Термидорска реакција

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Термидорска реакција (француски: Réaction thermidorienne или Convention thermidorienne, „Термидорски конвент“) е период од Француската револуција кој траел од соборувањето на Максимилијан Робеспјер на 9 Термидор II, или 27 јули 1794 година, до воспоставувањето на Францускиот директорат на 2. ноември 1795 година.

„Термидорската реакција“ своето име го добила по месецот кога бил извршен пучот. Таа е последен дел од владеењето на Националниот конвент во Франција. Со Термидорската реакција завршило владеењето на теророт, и била извршена децентрализација на извршните овластувања на Комитетот за јавен спас. Радикалните јакобински политики биле заменети со нови поконзервативни позиции. Економскиот и општиот популизам, дехристијанизацијата и строгите воени мерки биле претежно напуштени, бидејќи членовите на Конвентот, разочарани и исплашени од централизираната влада на Теророт, претпочитале постабилен политички поредок кој ќе биде одобрен од богатите. Реакцијата брутално ја потиснала левицата, и имало масакри, а Јакобинскиот клуб бил распуштен, санкилотите биле растурени и Монтањарската идеологија била отфрлена.

Етимологија и дефиниции[уреди | уреди извор]

Името „Термидорска“ потекнува од датумот по францускиот републикански календар на кој Максимилијан Робеспјер и другите радикални револуционери биле нападнати во Националниот конвент - 9-ти термидор година II (27 јули 1794).[1] Термидорската реакција се однесува на преостанатиот период од постоењето на Националниот конвент додека тој не биде заменет со Директоратот; овој период понекогаш се нарекува и ера на Термидорски конвент.[2] Истакнати Термидорски личности се: Пол Барас, Жан-Ламбер Талиен и Жозеф Фуше .

Причини[уреди | уреди извор]

На 9 Термидор (27 јули) 1794 во Националниот конвент имало заговор против Робеспјер, кој управувал со Комитетот за јавен спас. Жан-Ламбер Талиен, член и поренешен претседател на Националниот конвент ја осудил тиранијата на Робеспјер. Нападот од говорницата го продолжил Жак Никола Било-Варен. Пратениците почнале да викаат „Долу тиранинот! Уапсете го!“[3] Потоа била донесена наредба да се уапсат Робеспјер и неговите следбеници.

Војниците од Париската комуна, лојални на Робеспјер, пристигнале да го ослободат него и другите затвореници. Конвентот им наредил на сопствените трупи да им се спротивстават. Приврзаниците на Робеспиер се забарикадирале во Хотел де Вил.[4] Конвентот ги прогласил за одметници, што значело дека може да бидат погубени во рок од 24 часа без судење. Војниците од комуната во Хотел де Вил дезертирале. Потоа, војниците од Конвентот стигнале до хотелот на 28 јули околу 2 часот по полноќ.[4] Робеспјер, со скршена вилица најверојатно поради неуспешен обид за самоубиство, бил уапсен заедно со повеќето негови поддржувачи.

Погубувањето на Робеспјер на 28 јули 1794 година го означил крајот на владеењето на теророт

Истиот ден, Робеспјер бил погубен заедно со 21 од неговите најблиски соработници, меѓу кои биле и [5] Франсоа Ханриот, поранешен командант на париската национална гарда; Жан-Батист Флерио-Леско, градоначалник на Париз; Жорж Кутон, Луј Антоан де Сен Жист и Рене-Франсоа Дума, поранешен претседател на Револуционерниот трибунал.

Термидорски конвент[уреди | уреди извор]

Настаните од 9 Термидор се покажале како пресвртни во револуцијата. Термидорското владеење се покажало како непопуларно, и се соочило со многу бунтови по погубувањето на Робеспјер и неговите сојузници. На 29 јули, Термидорците осудиле и егзекутирале 73 членови на Париската комуна на смрт, најголемото масовно погубување извршено во Париз воопшто.[6] Ова ја направило ситуацијата во Франција исклучително кревка.[7]

Омразата кон Робеспјер не завршила со неговото погубување. Народот почнал да ги обвинува сите оние кои на некаков начин биле поврзани со Робеспјер, имено членовите на Јакобинскиот клуб, нивните поддржувачи и поединци за кои се сомневале дека се минати револуционери. Масакрот врз овие групи е познат како Бел терор, а делумно бил извршен од Мускадинците, група на улични борци организирани од новата влада.[7]

Жртвите на новиот терор биле убивани по затворите или биле судени без соодветна законска постапка. Таквите услови биле слични на оние за време на владеењето на теророт. Истовремено, лошата економска политика предизвикала неконтролирана инфлација. На крајот, моќта се префрлила во рацете на Директоратот, извршна власт составена од пет лица кои ја презеле власта во Франција во ноември 1795 година (во III година од календарот на Француската револуција).[8]

Термидорскиот режим ги исклучил од власта другите Монтањари, дури и оние кои учествувале во заговорот против Робеспјер и Сен Жист.[9]

Како резултат на реорганизацијата на француската политика, некои поранешни поддржувачи на теророт како Талиен, Барас, Фуше и Фрерон повторно се приклучиле на раководството. Други како Било-Варен, Коло д'Хербоа, Баер и Вадиер биле осудени на егзил во Јужна Америка. Многу јакобински клубови биле затворени. Слободата на вероисповед прво била воведена во Вандеја, а подоцна и во цела Франција. На 24 декември 1794 година, Максимумот (контрола на висината на цените и платите) бил укинат.

Во април и мај 1795 година избувнале протести за поддршка на радикалите кои кулминирале со инвазија на Конвентот од страна на бунтовниците на 20 мај. На 22 мај, Конвентот го возвратил ударот, откако неговите војници го опколиле Фаубур Сент-Антоан и вооружените бунтовници ги принудиле да капитулираат. Низ цела Франција се повториле настаните од септемвриските масакри; но овој пат жртви биле затворените службеници од Теророт. Во Париз почнале да се толерираа ројалистичките чувства.

Во меѓувреме, француската армија ја освоила Холандија и била основана Република Батавија, го окупирала левиот брег од Рајна и ги принудила Шпанија, Прусија и неколку германски држави да бараат мир. На 22 август 1795 бил изготвен нов устав - Устав на годината III, со кој се вовеле одредени демократски елементи, бил основан изборен колеџ за избор на службеници, дводомен законодавен дом и други одредби со кои се штитаеле тогашните носители на власта. На 5 октомври ројалистите започнале бунт и го оспориле Конвентот. Бунтот бил задушен од трупите предводени од генералот Наполеон Бонапарта. На 25 октомври Конвентот бил распуштен и на 2 ноември 1795 бил заменет со Директоратот.[се бара извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Abbott, John Stevens Cabot (1887). The French Revolution of 1789 As Viewed in the Light of Republican Institutions. II. New York: Harper & Brothers. стр. 379.
  2. For the definition of the Thermidorian Reaction as the 15-month period following Robespierre's demise, see: Peter McPhee (ed.), A Companion to the French Revolution. Wiley-Blackwell (2012). p. 311; David Andress (ed.), The Oxford Handbook of the French Revolution. Oxford University Press (2015). pp. 522-523.; Mona Ozouf, François Furet (ed.), A Critical Dictionary of the French Revolution. Harvard University Press (1989). p. 400.
  3. de Maillane, Durand; Lanjuinais, Jean-Denis (1825). Histoire de la Convention Nationale. Paris: Baudouin Freres. стр. 200.
  4. 4,0 4,1 Merriman, John(2004). "Thermidor"(2nd ed.). A history of modern Europe: from the Renaissance to the present, p. 507. W.W. Norton & Company Ltd. ISBN 0-393-92495-5
  5. Beauchesne, Alcide; Dupanloup, Félix (1868). Louis XVII, sa vie, son agonie, sa mort: captivité de la famille royale au Temple. H. Plon. стр. 218–9.
  6. Will and Ariel Durant, The Age of Napoleon (New York: Simon & Schuster, 1975), p. 83.
  7. 7,0 7,1 McPhee, P. (2012). „The White Terror“. The White Terror, in A Companion to the French Revolution. Oxford: Blackwell Publishing Ltd. стр. 359–377. doi:10.1002/9781118316399.ch22. ISBN 9781118316399. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „clay“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  8. Sutherland (2003) ch. 8.
  9. Brown (2010).

Дополнително читање[уреди | уреди извор]

На француски[уреди | уреди извор]

  • Брунел Франсоаз, Термидор, шутот на Робеспјер, Ед. Комплекс (1989).
  • Madelin Louis, Fouché, de la Révolution à l'Empire, tome 1, Nouveau Monde Editions, Reedition (2002).