Лицитар

Од Википедија — слободната енциклопедија
Изложбено-продажен штанд со лицитарски колачи во Чаковец

Лицитар е шарено-украсен колач од слатко тесто, кој традиционално се произведува во средишниот и низинскиот дел на Хрватска. Слаткарите кои го прават овој колач најчесто прават и други слатки од овој тип, како разни медењаци, напитоци од мед (медица, гвирц), свеќи, други ситни поклони направени од восок, и обично ги продаваат на панаѓури. Порано тестото се ставало во специјални, рачно направени, дрвени калапи, за да ја добијат саканата форма, а денес тоа се прави во лимени калапи, потоа се печат и бојат со овошни бои (црвена, жолта, зелена и бела) и се украсуваат со шеќерни украси, огледалца и слично. Лицитарското колаче најчесто се прави во облик на срце, венец, птица, коњ и друго.

Оваа традиција на правење на лицитарски колачи е запишана во пописот на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО на 15 јануари 2010 година.[1][2]

Лицитари од Самобор (Етнографски музеј во Загреб)

Историја[уреди | уреди извор]

Традицијата на изработка на лицитари започнала уште во средниот век, а во 16-ти и 17 век, во многу европски манастири, се правеле слични колачи и медењаци со помош на дрвени калапи. Во источноалпскиот регион, изработка на вакви колачи брзо прераснала во слаткарски занает кој подоцна се проширил и на други подрачја на Средна Европа и во панонските делови на Хрватска. Во 18-ти и 19 век, во градовите Загреб, Карловац, Копривница, Самобор, Вараждин, лицитарите биле видни слаткари и нивните производи биле омилени кај луѓето од сите сталежи.

Денес[уреди | уреди извор]

Обичајот да се дарува лицитар, со кој момчињата искажуваат љубов и верност кон девојките, како и украсувањето на божиќното дрво со ситни лицитарски колачиња, е длабоко вкоренет во хрватската култура (балетот Лицитарско срце од К. Барановиќ). Денес колачот лицитар е национален симбол и се продава како автохтон хрватски традиционален сувенир.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Лицитарски срца

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Opis nematerijalne svjetske baštine na službenim stranicama UNESCO-a (англиски)
  2. „Tri nova hrvatska fenomena na UNESCO-ovoj listi nematerijalne baštine | Vijesti na Putovnica.net“. Putovnica.net (хрватски). Посетено на 2018-05-18.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]