Ноќни животни (филм од 2016)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Ноќни животни (англиски: Nocturnal Animals) - американски филм од 2016 година, во режија на Том Форд. Главните улоги ги играат: Ејми Адамс, Џејк Гиленхал, Мајкл Шенон, Арон Тејлор-Џонсон, Лора Лини итн. Филмот е снимен според романотТони и Сузан“ на американскиот писател Остин Рајт. Музиката за филмот е дело на полскиот композитор Абел Кожењовски, а кинематографијата е дело на Симус Мекгарвин.[1] Филмот добил вкупно 16 награди, меѓу кои и „Златен глобус“ (Тејлор-Џонсон за споредна машка улога), „Сребрен лав“ на Филмскиот фестивал во Венеција итн.[2]

Содржина[уреди | уреди извор]

Сузан Мороу (ја игра Адамс) е сопственичка на уметничка галерија во Лос Анџелес. Таа се облекува беспрекорно, но позади шминката се крие нејзиниот празен поглед. Таа живее во луксузна пространа стаклена куќа, во која се чувствува клаустрофобично. На почетокот на филмот, Сузан признава дека е несреќна. Нејзиниот помошник ѝ го доставува ракописот на романот напишан од нејзиниот прв сопруг (го игра Гиленхал), кој е насловен „Ноќни животни“ и е посветен токму на неа. Потоа, таа му се препушта на романот, со што во филмот се испреплетуваат две дејства. Притоа, приказната од романот е сместена во пустината на Тексас, каде еден човек не успева да го заштити своето семејство од насилната смрт, поради што кај него се јавува нагонот за одмазда.[3]

Осврт кон филмот[уреди | уреди извор]

Филмот се одликува со сложена структура која математички прецизно балансира меѓу различните наративни линии и потребата да се достигне аудиовизуелно совршенство во секој кадар. Актерските интерпретации се прецизни и во функција на зацртаните амбиции на режисерот, а од целиот ансамбл отскокнува Мајкл Шенон, кој со леснотија ја игра улогата на тексашкиот шериф. Филмот претставува обид да се улови духот на времето, да се прикаже светот во кој зад опсесијата со убавината и со материјалните добра се крие непријатна вистина. Сепак, филмот не остава долготраен впечаток и се сведува на многу форма, а помалку суштина.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ѓорѓи Јаневски, „Ноќни животни“, Економија и бизнис, година 18, број 225, март 2017, стр. 98-99.
  2. IMDb, Nocturnal Animals (2016), Awards (пристапено на 9.6.2017)
  3. Ѓорѓи Јаневски, „Ноќни животни“, Економија и бизнис, година 18, број 225, март 2017, стр. 98-99.
  4. Ѓорѓи Јаневски, „Ноќни животни“, Економија и бизнис, година 18, број 225, март 2017, стр. 98-99.