Тодор Талески

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Тодор Талески.jpg
Роден 5 февруари 1927(1927-02-05)
Прилеп
Починал 10 октомври 2013(2013-10-10) (воз. 86 г.)
Скопје
Националност Македонец
Занимање Директор на ДАРМ


Тодор Талески (5 февруари 1927 - 10 октомври 2013) — македонски архивски работник и прв директор на Државниот архив на Република Македонија (ДАРМ) од 1951 до 1960 г.

Биографија[уреди | уреди извор]

Образование[уреди | уреди извор]

Тодор Талески е прв директор на ДАРМ, втемелувач на институционалниот развој на националната архивистика и на архивската мрежа во Македонија. Роден е во Прилеп на 5 февруари 1927 година во средно-имотно семејство. Гимназиско образование завршил во родниот град во учебната 1945/46 година, по што во периодот од август 1946 година до септември 1947 година работел во Отсекот за внатрешни работи при тогашниот Градски народен одбор-Прилеп. Во учебната 1947/48 година се запишал на Историската група на Филозофскиот факултет - Скопје.

Факултетот го завршил во март 1952 година. Во меѓувреме, во периодот јануари-септември 1950 година го завршил курсот за архивисти во Дубровник, кој го организирала Југословенската академија на науките и уметностите во Загреб. По завршување на курсот, со Решението бр.4365 од 30.март 1951 година на Министерството за просвета, наука и култура тој бил назначен за службеник при Државната архива на НРМ, во звањето помлад архивист.

Кариера[уреди | уреди извор]

На работа во Државната архива стапил на 1 април 1951 година како нејзин раководител. Неколку дена подоцна, во согласност со Законот за државните службеници на НРМ, Министерството за просвета, наука и култура со Решението бр.5060 од 9 април 1951 година Тодор Талески од службеник го преназначува за помошник-директор на Државната архива на НРМ. Со Решението на Советот за просвета, наука и култура на НРМ, бр.765 од 29 јануари 1952 година бил назначен за в.д. директор на Државната архива на НРМ, потоа со Решението бр.962 од 16 ноември 1956 година тој бил назначен за директор на Државната архива на НРМ. Тодор Талески во 1956 година по функција станал член на првиот деветочлен Архивски совет на НР Македонија. Со Решението на Извршниот совет на СР Македонија бр.09-2823/1 од 31 декември 1960 година Тодор Талески бил разрешен од функцијата директор и бил поставен за помошник-директор на Архивот на Македонија, на која функција останал се до пензионирањето. Тодор Талески е првиот основоположник на ДАРМ и осмислувач на процесот на систематско евидентирање, преземање, средување, обработување, конзервирање, чување и објавување на архивскиот материјал и овозможување за негово користење во научни и други цели. Тој е заслужен и за формирањето на подрачните единици на ДАРМ во одделни региони, со што е завршен процесот на консолидирањето на архивската мрежа што ја покрива целата територија на Република Македонија.

Талески неуморно дејствувал на полето на создавањето на поволни услови за континуирани истражувања на архивскиот материјал во земјата и во странство со што е овозможено комплетирање на архивските фондови и збирки од особено значење за изучувањето на историјата на македонскиот народ. Тој помогнал и во процесот на обезбедување на современа заштита на архивскиот материјал што претставува споменичка вредност како и на регистратурските материјали создадени во работата на имателите на архивскиот материјал.

Тој бил учесник на голем број на научни симпозиуми од областа на архивистиката и е автор на на повеќе стручни трудови, со што се стекнал со бројни награди и признанија.