Наце Димов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Наце Димов.jpg
Роден 1876
Папрадиште, Велешко, Османлиска империја
(денес Македонија)
Починал 1916
Петроград, Руска империја


Наце Димов (познат и како Атанас Чуповски или Атанас Димов Чуповски) (селото Папрадиште, Велешко, 1876 - Санкт Петербург, 1916) бил македонски национален деец, брат на Димитрија Чуповски и близок соработник на Крсте Петков Мисирков.

Младост и дејност за Македонија[уреди | уреди извор]

Роден е на 31 јануари (18 по стар стил) 1876 година во селото Папрадиште, Велешко. Уште во младоста заминува на печалба најпрвин во Софија, каде што го доживеал прогонот на Младата македонска книжовна дружина, а оттаму заминал за Русија. Најпрвин работел како железничар на југо-западната пруга во Одеса, а со доселувањето во Петроград се здобил со правото да биде адвокат, што му овозможило полесен пристап до петроградската администрација при регистрирањето на Словено-македонското национално просветно друштво „Свети Кирил и Методиј“, кое поради својот устав во кое се дозволувало членство само на национално освестени и осознаени Македонци бил неприфатливо за руските власти.

Заедно со брат му Димитрија Чуповски, Крсте Петков Мисирков и неколкумина други студенти - Македонци во Санкт Петербург го основаат Македонското научно-литературно другарство во чија дејност и работење бил еден од неговите најактивни членови.[1] Во рамките на тоа другарство Наце Димов во 1902 година изработил програма за формирање македонска национална држава во Македонија и програма за македонската национална култура и јазик.

За време на Првата балканска војна во 1912, кога сите членови на МНЛД и македонската колонија во Петербург заминале за Македонија како добороволци да бидат блиску на теренот, тој заминал за Софија за да дејствува меѓу тамошната македонска емиграција за зачувување на целоста и независност на Македонија[2].

Тој заедно со Крсте Мисирков и брат му Димитрија Чуповски бил составувач и на „Меморандумот за независноста на Македонија“ испратен до рускиот и британскиот министер за надворешни работи сер Едвард Греј, како и до амбасдорите на големите сили на дворот во Лондон во 1913.[3] Долг период Димов и членовите на другарството се бореле за издвојување на Македонија како посебна независна држава на Балканот, со своја посебна словенска култура, народ, јазик и црква. Биле подготвени и 1500 буквари на македонски јазик кои требало да се распространат низ македонските села, но обидот не успеал поради соседните пропаганди во Македонија.

Покрај Меморандумот за независноста на Македонија, Наце Димов бил потписник и на уште два други меморандуми во полза на Македонија и Македонците. Бил потписник на меморандумот на македонскиот деец Марко А. Мушевич до руската влада и светиот синод на руската црква за отворање на стручно училиште на македонски јазик со пансион во Житошкиот манастир - како расадник за кадри за идната просвета во Македонија, а исто така бил потписник и учествувал во составувањето на Меморандумот на Македонците кон владите и општественото мислење на балканските држави од 7 јуни 1913 година.[4]

Објавување на книга за Македонија во 1913[уреди | уреди извор]

Корицата на книгата „I. Историческiй очеркъ Македонiи и македонскихъ славянъ II. Причины возникновенiя четническаго движенiя въ Македонiи III. Политическiй обзоръ Македонiи и македонцевъ“ издадена во 1913

Веднаш по завршувањето на Првата балканска војна, Наце Димов настапува со свој реферат, прочитан во Санкт-Петербуршкото словенско благотворно друштво на 28 февруари (4 март) 1913 година[5]. Во рамки на своето предавање тој го изнел својот став дека доколку не се даде независност на Македонија во нејзините природни, географски, етнички, економски граници, на Балканот ќе биде неизбежна уште една војна околу поделбата на Македонија меѓу балканските држави, која истовремено силно ќе ја стресе и Европа. Истата 1913 тој својот реферат го напечатува и го објавува како книга со наслов на своите 3 предавања: „I. Историческiй очеркъ Македонiи и македонскихъ славянъ II. Причины возникновенiя четническаго движенiя въ Македонiи III. Политическiй обзоръ Македонiи и македонцевъ“[6].

Наце Димов во оваа своја книга се осврнува и на Античка Македонија, цитирајќи го пишувањето на англискиот историчар Јаков Абот за древните Македоняне и нивниот македонски јазик непонятом для Греков[7] (рус. неразбирлив за Грците).

Смрт[уреди | уреди извор]

Наце Димов починал во 1916 година во Санкт Петербург, каде што постои негов споменик подигнат од неговиот брат Димитрија Чуповски.

На надгробниот споменик во петербуршките Бољшеоктенски гробишта уште стојат зборовите што му ги напишал брат му, Димитрија Чуповски:

Македонски деец Наце Димитриевич Димов. Умрел на 15 јули 1916 година, на 40 години од раѓањето. Живееше Тој и се бореше за правото и слободата на македонскиот народ. Умре Тој далеку од крајот роден без да го види слободен.[8]


Галерија слики[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ристовски Блаже. „Македонија и македонската нација“. Детска радост, Скопје, 1995. стр.385
  2. Ристовски Блаже. „Македонија и македонската нација“. Детска радост, Скопје, 1995. стр.251-252
  3. Ристовски Блаже. „Македонија и македонската нација“. Детска радост, Скопје, 1995. стр.251-252
  4. Ристовски Блаже. „Македонија и македонската нација“. Детска радост, Скопје, 1995. стр.245 и 254
  5. Ристовски Блаже. „Македонија и македонската нација“. Детска радост, Скопје, 1995. стр.150
  6. Ристовски Блаже. „Македонија и македонската нација“. Детска радост, Скопје, 1995. стр.150
  7. Ристовски Блаже. „Македонија и македонската нација“. Детска радост, Скопје, 1995. стр.138
  8. Македонска енциклопедија, МАНУ, Скопие, 2009, стр. 469-470