Модар дрозд

Од Википедија — слободната енциклопедија
Модар дрозд
Мажјак M. solitarius philippensis
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Семејство: Муварчиња
Род: Monticola
Вид: Модар дрозд
Научен назив
Monticola solitarius
(Linnaeus, 1758)

Модриот дрозд (науч. Monticola solitarius) е птица од семејството на муварчињата (Muscicapidae), која порано беше сместена во семејството на дроздовите (Turdidae).

Распространетост[уреди | уреди извор]

Оваа птица се размножува низ јужна Европа, вклучувајќи ја и Македонија, северозападна Африка, како и од централна Азија до северна Кина и Малезија. Европските, северноафриканските и јужноазиските птици обично се постојани жители, ако се изземат преселбите на кратки растојанија (од повисоките во пониските предели и сл.), а останатите азиски популации се преселници, кои зимуваат под Сахара, во Индија и југоисточна Азија. Овие птици се ретки посетители на северна и западна Европа.

Опис[уреди | уреди извор]

Големината на овие птици е колку сколовранците. Имаат должина од 21 до 23 см и имаат долг, тенок клун. Мажјакот, летно време е непогрешлив со своите модри пердуви на горниот дел, вратот и главата, темните крилја и ’рѓапортокалов стомак. Женките и младенчињата не се толку живописни, тие се темнокафеави одозгора и светлокафеави одоздола. И кај двата пола, на горниот дел од опашката го нема портокаловото како кај карпестиот дрозд.

Поведение[уреди | уреди извор]

Пеењето на модриот дрозд е слично како на карпестиот, чисто, мелодично, но е погласно. Животната средина на оваа птица се отворените планински предели, обично малку повисоко од карпестиот дрозд. Се храни со широк спектар инсекти и мали влекачи, а по потреба и со бобинки и семиња. Гнездото го прави во шуплините на карпите и гребените. Обично несат 3-5 јајца.

Во културата[уреди | уреди извор]

Модриот дрозд е национална птица на Малта и ја имаше на малтешката 1 лира, која беше дел од претходната валута на земјата.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. BirdLife International (2012). Monticola solitarius. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]