Прејди на содржината

Приказна за Санџан

Од Википедија — слободната енциклопедија

Приказната за Санџан (или Qissa-i Sanjan или Kisse-i Sanjan) (персиски: قصه سنجان, гуџаратски: કિસે સનજાન) е известување за првите години од населувањето на индискиот потконтинент од страна на приврзаници на зороастризмот. Во недостаток на други текстови, овој текст е прифатен како единствен кој зборува за настаните од тоа време, а голем број членови на заедницата Парси овој еп го сметаат како точен запис за нивните предци.

Приказната започнува во Велики Корасан, и зборува за патувањето на емигрантите во Гуџарат, на западниот брег од денешна Индија. Првото поглавје, кое е најдолго, завршува со воспоставување на Огнен храм во Санџан (Гуџарат), и подоцнежното растурање на нивните потомци. Во наредните поглавја, се зборува за успехот при одбивањето на исламските освојувачи, а потоа за неуспехот во истата задача.

На крајот, приказната е потпишана од Парси свештеник по име Бахман Каикобад.[1] Како датум е ставена годината 969 Y.Z. (1599 C.E., види зороастриски календар) - неколку века по опишаните настани. Приказната е во стихови, во стил кој е вообичаен за персиската поезија.

Приказната за Санџан станала достапна за европските научници во 1771 година, кога е направен превод на француски јазик. Но, не предизвикала внимание до почетокот на 20 век.[2]

Содржина

[уреди | уреди извор]

Цитатите се од англиската книга, издадена во 1920 година.[3]

Првото поглавје почнува со падот на Сасанидското Царство во 642 C.E., поради муслиманското освојување на Персија. Прогонот на приврзаниците на зороастризмот довел до намалување на луѓето со „добра вера“, како и нивно заминување од Велики Корасан.

Бегалците прво се сместиле блиску до Бушер, каде останале 15 години. Од таму, тие со бродови заминале за Хиндустан, во северните делови од Индија. Стигнале до островот Диу, каде останале во наредните 19 години. Од Диу, пловеле покрај брегот, и конечно стигнале во Гуџарат. Некои извештаи велат дека станува збор за 18.000 луѓе кои стигнале со седум брода.

Овде тие од локалниот крал побарале азил. Кралот, кој се плашел за своето кралство, побарал од нив да ги објаснат своите верувања, и дополнително им поставил четири услови пред да им даде азил:

  • да го користат локалниот јазик (гуџаратски јазик)
  • нивните жени да се облекуваат како локалните жени (во сари)
  • да не носат оружје
  • склопувањето брак да се одвива само навечер (како што прават во хиндуизмот)

Бегалците ги прифатиле условите, ја објасниле својата вера, а „кога Хинду Раџа ја чул беседата, неговиот ум се нашол во совршено спокојство“. Бегалците овде си ја создале населбата Санџан.

По некое време, свештениците на новата заедница побарале од кралот дозвола да направат Огнен храм. Желбата им била исполнета, и храмот бил набрзо направен и осветен. Огнот во приказната е наречен „Оган од Вараран."[b]

Приказната потоа ги прескокнува наредните пет или седум века (и двете бројки се споменуваат) Крајот на првото поглавје укажува дека многу од потомците на дојденците заминале во разни насоки.

Во наредните три поглавја, се зборува за инвазијата на исламските трупи. На почеток, со помош на зороастријците, нападите биле одбивани. Но во битката наредниот ден, „среќата се свртела“, и Раџата бил убиен.

Петтото поглавје зборува за бегството на зороастријците во Бахрот, кои со себе го зеле огнот од Санџан. Таму останале 12 години, па заминале во Бансда, каде направиле нов храм.

Во шестото и последно поглавје, приказната зборува за пренесувањето на огнот во новиот храм во Навсари.

Дебати кои произлегуваат од текстот

[уреди | уреди извор]

Поради отсуство на други извори, Приказната за Санџан е прифатена како единствен текст во кој се зборува за првите години на бегалците по Индискиот Потконтинент. Меѓу припадниците на заедницата Парси, приказната се зема за вистинита приказна за нивните предци.

Важноста на текстот сепак, не е во реконструкцијата на настаните, туку во описот на заедницата Парси и нивниот однос со доминантна култура. Како таква, приказната игра клучна улога во оформувањето на идентитетот на Парси заедницата. Дури и ако хрониката не е ништо повеќе од легенда, сепак е крајно информативен документ кој зборува за историјата на Парси.[4]

Во Приказната за Санџан, се чини дека зороастријците претходно имале контакт со Гуџарат, пред да тргнат на своето патување, со што произлегува дека зороастријците од приказната не се првите мигранти. Дали и претходните барале азил или не, не е јасно од приказната, но забележливо е иранското влијание преку дојденци во Индија и пред да пристигнат луѓето за кои се зборува во приказната. Во текстот се вели дека мигрантите однапред знаеле дека владетелот на Гуџарат е толерантен кон други религиозни верувања, кои не се Хинду.

Хронологијата на приказната води кон неколку различни проценки на годината на преселба. Според тоа, поткрепено од документ од 1826 година[5]), предложени се три години како датуми кога бегалците стигнале таму: 936, 785 и 716. Настанот за кој се зборува во четвртото поглавје се случил најверојатно во 1465 година (види Делхиски султанат), што ја става 716 C.E. - 750 години пред исламската инвазија, а 936 C.E. околу 530 години пред тој настан.

Прашањето околу тоа дали првата населба во Индија е во Санџан или во Диу, наголемо се дискутирало на почетокот на 20 век, кога за првпат е предложено да се прослави нивното доаѓање во Индија. На крајот, прославата е направена за Санџан. Во текстот не е јасно кажано од каде точно тргнале зороастријците, сепак може да се претпостави дека потекнувале од Санџан (Корасан), наслеба блиску до древниот град Мерв (денес во Туркменистан). Дојденците биле нарекувани од месното население 'Корасанци'.[6] Понатаму, семејните имиња (презимиња) не биле вообичаени за тој период, туку се користеле многу подоцна. Ни авторот на текстот не споменува свое презиме.

Историчарите кои се занимаваат со Парси се поделени во врска со условите при барањето азил, односно со делот склопувањето брак да се одвива само навечер (како што прават во хиндуизмот). Овој дел го отвора прашањето: зошто нешто толку ситно е услов за азил.[7]

Препорачана литература

[уреди | уреди извор]
  • Boyce, Mary; Kotwal, Firoze M. (2003), „Irānshāh“, Encyclopaedia Iranica, sup. 4, Costa Mesa: Mazda, Архивирано од изворникот на 2008-02-08, Посетено на 2015-11-17
  • Bulsara, P. P. (1963), Highlights of Parsi History, Bombay
  • Hodivala, Shahpurshah Hormasji (1920), „Kissah-i-Sanjan“, Studies in Parsi History, Bombay
  • Kotwal, Firoze M. (1974), „Some Observation on the History of the Parsi Dar-i Mihrs“, Bulletin of the School of Oriental and African Studies, 37 (3): 664–669, doi:10.1017/S0041977X00127557
  • Kulke, Eckehard (1978), The Parsees in India: A Minority as Agent of Social Change, New Delhi: Bell
  • Maneck, Susan Stiles (1997), The Death of Ahriman: Culture, Identity and Theological Change Among the Parsis of India, Bombay: K. R. Cama Oriental Institute
  • Modi, Jivanji J. (1905), A few events in the early history of the Parsis and their dates, Bombay
  • Vimadalal, Jal Rustamji (1979), What a Parsee Should Know, Bombay
  1. Kotwal 1974, стр. 664,n.2.
  2. Boyce & Kotwal 2003.
  3. Hodivala 1920, стр. 94–117.
  4. Kulke 1978, стр. 25.
  5. cf. Modi 1905, стр. 9ff.
  6. Vimadalal 1979, стр. 2.
  7. Kulke 1978, стр. 29.