Прејди на содржината

Ристе Темјановски

Од Википедија — слободната енциклопедија

Проф. д-р Ристе Темјановски е продекан[1] на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Роден e на 31 јануари 1966 год. во с.Ново Село (Општина Ново Село, Струмичко). Основното образование и првите две години гимназија ги завршил во Струмица, а средното образование го продложува и завршува во Скопје во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин”. Високо образование завршил во 1990 година на Природно-математичкиот факултет (Институт за географија) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје. Магистрирал во 2000 година на интердисциплинарните студии на просторно планирање при Природно-математичкиот факултет во Скопје со одбрана на магистерскиот труд под наслов „Патната инфраструктура како генерички ресурс за циркулација на луѓето во Република Македонија". Во 2005 година на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ја одбранил докторската дисертација „Транспортниот систем во Република Македонија и европските стопански текови", со што се стекнал со научно звање доктор на економски науки[2].

Од 1991 до 1996 година работел во Државниот завод за статистика на Република Македонија, во Секторот за демографија, попис на населението и статистички катастар. Професионалниот ангажман го продолжува на ПМФ во Скопје на Институтот за географија. Партиципира на многубројни семинари, симпозиуми и стручни и научни проекти во земјата и во странство. Во 1998 година учествувал во работниот тим за изработка на секторската студија „Развој на туризмот и организација на туристичките простори" за Просторниот план на Република Македонија во 1998 година. Во 2000 година преку Темпус/Фаре програмата во 2000 година има реализирано студиски престој во Кралството Данска при Данската кралска школа за информатика. Во 2002 година учествувал во работниот тим за изработка на Студија за развој на туризмот во Град Скопје. Од 2004 година учествувал и во работниот тим на Лексикографскиот завод при МАНУ за изработка на Македонската енциклопедија. Од академската 2006/2007 година работел на Првиот приватен универзитет Европски универзитет - РМ во звањето доцент за економски науки (Меѓународен транспорт и шпедиција, Применета економија, Меѓународна економија, Е-бизнис). Ја извршува и функцијата продекан на Факултетот за економски науки. Во рамките на активностите во меѓународната соработка активно учествува и во проектот за меѓународно акредитирање на Универзитетот: IACBE (The International Assembly for Collegiate Business Education) - меѓународно академско тело за додипломски и постдипломски студии за најдобрите практики на високото образование во група над 400 универзитети[3].

Од 1 септември 2011 година е вработен на Универзитетот „Гоце Делчев“Штип, на Економскиот факултет, каде што е избран за вонреден професор[4]. Негова стручност и експертиза се транспортните политики и економските развојни анализи, посебно економскиот и регионален развој, просторните влијанија на транспортните коридори и регионалните економски проблеми[5].

  1. „Официјална Мрежно место на Економскиот факултет - „За факултетот". Архивирано од изворникот на 2012-12-21. Посетено на 2013-05-17.
  2. „Мрежно место на проф. д-р Ристе Темјановски - „Публикации". Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2013-05-17.
  3. Биографски податоци за проф. д-р Ристе Темјановски[мртва врска]
  4. „Официјално мрежно место на Економски факултет - „Наставници". Архивирано од изворникот на 2013-06-14. Посетено на 2013-05-17.
  5. Мрежно место на проф. проф. д-р Ристе Темјановски - „Настава“

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]