Сењанин Тадија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Сењанин Тадија — српска епска (јуначка) песна.

Содржина[уреди | уреди извор]

Рано наутро, уште пред да се појави сонцето, една чета составена од 34 другари, предводена од Сењанин Тадија и знаменосецот Комнин, го напушта Сењ и се упатува во планината. Кога четата пристигнала во планината, Тадија бара доброволец кој треба да донесе деветгодишен овен и седумгодишен јарец за да подготват вечера. Сите јунаци ги наведнуваат главите, а Јован Котарац оди и ја извршува задачата. Тогаш, Тадија ги дере животните и потоа ги пушта да си одат при што јарецот писка на цел глас, додека овенот молчи. Тадија им кажува на другарите да ги погледнат маките на овенот и јарецот, зашто и нивните маки ќе бидат такви. Исто така, тој им вели, кој не може да ги истрпи маките како овенот, слободно нека се врати во Сењ. Потоа, Тадија со четата го продолжува патот по планината, но десетмина другари се враќаат назад во Сењ, а подоцна бегаат и другите, така што на крајот остануваат само Тадија, Комнин и Јован.

Ноќта, тие здогледуваат оган во планината и Комнин оди да провери кој го запалил огнот. Таму го гледа Хасан-ага Куната, заедно со своите 30 војници како пијат вино. Кога под дејство на алкохолот, Хасан-ага и војниците заспиваат, Комнин тивко им се приближува и им ги зема пушките, а на Хасан-ага му ја зема сабјата. Потоа, Тадија и другарите ги напаѓаат Турците, а Тадија го буди Хасан-ага, велејќи му дека е опколен од страна на 34 ајдуци, кои чекаат наредба за да пукаат. Мислејќи дека Тадија, навистина, има бројна дружина, Хасан-агае предава и самиот им ги врзува рацете на своите војници, а потоа, така врзани, Тадија ги спроведува заробениците во Сењ. Кога пристигнуваат на капијата од Сењ, сите жители се чудат, како е можно тројца ајдуци да заробат триесет Турци, без притоа да имаат ниту една рана на себе. На тоа, Тадија им одговара дека се сретнале неговата среќа и нивната несреќа и дека неговата среќа победила. Потоа, Тадија ги става Турците в затвор и за нивното ослободување бара откуп од 33 товари со богатство. Кога пристигнува откупот, Тадија ги ослободува затворениците, но неговата мајка му кажува дека, своевремено, токму Хасан-ага го убил татко му. Затоа, Тадија задржува само три товари од богатството, а на Хасан-ага му ја отсекува главата.[1][2]

За песната[уреди | уреди извор]

Песната „Сењанин Тадија“ прв ја запишал Вук Караџиќ, кој ја слушнал од ајдукот Тешан Подруговиќ.[3] Во песната, Тадија е опишан како бестрашен и опасен за Турците, но сталожен и малку повлечен во себе. Повеќе сака неколку добри другари, отколку цела чета од несигурни воини. Тој е способен самиот да нападне цела војска, дури и кога неговите другари ќе се исплашат и ќе се откажат од борбата. Меѓутоа, тој е скромен и не се фали со својот подвиг за кого скромно вели: „Се сретнале среќата и несреќата“.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Junačke narodne pesme, Rad, Beograd, 1959, стр. 116-121.
  2. „Сењанин Тадија“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 372-377.
  3. В.Ђ., „Поговор - О певачима“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 488.
  4. Војислав Ђурић, „О народним епским песмама“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 18-19.