Прејди на содржината

Молкот на морето

Од Википедија — слободната енциклопедија

Молкот на морето (француски: Le silence de la mer) е новела на францускиот писател Веркор, првобитно објавена во 1942 година.

За појавата на книгата

[уреди | уреди извор]

Во 1942 година, за време на германската окупација на Франција се појавила една книга со речиси луксузна опрема, која била испечатена илегално, а која уште во текот на војната станала славна и надвор од границите на Франција. Станува збор за книгата „Молкот на морето“ (Le silence de la mer), напишана во октомври 1941 година, во која главниот лик е еден германски офицер кој ја сака Франција. Книгата претставувала големо изненадување, така што се мислело дека е производ на германската пропаганда, како што тврдел Иљја Еренбург.[1]

Содржина

[уреди | уреди извор]

Дејството на новелата се одвива во Франција, за време на германската окупација во Втората светска војна. Во една куќа живеат еден средовечен човек и неговата внука. Во нивниот дом се доселува германскиот офицер Вернер фон Ебренак (по професија, композитор), кој е вљубен во Франција и кон домаќините се однесува со почит. Притоа, секој ден, офицерот ги посетува домаќините и ги изразува својот восхит кон Франција и вербата дека окупацијата ќе трае кратко време, по што ќе завладее мир меѓу двете земји. За време на неговите посети, домаќините постојано молчат, изразувајќи го својот отпор кон германската окупација. Уверувањата на офицерот се менуваат од корен по неговата посета на Париз, кога на средбата со неколку негови пријатели од армијата тој го сфаќа ужасот на нацистичката идеологија. Потресен од сознанието, офицерот ја напушта Франција, пријавувајќи се за рускиот фронт.[2]

  1. Radivoje Konstantinović, „Pogovor“, во: Verkor, Ćutanje mora. Beograd: Rad, 1964, стр. 125.
  2. Verkor, Ćutanje mora. Beograd: Rad, 1964, стр. 125.