Прејди на содржината

Кинески боречки вештини

Од Википедија — слободната енциклопедија
Монах кој вежба кунг фу во бамбусовата шума во храмот Шаолин

Кинески боречки вештини, честопати нарекувани со заедничкиот термин кунг фу (кинески: трад. 功夫), кујошу (кинески: трад. 國術 ) или вушу (кинески: трад. 武術 ), се повеќе борбени стилови кои се развиле низ вековите во Кина.

Историја

[уреди | уреди извор]

Кинеските боречки вештини потекнуваат од потребата за самоодбрана, ловечките техники и воената обука во Древна Кина.[1][2]

Според легендата, кинеските боречки вештини настанале за време на полумитската династија Ксиа (夏朝) пред повеќе од 4.000 години.[3] Се вели дека Жолтиот цар (Хуанг Ди) (датум на вознесение според легендите 2698 п.н.е.) ги вовел првите боречки системи во Кина.[4] Жолтиот император е опишан како прочуен генерал кој, пред да стане водач на Кина, напишал долги трактати за медицината, астрологијата и боречките вештини. Еден од неговите главни противници бил Чи Ју (蚩尤) кому му се припишува создавањето на џиао ди, претходник на современото кинеското борење.[5]

Помеѓу XVI и XI век п.н.е., во династијата Ксиа, се појавува оружје изработено од бронза, сабји (Дао), секири (Џин), шлемови итн. Во овој период колите се користат како главно оружје во војувањето. Во дванаесеттиот век п.н.е., за време на владеењето на Ву Ји, историските записи наведуваат дека царот направил Оу Рен (човечка фигура од дрво) која се користела за вежбање Бо (борба без оружје).[6] Термините Вушу, Кунг Фу и други со кои се опишуваат боречките вештини во Кина се неодамна воведени зборови. Терминот кој најчесто се користи за опишување на боксот, Ќуан (拳), значи сила, а не бокс. Во средината на 16 век од нашата ера, се користи кованицата Ќуанјонг (拳勇) за да се опише боксот; особено во книгата „Епитаф за Ванг Женгнан“. Бо (搏) е можеби најстариот зачуван збор кој ги опишува кинеските боречки вештини.[7]

Модерна историја

[уреди | уреди извор]

Повеќето боречки стилови кои денес се практикуваат како традиционални кинески боречки вештини ја стекнале својата популарност во 20 век. Некои од нив вклучуваат Багуажанг, Пијан бокс, Орелска канџа, Пет животни, Ксинги, Хунг Гар, Мајмун, Бак Меи Паи, Северни богомолки, јужни богомолки, Фуџијан бел кран, Џоу Га, Винг чун и Тај чи чуан. Зголемувањето на популарноста на овие стилови е резултат на драматичните промени кои се случувале во кинеското општество.

Во 1900–01 година било кренато Боксерското востание против странските окупатори и христијанските мисионери во Кина. Ова востание своето име го добило според боречките вештини кои ги практикувале бунтовниците кои со заеднички термин на Запад се нарекувал кинески бокс.

Кинеските боречки вештини брзо се прошириле низ светот по завршувањето на Кинеската граѓанска војна и основањето на Народна Република Кина на 1 октомври 1949 година. Многу познати мајстори на боречките вештини избегале од НР Кина и се преселиле во Тајван, Хонгконг,[8] и на други места ширум светот. Мајсторите почнале да предаваат во прекуокеанските кинески заедници, но на крајот кинеските боречки вештини започнале да ги учат и луѓе од други етнички групи.

Во Кина, традиционалните боречки вештини не се практикувале за време на турбулентните години од Кинеската културна револуција (1969–1976).[9] Како и многу други аспекти од традиционалниот кинески живот, боречките вештини биле подложени на радикална трансформација од страна на Народна Република Кина за да се усогласат со маоистичката револуционерна доктрина.[9]

Потиснувањето на традиционалното учење било разлабевено за време на ерата на реконструкција (1976–1989), бидејќи комунистичката идеологија почнала да се прилагодува на алтернативните гледишта.[10] Во 1979 година, Државната комисија за физичка култура и спорт создала посебна работна група за преоценување на наставата и практикувањето на Вушу. Во 1986 година, бил основан Кинескиот национален истражувачки институт за Вушу.[11]

Кинеските боречки вештини се делат според:

  • Географската местоположба.
  • Способностите кои се развиваат.
  • Визуелната форма на изведување на вештината.
  • Други критериуми: лични имиња, симболи, филозофска содржина ...

Географска поделба

[уреди | уреди извор]

Основната поделба на кинеските боречки вештини е според географската местоположба во однос на реката Јангце. Така тие се делат на северни и јужни стилови. Во основа, тие се карактерираат со:

Северните стилови се познати по побрзо, помазно и главно подинамично движење, содржат акробатски движења (скокови, додавања, фрлања), нагласено удирање и работа со стапалата.
Јужните стилови се познати по кратки, помалку динамични, но силни и стабилни движења, нагласувајќи ја употребата на рацете и целото тело и фокусирајќи се на блиска борба.

Други поделби според географска местоположба може да бидат според:

  • Региони - провинции: Вештини од Хенан, Хебеј итн.
  • По географски области: Вештини од областа на Планината Сонг, Планините Вуданг, Планините Кунлун итн.
  • По име на местото на потекло или практика: Вештини од Пекинг, Тијанџин, Шангај итн.

Поделба според способностите кои се развиваат

[уреди | уреди извор]

Според оваа поделба, грубо разликуваме два типа на вештини: „внатрешни“ и „надворешни“ .

Надворешните боречки вештини треба да ја нагласат физичката вештина, брзината, силата, и се насочени кон експлозивна борба. Само во напредните фази, откако ќе се изгради „тврдото“ јадро, борачите треба да се насочат кон развој на духот и внатрешните потенцијали. Според тоа, „надворешни“ се речиси сите кинески боречки вештини.
За разлика од нив, внатрешните боречки вештини се насочени кон развојот на концентрацијата, умот и непреченото извршување на движењата. Оваа „мека“ вежба треба да биде насочена кон развивање на духот и внатрешните потенцијали. „Внатрешни“ се само мал дел од кинеските боречки вештини.

Оваа површна и поедноставена поделба е доста распространета, но честопати е погрешно разбрана. „Надворешното“ и „внатрешното“ се само два различни аспекти со слична цел. Така, „надворешните“ вештини, ако правилно се практикуваат, придонесуваат за развој на „внатрешните“ способности, а „внатрешните“ вештини можат да содржат многу елементи на „надворешни“ способности.

Оваа поделба во минатото се користела и за политички цели.

Поделба по визуелната форма на изведување на вештината

[уреди | уреди извор]

Оваа поделба е добро позната. Имено, многу кинески боречки вештини во своите движења се труделе да ги имитираат движењата и постапките на животните во природата и да ги усогласат и прилагодат во борбите со луѓето. Најпознати животни се: змеј, кран, тигар, богомолка, мајмун, змија. Некои вештини се целосно насочени на имитирање на движењата на само едно животно, а други содржат движења кои имитираат неколку различни животни. Во оваа поделба спаѓаат и други форми на кинески боречки вештини, како на пример таканаречениот „пијан бокс“, во која борецот имитира дека е во пијана состојба и станува непредвидлив за противникот поради неговата опуштеност и случајните движења на „пијаниот“.

Поделба по лични и симболични имиња

[уреди | уреди извор]

Оваа поделба на кинеските боречки вештини е според името на основачот, или името на познато семејство кое ја развило или раширило вештината.

Вештините може да се именуваат и по симболи или метафори, на пр. вештина на „топовска тупаница“, вештина „раката на ветрот“ итн.

Филозофско-верска поделба

[уреди | уреди извор]

Според оваа поделба, кинеските боречки вештини се делат според содржината на филозофијата, религиозните симболи и верувањата. Така се разликуваат будистичките, таоистичките и исламските боречки вештини. Оваа поделба станала „несоодветна“ во Кина по Втората светска војна поради забраната на религијата.

Познати практичари

[уреди | уреди извор]

Примери на добро познати практичари (武術名師) низ историјата:

  • Јуе Феи (1103–1142 н.е.) бил познат кинески генерал и патриот од династијата Сонг. Се смета дека ги создал стиловите орелска канџа и синиќуан. Сепак, не постои историски доказ за поткрепа на ова тврдење.
  • Нг Муи (крајот на 17 век) била легендарна жена-основач на многу јужни боречки вештини како Винг Чун и Фуџиски бел кран. Таа се смета за една од легендарните пет старешини кои го преживеале уништувањето на Шаолинскиот храм за време на династијата Ќинг.
  • Јанг Лучан (1799–1872) бил важен учител на внатрешната боречка вештина позната како Тај чи чуан во Пекинг во втората половина на 19 век.
  • Десет тигри од Кантон (крај на 19 век) била група од десет најдобри мајстори за кинески боречки вештини во Гуангдонг (Кантон) кон крајот на династијата Ќинг (1644–1912). Вонг Кеи-Јинг, таткото на Вонг Феи Хунг, бил член на оваа група.
  • Вонг Феи Хунг (1847–1924) се сметал за кинески народен херој за време на републиканскиот период. За неговиот живот биле снимени преку сто филма во Хонгконг.
  • Хуо Јуанџиа (1867–1910) бил основач на атлетското здружение Чин Ву, познато по неговите натпревари со странци. Неговата биографија неодамна била прикажана во филмот Бестрашен (2006).
  • Ип Ман (1893–1972) бил мајстор на Винг чун и прв кој отворено го предавал овој стил. Бил учител на Брус Ли.
  • Брус Ли (1940–1973) бил кинеско-американски практичар на боречки вештини и глумец кој се сметал за важна икона во 20 век. Практикувал Винг чун и ја прославил оваа вештина. Користејќи ја Винг чун како основа и учејќи од влијанијата на другите боречки вештини, тој подоцна развил своја сопствена филозофија за боречки вештини која еволуирала во она што сега се нарекува Џит кун до.
  • Џеки Чен (р. 1954) е познатиот боречки практичар, филмски глумец, каскадер, акционен кореограф, режисер и продуцент и глобална икона на поп културата од Хонгконг, широко познат по вметнување физичка комедија во неговите боречки вештини и изведување комплексни акробации во многу негови филмови.
  • Џет Ли (р. 1963) е петкратен шампион во спортско вушу на Кина, подоцна ги покажувал своите вештини во кино.
  • Дони Јен (р. 1963) е глумец од Хонгконг, боречки практичар, филмски режисер и продуцент, акционен кореограф и освојувач на медали од светски турнири во вушу.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Van de Ven, Hans J. (October 2000). Warfare in Chinese History. Brill Academic Publishers. стр. 328. ISBN 90-04-11774-1.
  2. Graff, David Andrew; Robin Higham (March 2002). A Military History of China. Westview Press. стр. 15–16. ISBN 0-8133-3990-1. Peers, C.J. (2006-06-27). Soldiers of the Dragon: Chinese Armies 1500 BC–1840 AD. Osprey Publishing. стр. 130. ISBN 1-84603-098-6.
  3. Green, Thomas A. (2001). Martial arts of the world: an encyclopedia. ABC-CLIO. стр. 26–39. ISBN 978-1-57607-150-2.
  4. Bonnefoy, Yves (1993-05-15). Asian Mythologies. trans. Wendy Doniger. University Of Chicago Press. стр. 246. ISBN 0-226-06456-5.
  5. Zhongyi, Tong; Cartmell, Tim (2005). The Method of Chinese Wrestling. North Atlantic Books. стр. 5. ISBN 978-1-55643-609-3.
  6. Kang Ge Wu, The Spring and Autumn of Chinese Martial Arts -5000 years- Plum Publishing, 1995, p.17-20, 21-22, 23-24, 40
  7. Stanley Henning, What’s in a Name? The Ethimology of Chinese Boxing. JAMA V.10 N.4, 2001, 9-12,.
  8. Amos, Daniel Miles (1986) [1983]. Marginality and the Hero's Art: Martial artists in Hong Kong and Guangzhou (Canton). University of California at Los Angeles: University Microfilms International. стр. 280. ASIN B00073D66A. Посетено на 2011-12-07.
  9. 9,0 9,1 Fu, Zhongwen (2006) [1996]. Mastering Yang Style Taijiquan. Louis Swaine. Berkeley, California: Blue Snake Books. ISBN 1-58394-152-5.
  10. Kraus, Richard Curt (2004-04-28). The Party and the Arty in China: The New Politics of Culture (State and Society in East Asia). Rowman & Littlefield Publishers, Inc. стр. 29. ISBN 0-7425-2720-4.
  11. Bin, Wu; Li Xingdong; Yu Gongbao (1995-01-01). Essentials of Chinese Wushu. Beijing: Foreign Languages Press. ISBN 7-119-01477-3.