Лудјек Кубеш

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Лудјек Кубеш (чешки: Luděk Kubeš; 13 ноември 1913 во Чешки Брод — 1996) — чешки архитект и урбанист, кој од 1947 година живеел и работел во Скопје. Работел на урбанистички планови на Скопје, како и на проекти за станбени блокови и објекти. Добитник е на неколку награди и признанија за придонесот во архитектурата и урбанизмот во Македонија.

Работна биографија[уреди | уреди извор]

Дипломирал на Високата школа за архитектура во Прага, Чешка. По дипломирањето основал свое проектантско ателјe во Прага и во чехословачките архитектонски кругови е повеќе познат како архитект и архитектонски критичар, отколку урбанист. По завршувањето на Втората светска војна бил директор на издавачката куќа „Свјет в образех“ и главен уредник на истоимениот орган на чешката влада.[1]

Во 1945 година, во време кога Кубеш бил главен уредник на државниот весник, на Првиот сесловенски конгрес во Братислава, Кубеш се сретнал со Димитар Влахов и Анте Чадиковски, Македонец кој живеел во прага.[1]

Во 1947 година на покана од Владата на НР Македонија, се преселил во Скопје и работел на урбанистичка студија за градот. Во период од 1956-1967 година работел во Заводот за урбанизам на Македонија како самостоен проектант. Работи во како самостоен проектант во проектантското биро ГП „Црвена ѕвезда“ од Гостивар, како и во ДЗ „Градба-проект“ од Скопје.

Во периодот од 1971 до 1973 година работел како главен проектант за архитектура и урбанизам во „Студиопроект“ во Скопје, а до 1984 година како самостоен проектант во ГП „29. Ноември“ во Скопје.

Концепт на работа[уреди | уреди извор]

Во периодот во којшто твори и работи во Чехословачка, скоро сите новопроектирани градови се под влијание на парадигмите на зонирање на CIAM (Meѓународен конгрес на модерната архитектура), со слободностоечки објекти втопени во зеленило, со особен акцент на ефикасен сообраќаен систем. Евидентно е буквалното применување на основните поставки на на „функционалниот град“ за зонирање на главните градски зони, обезбедување ефикасна циркулација преку модерен транспортен систем, обезбедување на отворен простор покрај функционалните зони и дозволување на соодветна субурбанизација. Во концепирање на одредени делови од градот применет е и моделот на „линеарен град“ , кој предвидува стриктна поделба на зоните во линеарни појаси.[2] Видливо е влијанието од поставките на модерната и во урбанистичкото планирање на Кубеш.

Во архитектонското творештво тој особено внимание посветува на рационалното решавање на функцијата и конструкцијата. Воведува еден вид динамизам во обликувањето на објектите, близок до архитектурата на Ерих Менделсон.[3]

Позначајни дела[уреди | уреди извор]

  • Идеен урбанистички план на град Скопје (1947 год.)
  • Генерален регулационен план на град Скопје (1948 год.)
  • Детални урбанистички планови за Скопје, Кочани и Кичево (1948 год.)
  • Станбени блокови во нас. Мичурин во Скопје (1948 год.)
  • Детално урбанистичко решение на туристичко рекреативен центар „Сарај“ во Скопје (1949 год.)
  • Летно кино со сцена во скопскиот парк (1949 год.)
  • Летен ресторан „Опатија“ во скопскиот парк (1952 год.)
  • Станбени објекти на ул. Орце Николов во Скопје (1952 год.)
  • Станбен блок со продавници во Ресен (1958 год.)
  • Туристичко рекреативен центар Македонија - Белви, Скопје (1970 год.), со А. Токарев и М. Токарев

Награди и признанија[уреди | уреди извор]

  • 1992 год. е добитник на наградата за животно дело „Андреја Дамјанов (награда)
  • 1993 год. е добитник на наградата на град Скопје „13ти Ноември“, за придонесот во развојот на урбанистичката мисла

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Стојаноска, Софија (11 октомври 2016). „Архитект Лудјек Кубеш“. МАРХ (македонски). Скопје. конс. 11 октомври 2016. 
  2. Пенчиќ, Дивна (Скопје, 2011). Влијанието на урбанистичките планови на дисконтинуираната просторна транзиција на крадот Скопје во XX век. 
  3. Токарев, Михаил (Скопје, 2006). 100 години Модерна архитектура, Придонесот на Македонија и Југославија (1918-1990)- книга трета. 

Литература[уреди | уреди извор]

  • Асоцијација на архитектите на Македонија,(Скопје, 2015 год.)„25 години награда за животно дело Андреја Дамјанов“,
  • Токарев, Михаил (Скопје, 2006), 100 години Модерна архитектура, Придонесот на Македонија и Југославија (1918-1990)- книга трета
  • Пенчиќ, Дивна (Скопје, 2011), Влијанието на урбанистичките планови на дисконтинуираната просторна транзиција на крадот Скопје во XX век.