Нада Цветковиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Нада Цветковиќ
Родена Нада Богданова
7 септември 1934(1934-09-07)(89 г.)
Нови Сланкамен, Кралство Југославија
Националност Македонка
Занимање специјалист по болести на устата и професор

Нада Цветковиќ (моминско: Богданова; р. 7 септември 1934 во Нови Сланкамен, Војводина) — македонски специјалист по болести на устата и забите и универзитетски професор на Стоматолошкиот факултет во Скопје.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Средно образование, гимназија, завршила во Суботица. На Стоматолошкиот факултет во Белград дипломирала во 1960 година. Со звањето специјалист по болести на устата и забите се здобила во 1973 година, а со звањето примариус во 1979 година. Со одбраната на докторската теза под наслов „Функционална процена на забната пулпа кај некои патолошки состојби согледана преку ензимската активност на нејзините ензими“, на Стоматолошкиот факултет во Белград, во 1981 година, се здобила со научниот степен доктор на стоматолошки науки од областа дентална патологија и терапија.

Првото работно искуство на проф. Цветковиќ е во Градската поликлиника во Суботица и во Здравствениот дом „Кисела вода“ во Скопје (1960-1963). Во 1963 година се вработила на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје и истата година била избрана за асистент на предметот дентална патологија и терапија. Потоа, во 1967, 1972, 1975 и 1980 г. била преизбирана во истото звање. Во звањето доцент на Катедрата за дентална патологија и терапија била избрана во 1982 година, а за редовен професор, во 1988 година.

Проф. д-р Нада Цветковиќ се пензионирала во 1990 година во звањето редовен професор. Научната активност на професор д-р Нада Цветковиќ била насочена кон биохемиско испитување на нивото на ензимите кај разни патолошки состојби на пулпата, со што, индиректно, се проценува метаболната активност на пулпата и нејзината потенцијална заштитна функција. Резултатите од нејзините испитувања се цитирани во учебникот „ЕндодонцијаД од Филиповиќ и соработниците, во издание на „Дечје новине“ од Белград (1989). Издала 50 статии од кои 49 се објавени во домашни публикации и една во странска. Проф. Цветковиќ била раководител на Отсекот за ендодонција на Клиниката за дентална патологија и терапија при ООЗТ Стоматолошки клиники. Била член на стручното гласило на стоматолозите од Македонија „Македонски стоматолошки преглед“ од неговото основање во 1977 до 1980 година.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Цветковски“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 1597. Text "series " ignored (help)