор]Оваа птица се храни речиси исклучиво на големи инсекти, меѓу кои најмногу со скакулци, бубачки, како и мравки, оси и пчели, пеперуги, вилински коњчиња, лебарки, богомолки, а повремено јаде пајаци, скорпии, црви, полжави, а уделот на ’рбетници е многу мал. Повремено ловат гуштери , разни мали глодачи, жаби и др. Ретки се случаите на уништување на гнездата на малите врапчевидни птици, како и јадење растителна храна - овошје (црници и сливи).[3][5]
Размножување
[уреди | уреди извор]Половата зрелост овие птици ја достигнуваат при крајот на првата година. Моногамни се, но кога ќе се вратат на истата територија од минатата година, обединувањето со истиот партнер е ретко. На местата за размножување пристигнуваат прво мажјакот и може да почне со изградба на гнездото, но во исто време ѝ се додворува на женката и ја поканува да му се придружи во изградбата. Неговото додворувачко прикажување е бавен цик-цак растреперен лет, и пеење со крикови. Може да пее и од гранка каде ги крева пердувите на главата.
Гнездото го прават на хоризонтална гранка на дрво или во грмушки. Најчесто е на висина од 5 метри, но ако нема опасности го сместуваат ниско. Тоа е во облик на чашка, направено од разни растителни материјали - гранчиња, корења, суви стебленца, растителни влакна. За разлика од гнездата на другите видови сврачиња, ова често користи свежи билки. Го постила со парчиња мов, лишаи, волна, пајажина, влакна, а понекогаш и свежо цвеќе или вештачки материјали.
Најчесто имаат едно легло годишно, но ако се уништи првото легло можат да произведат второ. Несат 3-9 јајца, кремави со зеленикава или розовикава нијанса, но и маслинавозелени, црвеножолти, црвенкавокафеави или сивкавожолти, со темни дамки.
Само женката ги инкубира јајцата 14-16 дена, а мажјакот повремено ѝ носи храна. Понекогаш таа сама оди во потрага по храна, оставајќи го гнездото без надзор до 45 минути. Малечките се испилуваат истовремено, a првите 9 дена па до оперјувањето, мајката е постојано со нив и ги загрева. Кога малку ќе потпораснат и мажјакот почнува да ги храни. На возраст од 15 дена почнуваат да го напуштаат гнездото, но родителите и понатаму помагаат во исхраната. Се случува целото семејство да лета заедно при преселбата.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ BirdLife International (2012). „Lanius senator“. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
- ↑ Tony Harris & Kim Franklin (2000). Shrikes and Bush-Shrikes. Helm. ISBN 0-7136-3861-3.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Дементьев, Г. П.; Гладков, Н. А. (1953). Птицы Советского Союза. 6. Советская наука. стр. 49—53.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ Mullarney, Killian; Lars Svensson; Dan Zetterström & Peter J. Grant (2000). Птицы Европы. United States: Princeton University Press. стр. 326. ISBN 978-0-691-05054-6.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 Harris, Tony (2000). Shrikes and Bush-Shrikes. Christopher Helm Publishers Lt. стр. 180–184. ISBN 0713638613.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Црвеноглаво свраче“ на Ризницата ? |
„Црвеноглаво свраче“ на Викивидовите ? |
- Lanius senator на Flickr: Field Guide Birds of the World
- Lanius senator на Avibase
- Црвеноглаво свраче, видеа, фотографии и звуци Архивирано на 9 април 2016 г. на Интернет збирката птици
- Oiseaux, Фотографии (француски)
- Возраст и пол (PDF; 2.4 MB) од Javier Blasco-Zumeta & Gerd-Michael Heinze Архивирано на 12 ноември 2013 г.