Мила Мирчева

Од Википедија — слободната енциклопедија
Мила Мирчева
Родена Милица Пејова
28 август 1939
Долни Лапац, Кралство Југославија (денес Хрватска)
Националност Македонка
Занимање стоматолог

Мила Мирчева (моминско: Пејова; р. 28 август 1939 во Долни Лапац) — македонски стоматолог, специјалист по детска и превентивна стоматологија.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Родена е во Долни Лапац на 28 август 1939 година.

Средно образование, гимназија, завршила во 1958 година. На Стоматолошкиот факултет во Белград дипломирала во 1964 година. Во 1972 година се здобила со звањето специјалист по детска и превентивна стоматологија. Во 1978 година, на стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје го одбранила хабилитацискиот труд. Со одбраната на докторската дисертација на Стоматолошкиот факултет во Скопје, во 1988 година, се здобила со научниот степен доктор на стоматолошки науки од областа детска и превентивна стоматологија.

Првото вработување на проф. Мирчева било во 1964 година, во Здравствената амбуланта при комбинатот „Борово“ во Борово (СР Југославија). Во 1965 година се вработила на Стоматолошката клиника, на Одделот за детска и превентивна стоматологија во Скопје. Во 1969 година била избрана за асистент на Катедрата за детска и превентивна стоматологија при Стоматолошкиот факултет во Скопје, а во 1972 година била преизбрана. Во 1979 година била избрана за доцент на истата Катедра, а во 1984 година за вонреден професор. Изборот за редовен професор на проф. Мирчева бил извршен во 1989 година, а во 1996 година била преизбрана во истото звање. Се пензионирала во 2004 година.

Била раководител на Клиниката за детска и превентивна стоматологија од 1990 до 1998 година, како и продекан на Стоматолошкиот факултет во Скопје во 1998 година.

Објавила над 105 научни трудови, а соавтор е и на учебникот „Детска и превентивна стоматологија“ и на „Македонско-германски стоматолошки речник“.

Во потесниот домен на професионален ангажман на професор Мирчева се психолошките аспекти во детската стоматологија. Нејзиниот интерес е насочен и кон проучување, преку примена, на современите материјали во превентивната и реставративната стоматологија во детската возраст.

За својата севкупна дејност професор Мирчева била наградувана со разни одликувања и награди: Орден на трудот со сребрен венец (1980) и Орден на трудот со златен венец (1989), двете од Претседателството на бившата СФРЈ, и плакети по повод одбележувањето на 30-годишнината, 40-годишнината и 45-годишнината од постоењето на Стоматолошкиот факултет во Скопје (1989, 1999 и 2004), повелба на Лекарското друштво на Македонија „Д-р Трифун Пановски“, за исклучителни резултати во унапредувањето на медицинската наука, практика и за развој на здравствената заштита (1996), плакета по повод 50 години на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” (1999).[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Македонска енциклопедија. II (I. изд.). Скопје: МАНУ. стр. 961. ISBN 978-608-203-024-1.
  2. „Проф. д-р Мирчева Мила – Стоматолошки факултет – Скопје“. Посетено на 2020-10-07.